Култура

„Евгениј Онегин“ вечерва ги отвора 44. Мајски оперски вечери

Премиерата на операта „Евгениј Онегин“ работена според поемата на Александар С. Пушкин, музика на Петар Илич Чајковски и во режија на Дејан Пројковски вечерва ќе го означи почетокот на 44-те Мајски оперски вечери во Македонската опера и балет.

Дејан Пројковски посочи дека самата претстава ја има таа епска димензија на љубовта, на вечната потрага по неа, на вечното страдање, на вечниот круг. Песната „Умилкување“ на Петре М. Андреевски е режисерски патоказ и кратко објаснување за тоа што значи за него оваа претстава.  Песната на Андреевски зборува точно за фаталноста на љубовта и за подготвеноста да се направи се во име на таа љубов, додаде Пројковски.

Диригент е Саша Николовски Ѓумар, сценограф Валетин Светозарев , костимограф Марија Пупучевска, а кореограф Олга Панго. Во улогата на Евгениј и Татјана ќе настапат 25 годишниот баритон Иван Наумовски и гостинката од Украина, Тамара Клинкина, улогата на Ленски му припаѓа на Домагој Доротиќ од Хрватско народно казалиште во Осијек, додека како Олга публиката ќе ја види и чуе Николина Јаневска. Програмата на годинешната оперска манифестација содржи 15 настани, 10 за возрасна публика, а пет во придружната програма „Мали мајски оперски вечери’ која има едукативен карактер .

Покрај двете изведби на „Евгениј Онегин“, ќе има уште четири оперски претстави на годинашниот фестивал: „Риголето“ на 17 мај (со гости од Италија, Мексико, Косово и Бугарија), „Хофманови приказни“ на 24 мај (со гости од Полска, Австрија, Уругвај и Чешка), „Турандот“ на 26 мај (со гости од Италија, Австрија и Украина) и Вердиевата „Аида“ (со гости од Хрватска, Италија, Казахстан и Јапонија) – со која традиционално на 31 мај се затвораат Мајските оперски вечери. Годинава во насловната улога ќе настапи сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова.

Годинава наместо една, ќе има две балетски претстави: „Лебедово езеро“ на 13 мај и современиот балет „Заспаните убавици“ на 20 мај. На програмата се и два концерта – хорот од Белград „Вива вокс“ (на 14 мај), кој има гостувано на „Охридско лето“, а првпат доаѓа во Скопје, и гала-концерт под диригентство на Мориц Гнан од Германија, со солисти од Хрватска, Русија и САД.

Малите мајски оперски вечери, наменети за најмладите, ќе се одржуваат од 15-ти до 29 мај, со пет претстави: премиера на операта за деца „Црвенкапа“, детските балети „Доктор Офболи“ и „Петар Пан“ и концертите на детскиот хор „Отрада“ од Русија и на детскиот хор на МОБ „Фалсето“ кој по неодамнешното формирање првпат јавно ќе настапи на овој фестивал.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *