Култура
mlaka

Археолошкиот локалитет Млака загрозен од изградба на новиот пат

Во селото Шупли Камен, оддалечено десеттина  километри од Куманово, се наоѓа праисториски локалитет што не е регистриран во археолошката карта на Република Македонија. Луѓето кои знаат за овој локалитет, наречен Млака, меѓу кои е и Драган Петрушевски, дипломиран археолог, ја анимираше јавноста за опасноста  дел  од него да биде уништен со изградбата на патот кој се планира да поминува низ него. Според наодите, кои се гледаат со голо око, а тоа се разни испокршени парчиња од керамика и парчиња од сечен камен, локалитетот датира од неолитот и енеолитот.  Низ овој локалитет е планирано да помине пат со ширина од 10 метри и според првична проценка минимум  50 метри ќе навлезе во должина, а веројатно  патот ќе влезе во  поголем дел од локалитетот.  Механизацијата веќе работи на трасата и патот кој сега е поширок од постоечкиот а на некои места излегува од стариот пат,  е донесен до самиот локалитет.

mlaka

Изведувачот беше изненаден дека се работи за локалитет, бидејќи според документите што тие ги поседуваат, на овој дел не постои локалитет, и тие се сосема во право.  Во Македонија постојат многу локалитети, кои  сеуште не се влезени во археолошката карта на Р. Македонија.  За некои,  како што е локалитетот Млака во селото Шупли Камен, луѓето знаат дека постои локалитет, но за многу  од нив се дознава дури кога ќе почне да се гради некој пат или објект.

Дека постои археолошки локалитет на крајот од селото Шупли Камен,  Драган Петрушевски  многу порано ги има информирано Музејот на Куманово и Управата за заштита на културното наследство на Р. Македонија.  Сега, кога претеше опасност од вклучување на тешката механизација  повторно беа информирани Музејот на Куманово и Управата за заштита.  Работата била стопирана по посетата на вработените од надлежните институции.  Инаку, овој локалитет е евидентиран од страна на Заводот – Музеј во Куманово што значи дека има број на евиденција.

Според Јован Ристов, поранешен директор на Националниот конзерваторски центар, институцијава треба во рок од три дена, по поднесената пријава, да направи увид во состојбата и да изврши валоризација на локалитетот.  За жал тој потсети дека Македонија и после 10 години нема мрднато во евиденцијата на археолошките локалитети. Имено, ако пред десет години беа зацртани обврските на институциите, музеите да ја водат основната евиденција,  Националниот конзерваторски центар  треба да ја води матичната евиденција а Управата за заштита на културното наследство ја води централната евиденција. За жал иако и формално минатата година на 24 декември се воведе обврска за водење на АРХЕОЛОШКИ катастер, се уште ништо не е почнато, вели Јован Ристов.

Археолошката карта каква што ја имаме денес е издадена од МАНУ и таа не е службена документација туку претставува извор на научна документација. Од регистрираните 5000 локалитети  само 102 локалитети се заштитени, што е сосема минорен –  еден процент.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *