Култура
artefakt

МАНД: На местото на вистинските виновници, се најде самото културно наследство

 

Соопштение од Македонско Археолошко Научно Друштво до јавноста:

Одлучивме да ги искажеме нашите ставови во врска со два немили настани случени неодамна –кражбата на драгоцени археолошки предмети од Музејот на Македонија и неправеднотo осудување на нашите колеги вработени во таа установа. Воедно го користиме овој повод да иницираме поширока јавна дебата за многу наталожени проблеми во сферите на археологијата – професијата на која припаѓаме, а која е задолжена за откривање, проучување, заштита и презентација на културното наследство на нашата држава. Почитувани граѓани, македонската археологија не претставува копање, крадење, продавање и оттуѓување на националното археолошко богатство. Таа не треба да се изедначува со несовесното работење, пречекорувањето, искористувањето или какво било друго злоупотребување на службената положба и овластувањата на вработените во музејските институции, Универзитетот или Министерството за култура. Меѓутоа:

– сè додека се во сила несреќни, неевропски и неспроведливи законски и подзаконски решенија, а се однесуваат на културното наследство и неговата заштита,

– сè додека жестоко се казнуваат музејски установи и нивни вработени, без да се постави елементарното прашање од страна на креаторите на вакви закони, како е можно сите музеи во оваа држава во долга низа години да грешат на истоветен начин,

– сè додека манипулативното толкување на овие закони внесува наши почитувани и чесни колеги во притворските и затворските одделенија,

– сè додека нема јасно дефинирана стратегија за заштита на културното наследство што ќе биде донесена после една опсежна и транспарентна стручна дебата,

– сè додека буџетските средства за заштита на културното наследство варираат со брзина од 0 до 100 и назад до 0, во целосен дисбаланс со институционалните капацитети и потреби,

– сè додека депоата во македонските музеи се импровизирани простори што не ги исполнуваат основните стандарди и наместо да ја обезбедуваат, ја загрозуваат безбедноста на музејските предмети и на кустосите што работат со нив,

– сè додека музејските публикации и археолошките научни трудови и студии се објавуваат при речиси празни и неупотребливи стручни библиотеки,

– сè додека неукиот збор е замена за стручното знаење и научното толкување –

– дотогаш ќе остане горчливиот факт дека наместо вистинските виновници, на обвинителната клупа се најде самото културно наследство: понижено, незаштитено, изнесено преку граница, украдено, секогаш од непознати сторители….

И сооопштуваме на македонската јавност дека најрешително ќе се бориме за дигнитетот на нашата професија, за археологијата како фундаментална наука за човекот. Со најискрена човечка и професионална намера ќе продолжиме да отвораме јавни дебати во медиумите и во надлежните институции, исто така. При тоа, убедени сме и дека изминатите години на интензивна работа на генерации археолози не беа залудни – дека сè уште има надеж да победи вистината.

Во таа насока, ги охрабруваме надлежните институции да започнат ефективно да се борат против кражбите, оттуѓувањата и другите форми на загрозување на културното наследство. Посакуваме што поскоро да се откријат вистинските сторители на овие недела, а украдените предмети да бидат вратени во нивната најприродна околина – музеите и јавните установи задолжени за нивна стручна заштита и презентација.

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *