Култура

Доделени сертификати за туристички водичи на Кокино

На 52 лиценцирани туристички водичи им беа доделени сертификати за водење туристи на Кокино, откако ја поминаа обуката што ја организираше  НУ Музеј Куманово во чија надлежност е овој археолошки локалитет и мегалитската опсерваторија Кокино,  рангирана четврта во светот од страна на НАСА.

Партнер во реализирањето на обуките, кои се дел од долгорочна иницијатива за развој на Кокино како туристичка дестинација, е проект на УСАИД за експанзија на мали бизниси, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Директорката на Музеј Куманово Анита Цветановска истакна дека сертифицирањето на водичите е поттикнато од потребата за обезбедување финансиски модел со кој Кокино ќе обезбеди редовни приходи за натамошно подобрување на инфраструктурата. За таа цел Музејот донел одредени измени за туристичката дејност со локалитетот, меѓу кои најважната се однесува на менаџирањето и одлуката од 1 август 2016 да се почне со наплата на влезници, чија цена ќе биде утврдена деновиве.

Архео-астрономскиот локалитет Кокино спаѓа меѓу најзначајните локалитети во регионот, интересен за стручната јавност и привлечен за посетителите кои доаѓаат како туристи.

УСАИД, во рамките на програмата за подржување на проекти за мали бизниси, и во соработка и координација со НУ Музеј Куманово, донираше информативни табли, патокази, заштитна ограда за еден дел од локалитетот и го поддржа објавувањето на официјалната веб страна на Кокино – kokino.mk.

Според прописите на Музејот, сите водичи кои сакаат да носат тури на Кокино треба да поминат обука за водење на обуките и да го најавуваат своето присуство на локалитетот во Музејот.

Ова ќе овозможи повисок квалитет на турите, но и следливост на бројот на посетители на локалитетот, како и воведување систем на наплата на влезници, со кој ќе се обезбедат редовни приходи за понатамошно подобрување на инфраструктурата на и околу Кокино и одржување на локалитетот.

Автор:

Слични статии