Култура
promocija na pravoslavna enciklopedija

Промовирана „Православна енциклопедија“, капитално енциклопедиско дело за православието во светот

Во Охрид, оваа недела, беше презентирано најголемото енциклопедиско дело посветено на православието во светот, специјалното издание на досега објавените 38 тома од големиот проект „Православна енциклопедија“, во издание на Руската православна црква, а под редакција на патријархот московски и на цела Русија, г. г. Кирил.

На свеченоста организирана од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Амбасадата на Руската Федерација во Скопје на која присуствуваа многубројни гости, меѓу кои поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан,  заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, специјалниот пратеник на претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка Михаил Швидкој, амбасадорот на Руската Федерација во нашата земја Олег Шчербак, беше истакнато дека „Православната енциклопедија“ е специјализирано информативно издание со две задачи – да даде сеопфатна информација од две илјадигодишната историја до информација за современата состојба на православната екумена, како и да ги запознае читателите со другите христијански конфесии и нехристијанските религии, а, исто така, со природните науки, култури, филозофии, уметности, политики повеќе или помалку поврзани со религијата. Особено внимание енциклопедијата посветува на црковниот живот во 20 век.

На промоцијата ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски потсети на блиските врски на братските народи на Македонија и на Русија, кои ги споделуваат заедничката православна традиција, заедничката култура и заедничките цивилизациски вредности.

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ во своето обраќање пред присутните истакна дека презентацијата на ова световно книжевно дело на македонска почва е од особено значење за нашата земја, но и за граѓаните бидејќи претставува прилог кон заемното збогатување, но и кон потврдувањето на постојаната размена на духот, верата и културата на нашите народи.

Директорот на „Православната енциклопедија“, Сергеј Кравец, на презентацијата во Охрид, истакна дека му претставува голема чест што е тука да ја претстави енциклопедијата, како што рече, „во земјата во која христијанството и православието живеат уште од апостолските времиња, земја која ни е многу драга и која ја чувствуваме како наша родна“.

Според него, засега е предвидено во томот на енциклопедијата за буквата „М“ за Македонија да бидат посветени сто статии и текстови, со забелешка дека е отворен просторот за дополнување и на веќе објавените изданија со текстови, за што е потребна активна вклученост на македонските истражувачи.

„Православната енциклопедија“ во Русија претставува научен центар, на чие печатено и електронско издание работат сто автори како редовно вработени, со повеќе од илјада автори како надворешни соработници. Институцијата „Православна енциклопедија“ е основана во 1998 година со одлука на претседателот на Руската Федерација и на тогашниот патријарх московски и на цела Русија, Алексеј Втори, како истражувачки центар во кој се обединети сите ресурси што ги поседуваат науката, државата и црквата.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *