Култура
skopje jazz festival

Скопскиот џез фестивал донесе квалитетна програма

Месецот октомври го краси и исполнува една содржина по којашто станува препознатлив, а тоа е одржувањето на  „Скопскиот џез фестивал“. И годинешниот 34- „Скопски џез фестивал“ го потврди своето реноме градено во изминатите години  и понуди една силна програма којашто  покажа една разновидност, влчучувајќи го класичниот џез но и пошироко, со учество на врвни музичари од САД и од повеќе европски земји.

Она што, за жал остана неизменето и упорно го прати Фестивалот е доцнењето на публиката. Помалку или повеќе, стана лоша навика да се доцни на речиси сите културни настани во градот, но за жал, доцнењето е најголемо на „Скопскиот џез фестивал„. Почнувањето на сите концерти е во 20 часот, така стои и на билетите и секаде каде што се објавени  информациите за концертите,  но тие секогаш започнуваат со доцнење од половина час. Но, и  тоа како да не е доволно за публиката, па таа  продолжува да ја пуни салата и по 20.30 часот, кога концертот е веќе започнат. Но ако ја изземеме оваа лоша навика кај „размазената“  публика, правдајќи се пред гостите –музичари,  дека, сепак нели, ова е Балкан и тие треба да имаат разбирање, и не можеме што друго да му замериме на Фестивалот.  Без оглед на околностите. Фестивалот успешно се носи и со најразлични турбуленци и финансиски проблеми. Оваа година поради немање на соодветен простор за одржувањ на концертите, мораше да се пресели во Македонската опера и Балет. Универзалната сала и „Скопскиот џез фестивал“  беа неразделни 33 години, помеѓу нив можеше да се подвлече знак за еднаквост, многу познати светски музички имиња изведоа  незаборавни концерти во овој објект и останаа запаметени од посетителите.

Сепак новата локацијата, иако беше услов за помал број на гледачи, донесе квалитетна програма, и уште еднаш ја потврди идејата,  како и многи години наназад, да биде репрезент на прогресивното и иновативното на сметка на комерцијалното.

Чест да го отвори Фестивалот му припадна на гитаристот James Blood Ulmer и неговата уникатна презентација на блузот – во исто време авангарден и традиционален. На вториот концерт во истата вечер публиката уживаше во оркестарот на Gioanluca Petrella и неговиот т оркестар „Cosmic Renaissance “.  Добитник на наградата „Џанго“ Petrella се смета за еден од најталентираните музичари на италијанската џез сцена кој се претстави со музика правена со сложени аранжмани, перфектно изведена од врвни музичари.

Втората вечер започна со соло изведба на пијано мајсторот Германецот Joachim Kuhn, познат на домашната публика од поранешните гостувања на Фестивалот.  Публиката уживаше во музика на еден извонреден виртуоз на пијано, којшто меѓу изведбите се обраќаше на публиката со негови доживувања, а една од приказните беше за саксофонистот Ornette Colman, по што изведе две негови композиции.  Потоа следуваше триото на еден од најголемите светски виртуози на контрабас, Avishai Cohen од Израел. Овој поранешен член на секстетот на Chick Corea, со негови 15 издадени албуми, направи публиката да бара три биса.  Симпатичниот и духовитиот Avishai често и се обраќаше на публиката, помеѓу изведбите, па така дознавме дека концертот во Скопје е девети по ред концерт во последните 10 дена. Во првиот дел од концертот се почна со бавни композиции, каде доминираа звуци на пијано и бас, за полека со побрзо темпо и динамика концертот да влезе во  неговата кулминација. Публиката уживаше во  музиката во која се препознаваа етно елементи, а публиката уживаше во гласовните потенцијали на  Avishai Cohen.

На третата вечер настапи уште еден соло изведувач на пијано, американецот Craig Taborn, кој после многу години настојувања и планирања, оваа година конечно тоа и се оствари. Концентрирајќи се повеќе на варијаци на тема, одејќи помалку во пијано истражувања, Craig Taborn стана досаден на публиката, што беше и подзасилено од исчекувањето на концертот на популарниот џез госпел и соул пејачот, Gregory Porter, добитник на „Греми“ награда. Уште со самото излегување на сцена, публиката одушевено го пречека и тоа одушевување го пратеше целиот концерт.  Нежен, силен глас, полн со топлина, Gregory Porter се покажа како вистински мајстор на пеењето.  Вистински мајстори во изведбата и инвентивноста се покажаа и музичарите во неговиот бенд, Chip Crawford пијано, Yosueke Saкo на саксафон, Jahmal Nichols на бас  и  Emanuel Harold на тапани.

Третата вечер настапи  Colin Stetson со својот огромен бас и тенор саксафон заедно со Sarah Neufeld на виолина од Канада.  Дел од изведените композиции припаѓаа на класичниот џез и на фри-џезот и блузот.  Повторувачките сегменти во изведените композиции на дуото потсетуваше на минималистичките композиции на американските музичари Philip Glass и на Steve Reich .

Концертот на шведската група Angles 8  го затвори фестивалот.  Нивната музика започнуваше со бавно темпо, за постепено да се развијат темите во убава мелодија  со сложени  и внимателно креирани аранжмани.

За време на одржувањето на Фестивалот, беше отворена изложба на фотографии од словенечки фотограф Петра Цвелбар која повеќе години е присутна на „Скопски џез фестивал“. Во фоајето на МОБ беа изложени 28 фотографии во црно-бела техника, секоја поставена на штафелај, снимени од разни фестивали во Европа и САД. Секоја од нив покажуваше еден заробен момент во најразлични пози и емоции од врвни музичари.

Скопскиот џез фестивал се труди секоја година да ги донесе најдобрите, авангардни,  возбудливи и иновативни уметници, а во тоа успеа и оваа година. Без оглед на околностите, што се резултат на политичките случувања во земјава, Фестивалот продолжува да ја оспорува традицијата и претпоставките, ги носи најновите трендови од светската џез сцена.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *