Култура
saem na kniga

Отворен 27 саем на книгата

На Скопскиот саем, вчеравечер, официјално беше отворен 27. Саем на книгата, најзначајна манифестација од областа на книжевната и издавачката дејност

Од денес до 11 мај , посетителите ќе можат на Саемот да ја посетат една од најзначајните културни манифестации, со најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии, дела од културата и од уметноста.

На Саемот ќе се претстават повеќе од 70 издавачи од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Шведска и Италија. Во Галеријата во Метрополис арена ќе има промотивно катче каде ќе бидат промовирани новите наслови годинава, со литературни читања и обраќања на еминентни автори од оваа област кои одново ќе ја истакнат моќта на пишаниот збор.

saem na kniga

Традиционално и годинава Здружението на издавачи и книжари ќе ги додели наградите на учесниците на Саемот на книгата поделени во пет категории: најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема, најдобро ликовно графичко обликување и дизајн на книга или едиција, најдобро илустрирана книга или сликовница, награда „Јаков од Камена река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција, како и најдобар книжар меѓу двата саема.

Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност. Од 2008 година досега се издадени преку 4.200 книги и изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците, а откупени се над 47.000 публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државата. Министерството за култура издвои големи средства за проектите на приватните издавачки куќи, со особен акцент на поддршката за квалитетни дела од македонски автори, квалитетни преводи на светски бестселери, дела на добитници на престижни признанија и издавање стручна литература која е од огромна полза во образовниот систем, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на вчерашното отворање на 27. Саем на книгата.

Работното време на Саемот на книгата ќе биде од 10 до 20 часот, влезниците се 30 денари, а за организирани посети 20 денари.

Tagged with:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *