Култура
creative europe

Потпрограмата „Медиа“ на ЕУ отворена за македонските медиуми

Потпрограмата „Медиа“, која е интегрален дел на Програмата на ЕУ „Креативна Европа“ за периодот 2014-2020, е достапна и за македонските медиуми зашто Република Македонија и македонскиот аудиовизуелен сектор официјално станаа нејзини полноправни учесници. За оваа потпрограма е наменет најголем дел од вкупниот буџет на „Креативна Европа“ (56 отсто,  односно 800 милиони евра на европско ниво).

„Медиа“ досега не беше отворена за македонските медиуми поради неусогласенот на домашната со европската легислатива (Директивата на ЕУ). Конкретна пречка беше членот за саморегулација на медиумите кој постоеше во почетните верзии на законите (Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги и Законот за медиуми), но беше повлечен од Министерството за информатичко општество и администрација.

Министерот Иво Ивановски денеска на прес-конференција рече дека претставниците на Европската комисија направиле анализа по која оцениле дека според нивните критериуми саморегулацијата на медиумите во РМ функционира одлично. Тоа, додаде Иваноски, се должи на Саморегулаторното тело креирано од македонските медиуми.  Позитивната оценка му била  соопштена минатата недела во Брисел.

–  Сите медиуми во Република Македонија сега ќе имаат можност да аплицираат за финансиските средства на Европската унија и со тоа да креираат аудиовизуелни дела коишто ќе бидат поквалитетни, и во содржина и во начинот на нивната обработка, и со тоа да се освојуваат други пазари, односно да се креираат содржини кои ќе може да се продаваат надвор од територијата на Македонија. Значајно е и тоа што потпрограмата „Медиа“ отвора простор за креирање видеоигри. Пазарот на видеоигри е еден од најголемите во информатичкиот сектор, имаме средни и мали претпријатија во Македонија кои веќе активно се занимаваат со креирање на видеоигри. За нив сега се отворени овие фондови од ЕУ, рече Ивановски и апелираше до вработените во аудивизуелниот сектор да ги искористуваат средствата кои се на располагање.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека „Медиа“ ќе биде голем предизвик и очекува таа да биде добро искористена како што добри резултати и искористеност има во „Култура“, исто така потпрограма на„Креативна Европа“.

– „Медиа“ обезбедува поддршка на конкретни професионални потреби за претставниците на овој сектор, поддршка на иницијативи за дистрибуцијата на аудиовизуелните дела и нивни пристап до пазарите; иницијативи за развој напроекти или збир на проекти; поддршка за продукција на телевизиски програми или видеоигри; активности за развој на публиката, мерки преку кои ќе се олесни меѓународната копродукција; активности за градење вештини и капацитети на професионалците во аудиовизуелниот сектор и многу други придобивки, рече Канческа-Милевска.

Република Македонија пред точно една година (22 јули 2014) со Европската унија го потпиша Договорот за учество на нашата земја во „Креативна Европа”, програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори за периодот од 2014-2020. Таа е продолжение од претходната програма, Култура 2007-2013, која во Македонија беше успешно имплементирана –  за шест години беа поддржани  58 проекти, а корисниците од издавачкиот сектор во РМ реализираа над 2 милиони евра.

И во новата програма „Креативна Европа“ исто така се покажуваат резултатите. Како што соопшти министерката, за две години наши национални установи, невладини организации и издавачки куќи учествуваат во 21 проект поддржани од потпрограмата „Култура“ на „Креативна Европа“.

Текстот во целост е преземен од веб страната на Министерството за култура

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *