Култура
nedela na dizajn

Петтото издание на Недела на дизајн во Скопје

Петтата Недела на дизајн во Скопје (Skopje design week) започнува денеска и ќе трае до 29 ноември, а годинава се одржува на нова локација, во Центарот за дизајн и иновации Јавна соба,,што беше отворен минатиот месец.

Манифестацијата и оваа година ќе понуди предавања и работилници за дизајнери и архитекти со над 150 учесници од Македонија и од неколку земји, работилници за деца и музичка програма. Во фокусот на годинашното издание ќе биде изложбата „Млади балкански дизајнери“.

По повод малиот јубилеј, ќе бидат претставени околу 30 македонски брендови кои во изминатите пет години биле поддржани од „Скопје дизајн вик“. Целта е да се охрабрат дизајнерите и компаниите за нови производи кои ќе се пласираат како бренд во земјава и во странство, а Јавна соба во својот нов простор им нуди и работилница каде што може да развијат прототипови.

Директорот на „Скопје дизајн вик“ Александар Велиновски на прес-конференција рече дека со новоотворениот простор манифестацијата не трае само неколку дена, туку 365 дена зашто Јавна соба е отворена за секој креативец. Со целосното опремување на мајсторската работилница за прототипови во 2016, тој очекува во наредните години да се остварат над 150 нови македонски брендови – производи и услуги кои, како што рече, нема да бидат виртуелни, туку ќе ги има реално на пазарот. Посочи дека е важна поддршката на македонски брендови дома зашто од тоа зависи и нивната афирмација надвор од Македонија.

Според Марта Наумовска-Грнарова, програмски директор на „Скопје дизајн вик“, целта на организирањето на манифестацијата во 2011 била повеќе да се зборува за дизајнот, на студентите од факултетите за дизајн да им се донесат експерти кои ќе ја разбудат нивната креативност, а компаниите да ги научат како да инвестираат во дизајн. Таа рече дека по пет години, Неделата влегува во нова, транзициска фаза, во која треба да се покаже знаењето.

Новиот Центар за дизајн и иновации – Јавна соба, кој е единствен од ваков вид на Балканот како урбан, иновативен и мултимедијален простор, на дизајнерите им го обезбеди Министерството за култура.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска ја нагласи важноста на креативните индустрии на кои во последните три години им се посветува особено внимание, така што преку конкурсите, Министерството финансиски поддржа 150 проекти за овој сектор. Таа истакна дека овие проекти го унапредија развојот на креативните индустрии кои денеска веќе се препознаваат како важен економски ресурс. До 4 декември е отворен и четвртиот Конкурс за финансирање проекти од областа на креативните индустрии за 2016 година. Упатувам повик до сите млади дизајнери да аплицираат и да го насочат својот потенцијал и творечка енергија кон создавање производи кои уште еднаш ќе ја потврдат профитабилната димензија на културата.

Изложбата „Млади балкански дизајнери“ е поставена на потпокривното ниво од Центарот Јавна соба. Таа произлезе од Балканската дизајн-мрежа, формирана минатата година, и веќе успешно се промовира и надвор од границите на Балканот. По претставувањето во Истанбул, ќе патува во Будимпешта, а потоа во Келн – на најголемиот саем на индустријата за мебел.

Tagged with:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *