Култура
filharmonija vo new york

Овации за Македонската филхармонија, Дуке Бојаџиев и Каролина Гочева во Њујорк

Македонската музика наиде на одличен прием кај американската публика, со долготрајни овации на крајот од концертот на Камерниот оркестар, засилен со Бојаџиев и Каролина Гочева  во престижниот Карнеги хол во Њујорк, кој има 125-годишна традиција и во кој редовно концертираат најголемите музички имиња на денешницата – јави Македонската телевизија

– Целиот концерт беше на македонски, среде Њујорк во Карнеги хол. И имав доста пријатели не-Македонци, половина од публиката беа од Њујорк или од светот, но беа сериозно воодушевени, особено луѓе што воопшто не слушнале за македонска музика. Ова им беше како еден огромен душевен удар, бидејќи сите беа огреани кога излегоа и ми пријдоа по концертот – изјави композиторот и пијанист Бојаџиев, кој работи во Њујорк.

filharmonija vo new york

Американската публика слушна музика изведувана на македонски јазик, како „Зајди зајди“, изведена и на традиционални музички инструменти.

– Ова беше навистина величествена изведба и концерт. Навистина сум искрено горда на сите македонски уметници, вклучувајќи ги, се разбира, и уметниците од Македонската филхармонија, на сето она што го претставија како врвна македонска култура и уметност. Горда сум на сите нивни успеси и тоа токму овде во најголемиот центар, во Карнеги хол, го потврдија преку овој навистина голем настан и за нив и за Република Македонија – изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Ова беше вториот концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Њујорк во два дена, по настапот во музичкиот центар Кауфман со кларинетистот Исмаил Лумановски.

Како што е најавено, промоцијата на македонската култура во американската метропола продолжува и денеска, при што министерката Канческа-Милевска, во Македонскиот културен центар во Њујорк, ќе се обрати на отворањето на изложбата на македонските реномирани уметници Ацо Таневски и Ивана Пирковска, како и на промоцијата на аудиоизданието со традиционални македонски изворни песни во издание на издавачкиот оддел на еден од најголемите музеи во Америка, „Смитсонијан музеј“. Изданието е поддржано од реномирана меѓународна фондација за музика и уметност, како и од Обединетата македонска дијаспора.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *