Култура

„Скопје 2014“ – море од стилови без идејна потпора

Во секој период треба одново да се прават обиди да ја оттргнеме традицијата од конформизмот што сака да ја надвладее: Валтер Бенџамин

Ме изненади кичот, ме стаписа невкусот. Но, најмногу ме погоди кратковидоста на власта и недостигот од елементарно чувство за естетика. Идејниот проект „Скопје 2014“ е пастиш, море од стилови без идејна потпора. Слепото преземање и копирање референци не може да функционира без длабока идејна замисла. А каде и во што да ја пронајдеме и да ја препознаеме романтичарската идеја или патриотската симболика? Дали во изветвената неокласична естетика, претставена преку безбројни антички колонади, во необарокниот стил на куполи и расчленети натрупани фасади, во триумфалистичката иконографија или во неореалистичките скулптури (иако единствено кај последниве има историски континуитет)?
Повикувањето на големите историско-уметнички правци е нецелисходно, ако не е поткрепено и со искристализирана идеолошка матрица, а нивното празно аплицирање доведува до т.н. неоеклектизам применуван и денес во американската станбена архитектура, попознат како стил Мекпалата. И доколку, како што кажа ценетиот Александар Станковски, следбениците на модернизмот и постмодернизмот се’ уште кршат копја околу превласта и улогата на двата „изума“ во современото општество, и ако власта (или уметниците и нејзините советници) претендира да го окарактеризира архитектонското обликување на центарот на Скопје во функција на постмодернизмот, треба ли идејниот план да го гледаме со доза на иронија или, скраја да е – хумор?
Но, дали авторите (архитекти и скулптори) се дораснати себеси и своите дела да ги гледаат низ призмата на постмодернизмот. Мислам дека не. Го нема „цитатот, отсуствуваат разиграноста и хуморот, тие себе си се сфаќаат премногу сериозно, а недостасува и инвентивноста. Наместо апотеоза на генијот, има лажно величање на вкусот на порачателот. Иронично е залагањето за некаква национална порака во целиот проект, а во исто време враќање кон естетиката на окупаторските војски. А не велам дека не треба да се почитуваат достигнувањата на европските или, подобро речено, балканските“ културни придобивки. Сепак, тоа се достигнувања на експанзионистичките политики на младите деветнаестовековни балкански нации. Митологизацијата на личностите или на настаните од сопствената историја е еден од начините преку кој се гради и ја зајакнува нацијата. Но, дали ние, допрва, на почетокот на 21 век, ќе го живееме својот национал-романтичарски сон? Зарем почетокот на деведесеттите години од 20 век, со целиот свој ужас, не ја покажа опасноста од будење на овие утопистички проекти. Тоа време, за среќа, ја одмина Македонија.
Скопје, за жал, ја доживеа несреќата да биде жртва на катастрофален земјотрес и од тоа нема враќање назад. И на оние што сакаат, во името на носталгијата, да се навраќаат на времето пред педесетина години, градските татковци (или иницијативниот одбор за обновување на предвоениот театар) им го подарија старо-новиот театар. А останатите – треба да се свртиме кон иднината. Се’ друго е анахронизам. Доколку сакаме трумфални порти, треба да се стремиме не кон париската Триумфална капија, туку кон големата Арка од Дефанс. Доколку копираме пирамиди, пример да ни биде стаклената пирамида на И. М. Пеи. Доколку градиме цркви, идеалот да го гледаме во Роншамп на Корбизје. Или, пак, ако повеќе милувате, да се потсетиме и на византискиот император и наш сограѓанин Јустинијан I, кој бил доволно доблесен за реновирање на црква „Св. Софија“ во Константинопол/Истанбул, да повика не ѕидари, кои би го повториле стилот на претходната, престолничката катедрална базилика, туку иновативните градители и визионери Исидор и Антемиј. Владетелите во историјата се паметат толку колку што имале самосвест да го препознаат и да го негуваат уметничкиот гениј, а не плагијаторот.
И, конечно, дали сакате идните генерации да го паметат (и исмеваат) нашето Скопје како што денес служи за потсмев Народна палата на Чаушеску? Јас не. Плоштадот треба да се дообликува, кејот треба да заживее, Скопје треба да заличи на главен град, но како модерна, современа метропола што нема да се срами да го дочека 22 век. Отворена и конструктивна дебата по сите прашања мора да има. Авторите на објектите или идејните решенија да се именуваат и јавно да излезат во одбрана на своето дело. Повиканите автори, авторитети и советници што го одобриле планот да се произнесат по сопствените позитивни оцени или негативни забелешки. Иницијаторите на проектот не’ убедуваат дека е создадено „ремек-дело“, но авторите молчат. Може ли себе си да си признаат дека со чиста совест и интегритет го изнедриле своето идејно чедо? Но, не’ оставајте да не’ гризе црвот на сомневање дека по диктат се создавале уметничките творби! Економската зависност од мецената низ историјата произведувала сервилни творци. Затоа, таму каде што недостасува здрава конкуренција меѓу сопствениците на капиталот се раѓа затвореност и стагнација.
Во Македонија, Владата како главен инвеститор на капитални објекти, преку економски механизми ги обезгласи архитектите, но и слободоумните граѓани. Дајте го својот глас како протест. Понудете ја вашата креативност како бариера против невкусот. Предложете алтернатива. Затрупајте не’ со инвентивни творби и иновативни идејни проекти. Се’ е подобро од резигнираност и очај.

Текстот е објавен на 23.02.2010 во Утрински весник

Автор: Петрула Костовска – доктор по историја на уметност

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *