Култура

Милчо Манчевски: Ако по срамот ја снема и казната, ќе станеме варвари!

Ова е шанса да се сврти нов лист и не треба да се пропушти, за да нема пак криминал, лажна демократија и племенски поделби, појави кои последниве години беа качени на стероиди, порачува Милчо Манчевски за Дојче Веле.

Не реагира само „пред дождот“ или во 90-та минута, не бара „мајки“ меѓу партиите, не се претвори во „сенки“ поради тутулите национален уметник и амбасадор на културата, и не ја „одработува“ пензијата со молк. Филмскиот режисер и сценарист и натаму крева „прашина“ со успеси на меѓународни фестивали, но и со критички ставови за актуелните состојби во Македонија. Живее во Њујорк, делеку од Македонија, но не и далеку од „македонцките работи“. Ги поддржува демократските протести, како што вели – исклучиво како приврзаник на граѓанските идеи, и не сака неговите мислења да бидат прокнижени на сметка на чија било политичка страна.

ДВ: Од 2007 година сте амбасадор на културата на Република Македонија. Како се „носите“ со таа титула, ако се има предвид во какви антикултурни зони навлегоа многу сегменти од културата, поточно партискиот начин на нејзиното сфаќање и практикување?

Манчевски: Од моментот кога ја добив таа титула јавно го повторувам истото: титулата ништо не значи, битно е она што човек ќе направи. Јас направив и правам за афирмација на оваа педа земја, не затоа што некој ќе ме прогласи за амбасадор или за сенатор, туку затоа што тоа си го сметам за драга обврска. Фактите сами зборуваат – моите филмови го претставиле ова општество како место каде се прават сериозни, длабоки, па дури и успешни уметнички дела, и каде што сериозно се размислува за општочовечки теми. Фактот дека моите филмови се гледани и комерцијално и фестивалски, а се и дел од наставната програма на стотици универзитети и се влезени во светското уметничко наследство, е само плус за оваа заедница и држава. Речиси секој ден ми се обраќаат луѓе од цел свет. Тоа не се купува ни со пари, ни со титула. За жал, титулата Амбасадор на културата беше само тоа – титула без каква било поддршка од системот – инфраструктурна, организациска, дури и морална. Како илустрација, таа иста држава одби да изработи англиска копија од филм на овој Амбасадор на културата за светска премиера во Торонто, како и да поддржи настапи на 40 фестивали од Сао Паоло и Торонто до Индија. Сите мои проекти ги запре, ама тоа не е ништо ново, се навикнува човек. Да, за жал, културата – како и сите други сегменти во општеството, се вулгарно окупирани од партиите на власт. Квалитетот и резултатите не играат улога, туку лојалноста кон партијата. Не велам дека се сите исти, напротив. Ама, додека власта ја злоупотребува културата до срж, не гледам дека опозицијата и НВО градат нови критериуми, затоа што и кај нив многу често е поважно „наша банда/ваша банда“, а не објективен квалитет или општо добро.

ДВ: Кој од вашите филмови интуитивно или моќно прогнозерски, најсоодветно ја има антиципирано состојбата што денес владее во Македонија?

Манчевски: „Мајки“. Таму најверно и најпрецизно го отсликав нашето денес, а тетка ми велеше: „Вистината најмногу боли“. Поради „Мајки“ и сум ставен на црна листа. Како и поради тоа што одбив да работам историски спектакл за Климент и Наум. И поради моите интервјуа во последниве години.

ДВ: Македонија од 2005 година тапка во место на патот кон ЕУ и НАТО, благодарение на „придонесот“ на владите на Груевски во интегративните процеси. Предолго молчевме или предоцна сфативме дека од овие „сценаристи“ не може да се очекува успешен европски филм?

Манчевски: А дали нас навистина не’ интересира европската интеграција? Со што како заедница сме настапиле вон партиското трло, со што сме покажале дека не’ интересираат европски вредности и што сме подготвени да сториме за да ги уживаме?

ДВ: Им дадовте лична поддршка на демократските протести, со назнака декаопштото добро кон што целат тие, го засенува микро-вандализмот. Коректно ли е да ги наречеме „вандализам“ фрлените бои и испишани графити против макро-измамата и криминалот, а кои во кванташки манир беа амнестирани од претседателот?

Манчевски: Граѓанска должност е да се поддржат протестите и барањата и да се учествува во нив. Лани го поддржав и Студентскиот пленум и излегов на протести. Мислам дека е погрешно разбрано тоа што овој пат го напишав. Еве буквално што напишав: „Солидарноста, посветеноста и акцентот на општото добро кои ги нудат протестите ги засенуваат микро-вандализмот, фејсбук самобендисаноста, па дури и прозивањето од позиција на толпа. Се’ е помало зло од масовен и масивен криминал, разуларена агресивност, ксенофобија, одмазда на повторувачите и владеење на лагата.“

Ако е погрешно сфатено, ќе појаснам: микро-вандализмот е помало зло од масовниот и масивниот криминал и од другите зла на кои подолго време е изложена оваа заедница. Зборување и згрозување од „вандализам“ е обид да се сврти муабетот, да се смени темата. А темата не е ниту вандализам, ниту политика. Темата е криминал и силеџиство. Секако дека давам поддршка, оти криминалот, силеџиството и лошотијата се дојдени до таму што мора човек да излезе на улица.

ДВ: Го поставивте и најклучното прашање – што после? Што се ни треба за навреме да превенираме да не ни се повторува истата „историја“, само со различни политички протагности?

Манчевски: Тоа е апсолутно клучното прашање. Што после? Кои се тие индивидуални и колективни постапки со кои ќе спречиме повторување на грдата историја? Ова е шанса да се сврти нов лист која не треба да се пропушти. Да нема пак криминал, лажна демократија, племенски поделби на наши и ваши, хистерични прозивања и етикетирања, списоци со закани… Ова не се нови појави, ама последниве години беа качени на стероиди. Сега е голем момент и, сакајќи оваа голема шанса за вистинска граѓанска слобода и вистински напредок да не се испушти, јас сакам да посочам дека треба да се мисли на утре. Како тоа да се постигне? Со постојан чесен ангажман, со граѓанско учество во сите процеси, не само на висока политика, туку на суд, во школо, во весник, во општина, во комисии, бордови, професионални здруженија, при вработување, во секојдневниот живот… Граѓанска одговорност. Срам, казна, пофалба, гордост, како нормално општество. Нема гол во 90-та минута. Не е тоа ништо ново. Јас со години во филмови и интервјуа ја кажувам истата критика на власта, ама многу повеќе и за нас самите како поширока заедница. Кога гласноговорниците на режимот ме плукаа, се фаќаше сеир. Денес луѓе кои работеле и одработувале за криминалци во затвор си земаат за право да ми држат лекции. Ама, добро, тоа е цената на јавно изнесеното мислење во Македонија кое не е во тесен интерес на една или друга група. Се гордеам со тоа што и „нашите“ и „вашите“ ме напаѓаат. Тоа значи дека не припаѓам на ниедна банда, туку стојам зад граѓански идеи и во тоа сум консеквентен. Сега, за почеток, оваа благородна идеја на бунт не треба да биде киднапирана од луѓе кои ја поистоветуваат власта со државата. Според нив не смееш да работиш за својата држава ако тие не се на власт. Има луѓе кои на еден феноменален мета начин со своите реакции го потврдија она што го пишувам: догамтизам, себичност, завист, суета и лошотија по кои не се разликуваат од „нивните“. Тие се трудат да покажат дека сите се исти, тоа не го велам (а не го ни мислам) јас. Не се сите исти, ама треба да бидат поразлични.

ДВ: Кога денес би требало да креирате рекламен спот за Македонија, како би ја претставиле земјата? Дали многу поразлично во она што веќе го видовме со ваш авторски потпис во „Македонија вечна“?

Манчевски: Би биле исти. Тоа беа четири рекламни спота за промоција кај странскиот турист, ама и за нашиот гледач да се почувствува гордо. Имаме богатство поради богатите и разновидни културни влијанија кои со векови го формирале она што денес е македонска култура, и спотовите тоа го потенцираат, ама го отсликуваат и она што е убаво во денешницата. Тоа се спотови за промоција на земјата, а не на Владата или на една партија. Луѓе со мерак ги гледаа и ги гледаат. Тоа што ВМРО го киднапира патриотизмот како дискурс е резултат на нивната умешност, ама и на некритичната опозиција. Стојам зад се’ што сум снимил и изјавил. И моите уметнички дела и моите интервјуа од пред пет, десет, петнаесет години се на мојот вебсајт и релевантни се и денес. Она што го мислев го кажував и приватно и јавно.

ДВ: На крајот, успеавте ли да откриете кој е монтажерот, кој мајсторски толку вешто ги сечел, лепел и креирал аудио-снимките без да предивика никаков тонски дисконтинутет, со што заработи бланко-доверба да го ангажирате во ваш филмски проект?

Манчевски: Навредливо е некој да те лаже во лице, ама уште повеќе да се правиш луд кога со свои уши слушаш како се прави криминал и се како понижуваат и системот и човечки суштества. Ама, луѓето се навикнаа да бидат понижувани. Кај нас срамот исчезна. Ако по срамот ја снема и казната, ќе станеме варвари. Белким ќе се освестиме.

Tagged with:

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *