Култура

Да се промени законот за домаќинства – сами да произведуват струја од сонце!

Д-р Димитар Димитров, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии во состав на УКИМ од Институтот за електрични централи и разводни постројки за Иновативност

Примената на фотоволтаичните системи бележи значителен пораст последната деценија. Во светски рамки, вкупната моќност на инсталираните фотоволтаични системи до крајот на 2005 година изнесуваше нешто повеќе од 5 GW, а до крајот на 2014 година – околу 180 GW. Тоа е резултат на поддршката од голем број држави, најчесто во форма на повластени тарифи. Омасовувањето на производството доведе до драстично намалување на цената на фотоволтаичните модули, а со тоа и до производната цена на електричната енергија од овие системи.

Paneli

Почнувајќи од 2008 година, повластени тарифи за произведена електрична енергија од фотоволтаични системи има и во Македонија. Предвидената квота од 18 MW со повластена тарифа е пред исполнување. Се поставува прашање како да се продолжи  понатаму?

На оваа тема разговараме со д-р Димитар Димитров, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии во состав на УКИМ од Институтот за електрични централи и разводни постројки. Главно поле за работа му се обновливите извори енергија, со посебен акцент на фотоволтаичните системи. Проектант или консултант е на неколку фотоволтаични централи, кои во моментов успешно функционираат во земјава.

–    Професоре Димитров, неодамна презентиравте модел за искористување на енергијата од сонцето на ниво на индивидуални корисници, односно домаќинства. Може ли да ни кажете повеќе детали, колку би чинела во просек една ваква инвестиција и колку средства на годишно ниво би можеле да заштеди едно семејство?
Намалените цени на компонентите и релативно високиот потенција на сончевото зрачење во нашето поднебје овозможуваат исплатливост на овие системи и без примена на повластени тарифи. Бидејќи се системи со мала моќност и имаат променлив дијаграм на производство, произведената енергија нема реална можност да постигне соодветна цена на либерализираниот пазар.

Проблемот со пласирањето на произведената енергија може да се намали доколку се користи за задоволување на сопствените потреби од електрична енергија. Така домаќинство чија месечна сметка за потрошена електрична енергија изнесува 3.000 денари (36.000 денари во тек на една година), годишно троши околу 7000 kWh. Ова количество енергија може да се произведе со фотоволтаичен систем со моќност од 5 kW, кој чини околу 6000 евра. Фотоволтаичните модули можат да се постават на покрив на куќа, при што би зафаќале површина до околу 35 m2. Зависно од односот на потрошена електрична енергија во висока и ниска тарифа, очекуваниот пораст на цената на електричната енергија, банкарските камати и др., инвестицијата може да се исплати за 8 до 10 години. Треба да се спомне дека системот ќе работи многу подолго, можеби и 40 години.

–    Како ова ќе биде регулирано во однос на дистрибутерот и на какви реакции наиде овој предлог токму кај дистрибутерот на електрична енергија во Македонија?  Во смисла што кога ќе недостига енергија и кога ќе има вишок енергија, како ќе се регулира размената?

Идеално би било доколку во домаќинството во секој момент произведува онолку колку  што троши. Но, разбирливо тоа не е можно. На пример, фотоволтаичниот систем може да произведе енергија само дење, а потрошувачка има и во ноќните часови. Системите за акумулирање, кои би овозможувале вишокот енергија произведена дење да биде потрошена ноќе, се скапи и неисплатливи. Решение за ова е овозможување на размена на електричната енергија со снабдувачот, при што негова обврска би било преземањето на вишокот електрична енергија. И снабдувачот би имал корист од ова, бидејќи презема електрична енергија дење, кога тарифата е висока, а ја компензира за исто толку енергија во ноќните часови, кога тарифата на електричната енергија е ниска.

–    Дали законоските одредби во Република Македонија во овој момент го дозволуваат ова? Долку не дали покренавте иницијатива за измена на правилата?

Ваквиот пристап е новина, која што досега не била предвидена. Тоа значи дека во наредниот период треба да се имплементира во законските и подзаконските акти. Во таа насока, заедно со мојот колега д-р Горан Чогеља составивме концепт-модел според кој треба да се одвива размената. Цел ни беше предлозите за правилата на размената да бидат и избалансирани.

Така, предложивме соодносот меѓу цените на предадената и потрошената енергија да биде 1:1 на годишно ниво. Притоа, во случај кога потрошената и произведената во тек на една календарска година се исти, тогаш домаќинството не плаќа за електрична енергија. Доколку произведе помалку отколку што троши, тогаш ја плаќа само за разликата, ако произведе повеќе, тогаш вишокот се пренесува за следната година, но намален за 50 %.

Со желба да биде изложен на расправа во јавност, концептот го презентиравме во два наврати на Форумот на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија, организиран од Групацијата на обновливи извори на енергија во рамките на Стопанската комора на Македонија. Морам да ви кажам дека предлог-идеите од концептот беа прифатливи за сите страни и имаше голем број позитивни коментари. Позитивниот прием од сите страни дава надеж дека предлозите може да бидат имплеметирани во регулативата.

–    Неодамна во Франција стапи на сила одредба која предвидува сите комерцијални објекти на своите кровови да мора да имаат или растенија (зелени кровови) или соларни системи. Што мислите, колку ова е блиска иднина и во Македонија, која знаеме е “богата“ со сончеви денови?

Закон во Р. Франција, што предвидува или инсталирање на фотоволтаични системи или „озеленување“ на покривите на новоизградените комерцијално-администативни објекти, е за поздравување. Овие објекти генерално се попогодни за примена на фотоволтаични системи отколку домаќинствата, затоа што главно користат електрична енергија дење, па значителен дел од производството може веднаш, локално да биде потрошено. Со тоа директно (без размена) би се намалила потрошувачката на електрична енергија на овие објекти. Од воведувањето на една ваква мерка во Македонија корист и имале сите, така што нема да биде изненадување доколку нешто слично дојде и кај нас.

–    Кога очекувате да се либерализира пазарот на енергија добиена од сонце, односно кога сончевите фотоволтаици на крововите на куќите, становите и фабриките ќе станат реалност?

За регулативата да биде функционална, потребно е добро да биде обмислена и уште од почеток да бидат избегнат недореченостите. Фотоволтаичните системи брзо се градат, така што по донесувањето на квалитетна регулатива, сè почесто ќе ги гледаме поставени на објектите.

(Разговараше – Верица Јорданова)

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *