Култура
arheolozi

Странски археолози ќе истражуваат наш локалитет со наши пари

Во наредните четири години ќе се истражува Костоперска карпа, позната како наша мала Света Гора под раководство на археолози од Англија и од Македонија. Овој проект ќе биде реализиран под раководство на професорката д-р Драгана Младеновиќ од Универзитетот од Southampton, за ко-раководители се назначени професори од Oxford и Edinburg , додека од Македонија ќе учествува Дејан Ѓорѓиевски  од Музејот Куманово.

Костоперската карпа се наоѓа во Младо Нагоричане во Куманово, на оддалеченост од девет километри од градот. На левата страна од патот, се издига рид на кој се гледа црквата „Св. Петка’, којшто продолжува во височина и  завршува со карпа со необичен, впечатлив изглед. Таа е позната и како  Жеглиговски Камен и е дел на низата од пет вулкански висови кои, начичкани еден до друг, ќе ги забележи секој што патува по овој патен правец.

arheolozi-2

Најстарите траги и пронајдоци потекнуваат од енеолитот, а откриени се и предмети од железното време. Остатоците од керамика, изработена по углед на хеленистичкиот период, потекнуваат од IV-III век п.н.е., а најголемиот материјал потекнува од доцната антика, односно од IV-VI век од новата ера. Откриено е постоење и на објект за кој се претпоставува дека претставувал базилика, потоа траги од бедем, како и седум средновековни гробови. Последните наоди се од времето на турското владеење.

На археолошкиот локалитет Костоперска Карпа е откриено постоење на повеќеслојна населба со континуиран временски и културен живот. Црквата „Св. Петка” под Костоперската карпа е изградена во 1682 година, во околината има многу стари гробишта, а тука се наоѓа и црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“.

Проектот ќе трае до 2018 година. Фокусот на истражувањето е ставен на Кoстоперската карпа. Ќе се работи со геоскенирање и археолошко сондирање. Археолозите од Англија ќе употребат нивни инструменти, додека нашите ќе користат инструменти набавени од Шведска. Инаку се претпоставува дека на ова место, некогаш, се наоѓале повеќе од 20 цркви, најмалку три населби, по што и го добило името мала Света Гора. Според археолозите на овој простор се наоѓа и ранохристијанска базиликална црква, која се користела за погребување, како и остатоци од средновековни ѕидини. Особено се издвојува подземна просторија која сеуште не е доистражена.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *