Култура
roman na godinata 2014

„Балканвавилонци“ е „Роман на годината“ за 2014 на Утрински весник

Романот „Балканвавилонци“ од писателот, академик Луан Старова е избран за „Роман на годината“ за 2014 година што оваа година Утрински весник ја додели по 16 пат. На конкурсот пристигнаа 32 романи напишани на македонски јазик, од кои во најтесен избор беа и романите: „Куфер за тројца“ на Живко Грозданоски, „Вишнова хроника“ на Фросина Пармаковска, изданија на „Или-или“, како и „Гаргара“ на Игор Станојоски во издание на „Панили“.

Романот „Балканвавилонци“ е кулминативна точка на долгата романескна низа (балканска сага) на Луан Старова. Станува збор за комплексно, слоевито и ерудитивно дело кое може да се нарече,  роман-енциклопедија, роман-библиотека, или роман-океан. Благодарение на спокојното и минуциозно водената нарација, во која се вткаени вешто портретираните ликови на двајца интелектуалци Таткото и Климент Камилски, како и на нивните фасцинантни разговори и духовни хоризонти, читателот е исправен пред невралгичните пунктови на балканската културна и јазична историја, како и пред лавиринтите на балканскиот менталитет и сензибилитет. Суптилно реферирајќи на некои од стожерните библиски митови (пред се, легендата за Вавилонската кула), асоцирајќи на шармот на Платоновите дијалози во кои соговорниците ги вкрстуваат аргументите и светогледите, како и надоврзувајќи се на некои од клучните столбови на европската романескна традиција (пред се, Сервантес и Флобер), Луан Старова создал интелектуално заводливо, епски кохерентно и драматично четиво за културните проникнувања меѓу балканските народи, засведочени во јазичното наследство“, е посочено меѓу другото во образложението за наградата.

luan starova

Академик Луан Старова

Извадок од романот „Балканвавилонци“ од Луан Старова, издание на Македонската академија на науките и уметностите

Долго време Климент Камилски и Татко до доцна во ноќите, но неретко и до утрини, во нивната стратегија за спасувањето на детето на Балканот, односно и нивните чеда и потомци, по задлабоченото и меѓусебно реферирање за книгите кои беа донесени од Париз – за балканските јазици и јаничарството, не можеа конечно да се согласат која тема од овие две ќе биде приоритетна во нивното разгледување. Татко инсистираше дека би можеле да се разгледуваат и паралелно, зашто сите тајни на човековото постоење се во јазикот, вклучувајќи го тука и јаничаризмот.

Климент Камилски настојуваше првин да навлезат што подлабоко во балканските јазици, а потоа да се остави одделно простор и за јаничаризмот, па изведените заклучоци од обата феномена на крајот да се споредат.

Камилски, надоен со научен сорбонски дух, веруваше дека овој пристап методски би бил поуспешен. Тој потоа рече дека Татко со идеите на Фаик Коница за супериорноста на природните над вештачките јазици, за кои добил поддршка од авторитетни умови на времето како Гијом Аполинер, Реми де Гурмон и други, веќе проникнал во успешното толкување на релацијата вештачки јазици – јаничаризам во генералната тема која им беше од заеднички интерес.

Татко на крајот се сложи со идејата на Климент Камилски, но сега преостануваше да се прецизираат конкретните области на балканските јазици врз кои ќе работат и на кои ќе ги насочат заклучоците во функција на потрагата по изнаоѓање на спасоносни идеи за иднината на нивните чеда и потомците на Балканот.

И обајцата имаа чувство дека се блиску до вистинското решение, до вистинската тема, но нешто истовремено ги оддалечуваше, обесхрабруваше. Се согласија едно време да не се гледаат и секој да размислува во својата библиотека. Утврдија и ден кога да се сретнат.

Мајка ми се чудеше што го нема Климент Камилски, порано не ќе минеше ден без тој да биде тука, или Татко одеше кај него.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *