Култура

Завршена конзервацијата на „Успение на Пресвета Богородица“

Завршија годинашните активности за конзервација на фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во битолското село Велушина  од страна на стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, соопшти Министерството за култура. Годинава интензивно се работеше  на конзервацијата на ѕидното сликарство со хронолошки сликарски слоеви од XII до XIX век.

За ова битолско село, првите и најсигурни податоци за постоење, датираат од XV век. Во пописот што го направи Турската администрација на населението во Турското царство во 1468 година, а со кој е опфатена и Битолската нахија, селото е забележано во формата Велушино. Истата форма се среќава и во следниот попис сто години подоцна односно во 1568 год. Почнувајќи од XVIII век турските документи покрај првата ја забележуваат и другата форма – Велушина. Таа станува понатака стандардна и неа ја следат сите битолски документи (сиџили) кои се водат од XVII-XIX век.
Во изминатиот период биле извршени археолошки истражувања и биле откриени темели од постар сакрален објект од VI век. Направена е и целосна дренажа на црквата, со што овој значаен споменик на културата е заштитен од влага.  Завршени се истражувањата врз живописот во олтарот, наосот и нартексот на површина од 300 метри квадратни, по што е изработена прецизна дигитална и техничка документација.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина е комплексен објект со досега констатирани четири фази на градба – од крајот на X и почетокот на XI век, потоа XII и XIII век, а во текот на XVIII и XIX век била извршена најголемата реконструкција на црквата. Наредната година ќе продолжи конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која е од исклучително културно значење за битолскиот регион, но и за целата држава.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *