Култура

Прекрасен прием на Охриѓани за Астрид Ветнал

Францускиот филм „Пат за Истанбул“ на Рашид Бушареб го имаше своето прво прикажување по Берлинскиот фестивал во Охрид

Проекцијата на извонредниот филм „Пат за Истанбул“ на Рашид Бушареб, кој премиерно беше прикажан на годинешното Берлинале во програмата „Панорама“, што се одржа прексиноќа на првото издание на Интернационалниот фестивал на ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ помина одлично. На ова прво прикажување на филмот, воопшто, после Берлинскиот фестивал, а кое се случи во Охрид, пристигна главната актерка, Астрид Ветнал, чие присуство создаде многу пријатна и присна атмосфера. Охриѓани по проекцијата, видно емотивно трогнати од филмот, и приоѓаа на Астрид и `и честитаа и изјавуваа дека ова е исклучителен филм и дека таа е извонредна во него. Сите сакаа да се сликаат со неа или да добијат автограм, на што Астрид навистина одговори многу пријатно и едноставно, при што се создаде една дури фамилијарна атмосфера. По коктелот организиран во Центарот за култура, Астрид беше поканета на специјална вечер со староградска музика во ресторанот „Белведере“, каде што гостинката беше одушевена од автентичноста на местото и убавината на македонската музика. Астрид за Охрид, иако престојуваше само кратко, изјави дека е исклучително место каде што сигурно ќе се врати со своето семејство, со сопругот и со трите ќерки.

Вчера на Охридскиот филмски фестивал беше одржана и прес-конференција на која Астрид зборуваше толку инспиративно, што средбата со новинарите траеше многу подолго од вообичаено. Запрашана за тоа дали приказната во „Пат за Истанбул“, каде што една млада девојка ќе оди на џихад во Сирија, е направена по вистински настан, таа рече дека не е директно од една судбина туку од повеќе приказни кои се случувале во Белгија, Франција, Англија, Холандија и дека од нив направиле одлично сценарио режисерот Рашид Бушареб и познатиот сценарист и писател Јасмин Кадр. Тие направиле истражување за тоа што се случува, зошто младите одат таму, но одговорот не е едноставен, проблемот е комплексен.

„Моето мислење е дека филмот треба да биде еден вид оружје (се разбира антивоено) во борбата против ваквите случаи. Политиката и државата не можат многу да помогнат, децата можат лесно да се манипулираат, мора да се има свест и комуникација со нив. Според мене културата може многу да направи против било каква идеологија„, изјави Астрид Ветнал. Како што зборуваше, Астрид смета дека всушност главната тема во филмот „Пат за Истанбул“ е љубовна приказна, дека тоа е сторија за безрезервната љубов на мајката која е подготвена да направи се за да го обнови дијалогот со својата ќерка и за да може да ја спаси.

На прашањето за тоа колку беше тешко да ја донесе оваа улога на мајката која тргнува сама на пат преку Турција да стигне до Сирија и да ја врати својата „загубена“ ќерка, таа рече дека било интересно, но и тешко да се влезе во таа улога. Се обидувала да ја донесе автентично, свесна дека треба да се изврши влијание на тинејџерите кои лесно се импресионираат од разни влијанија. Порано имаше хипи-револуција, кибуци, а сега сето тоа се прави на религиозна основа. Во секој случај, треба многу разговор, контакти, но таа е полна со надеж и оптимизам и се надева дека со филмот, со културата, со негување на семејните вредности тоа може да се надмине.

Астрид Ветнал на крајот, исто како и Лазар Ристовски на почетокот донесоа извонредна и многу инспиративна атмосфера на Охридскиот филмски фестивал. Ова прво издание на фестивалот заврши синоќа со проекција на филмот на Иво Трајков „Само за губитници“, кој е снимен во Охрид (како дел од специјалната годинешна програма „Охрид на филм“) и со атрактивната и вистинска приказна „Бољшој Вавилон“, во која покрај фантастичните настапи на балетот од Бољшој театарот, можеше да се види и што се случува во позадината односно да се видат драматичните настани што се случуваа во оваа куќа во 2013 година.  

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *