Култура

На денешен ден загина Гоце Делчев

На денешен ден, 4 мај, се навршуваат 113 години од убиството на Гоце Делчев во село Баница, Егејска Македонија. Ѓорѓи Николов Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Човекот кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите и кој сметаше дека никој не пострадал повеќе од предавствата на своите како Македонците, ќе остане запаметен и како бескомпромисен противник на какво било мешање на надворешен фактор во ослободителното дело на македонскиот народ.

tito- G.D.

Двајца великани кои го напуштија земскиот свет во ист ден: Јосип Броз Тито положува цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје

Македонски револуционер, визионер, организатор и предводник на македонското национално-ослободително движење. , е еден од плејадата никогаш незаборавени и вечни патоводители на македонскиот народ. Неговата револуционерна дејност започнува од најрани години.
Револуционерната дејност на Гоце Делчев започнува уште во текот на школувањето од 1893 година и трае се’ до неговата легендарна и херојска смрт, на 4 мај 1903 година. Во овој период тој се изградува во школуван воен стратег, познавач на воената вештина и тактика, но и организатор и неуморен проширувач на новооформената македонска револуционерна организација (МРО).

krst G.D
Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село.
Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Mакедонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на Организацијата: Даме Груев, Пере Тошев и др. за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип.
Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија на разговори со Македонскиот комитет и неговиот допринос кон македонското дело, меѓутоа разговорите биле неуспешни. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип организирал протестна демонстрација против власта. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето.

Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата. Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев.
Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија.
Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија.
По Солунската афера, Делчев и Ѓорче Петров, како задгранични претставници, ги презеле надлежностите на Централниот комитет. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.
Делчев бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар).

Тој е основач на Четничкиот институт и творец и воспитувач на првите организациско-агитациони чети и војводи. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите. Со формирањето на селската милиција била доградена четничката организација, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт.

Дејствувала тајна македонска држава во Османлиската империја. За зацврстување на редовите во Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902).
На крајот од септември жестоко го осудил Горноџумајското востание. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание.
Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.
По херојската смрт, телото на Гоце Делчев, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, кој што бил и соученик на Делчев од Военото училиште во Софија, била дадена наредба тоа да се однесе во серската општина и таму да се погребе. Но, од Солун била испратена заповед телото да се врати назад во с. Баница и таму да биде погребан Гоце Делчев. Така, Гоце заедно со соборецот Гуштанов е погребан покрај цркавата во с. Баница.
Три години подоцна во 1906 година, моштите на Гоце Делчев се ископани од неговиот соборец, Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во с. Баница. Чаков е човекот кој најмногу е заслужен моштите на Гоце Делчев да се сочуваат до ден денес.
-Во 1917 година, Чаков самоиницијативно, ги пренесува моштите во Софија и ги чува во својата куќа. На 2 август 1923 година, на денот на формирањето на Илинденската органзација во Софија, со достојна почит, од куќата на Чаков, е изнесен дрвениот саркофаг со моштите на Делчев и е предаден на Илинденската организација на чување. Моштите се ставени во специјално резбан саркофаг од ореово дрво во крушовиден облик. На предната страна, саркофагот имаше изрезбана мртовечка глава и вкрстени коски. Над нив имаше закована метална плоча, на која беше испишан следниот текст: „Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“. Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, се до октомври 1946 година. Во мај 1946 година, започнале преговорите помеѓу Илинденската организација и Градскиот народен фронт во Скопје за пренесување на моштите во македонската престолнина. Во јули истата година, Илинденската организација во Софија позитивно одговорила на барањето и моштите се пренесени во црквата Св. Спас во Скопје каде и денес се наоѓаат.

Секоја година на 4 мај, на денот кога загина големиот револуционер, Македонија му се поклонува и му оддава почит на великанот.

Автор:

Слични статии