Култура

Конзервација на „Св. Ѓорѓи“ – црква од 12 век во Курбиново

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола во изминатиот период интензивно работеа на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, проект кој се наоѓа во Програмата на Владата и на Министерството за култура и чија реализација се одвива во неколку последователни фази. Започнувајќи од 2013 година, беа извршени конзерваторски истражувања со кои беа опсервирани состојбите на архитектурата, сликарството и покривната конструкција на црквата која уште од 1952 е прогласена за споменик на културата.

Беше изработена анализа на актуелните аномалии и на статичката стабилност на градбата и почвата под неа, што беше остварено во соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Исто така, поставен е и привремен покрив над објектот за да може непречено да се одвива конзервацијата на архитектурата и на живописот во црквата, кој, според своите стилско-ликовни карактеристики, е пример за највисоките дострели во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност.

Во рамките на активностите, се појави и потреба од интервентни археолошки истражувања со кои се утврдени длабината и состојбата на темелите од различните страни на црквата. Оваа година се доработува проектот за конзервација на архитектурата на црквата и нејзино конструктивно зајакнување по што паралелно ќе се работи на конзервацијата на архитектурата и фрескоживописот. Сите активности за целосна конзервација на внатрешноста и надворешноста на оваа исклучително значајна црква се предвидува да бидат финализирани до крајот на оваа година.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *