Култура
monografija za sveti naum

Промовирана монографија за манастирот „Свети Наум“ од Цветан Грозданов

Во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје, минатата недела  беше промовирана колор-монографија за манастирот „Свети Наум Охридски“ од академик Цветан Грозданов, капитално дело кое ги открива милениумските културни и уметнички слоеви на манастирот, еден од блескавите бисери на македонската црковна ризница.

Монографијата е во издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во обраќањето рече дека е неоспорно оти најголемата величина и значење на свети Наум се состои токму во неговата духовност, во неговата целосна

предаденост на бога и божјата волја. Книгава, која нему му е посветена, посочи г.г. Стефан, е поделена на три дела, а секој дел претставува своевидна целина.

Во првиот дел е претставен животописот на свети Наум преку еден од најстарите извори што постојат за него, но воедно се говори и за неимарската дарба на овој предан ученик и сотрудник на светите браќа Кирил и Методиј. Вториот е многу поконкретен и главно обединет околу една конкретна тема која ги опфаќа сите наслови – уметноста во манастирот „Св. Наум Охридски“.

Во третиот дел, се говори опширно и за култот на свети Наум, но не само во рамките на диецезата на Охридската архиепископија, туку и на други страни во опкружувањето, на Света Гора, до Виена и Мишколц. Потоа, нагласи поглаварот г.г. Стефан, се следи култот на свети Наум и во поновите историски раздобја, за време на просветителството во Македонија, но и во 19 и 20 век.

Монографијата е збогатена со прекрасни фотографии кои на свој начин сведочат за моменталната состојба на многуте артефакти кои се претставени преку нив – истакна г.г. Стефан и додаде дека овој значаен труд се промовира како најава на годинашното чествување на празникот и во предвечерието на годината во која ќе одбележиме 1100 години од упокојувањето на Светинаумовиот сотрудник – свети Климент Охридски.

На 360-те богато илустрирани страници на изданието со аналитички пристап се опфатени повеќето просторни и тематски целини од архитектурата на главната манастирска црква посветена на свети Наум, исклучително вредниот фрескоживопис кој сведочи за суптилниот и префинет дух на мајсторот од Корча, Трпо Зограф, потоа бесценетата резба на иконостасот кој е своевидно ремек-дело, како и иконите од Константин јеромонах сликани во 1711 година кои се особено значајно културно наследство создадено во 18 век.

Ова капитално дело, е книжевна рефлексија и научен доказ за значењето на црковната, градителската и уметничката традиција на овие простори која имала комплексни влијанија на славјано-византиската духовност. Таа нагласи дека монографијата е непроценливо богатство за сите стручни лица кои во наредниот период ќе се занимаваат со проучување на различните уметнички и научни аспекти на вредностите на културното наследство на Република Македонија. Ова вредно дело содржи поглавја кои се фундаментални и тие ги поставуваат основните методолошки принципи на кои ќе се надоградуваат подоцнежните историско-уметнички истражувања на уметноста на 19 век и Преродбата – истакна министерката за култура  Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека во монографијата академик Грозданов посветува внимание и на поновата историја на манастирот која на пошироките кругови на читатели, но и на експертите, им е малку позната, особено настаните коишто се одвиваат околу манастирот по Првата светска војна.

Според Канческа-Милевска, оваа монографија остава силен впечаток дека авторот остварил големо дело кое се вбројува меѓу капиталните дела посветени на културата и уметноста на Македонија и на Македонската црква од 18 и 19 век. Ова издание за манастирот „Свети Наум“ ќе остане ќе остане како трајно пишано сведоштво за богатото културно наследство што го поседуваме како земја, документ за нашето историско траење, за сите следни генерации, за македонската култура и за македонската држава од каде младите генерации ќе црпат многубројни сознанија. – додаде Канческа-Милевска.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *