Култура

ИЗИИС ќе стане Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, денеска, 5 јули,  официјално ќе биде потпишан Договорот меѓу Република Македонија и УНЕСКО за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со што ке прерасне во Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО со фокус на подготвеност кон катастрофи и намалување на последиците од нив.

Unesko

Договорот во името на Република Македонија ќе го потпише в. д. амбасадорот на Република Македонија во Париз, г. Габриел Атанасов, а од УНЕСКО – генералниот директор, г-ѓа Ирина Бокова. На потпишувањето ќе присуствува и директорот на ИЗИИС, проф. д-р Михаил Гаревски. Со востанувањето на овој центар, нашата земја ќе даде свој придонес во насока на преземање превентивни мерки од природните катастрофи – земјотреси како во регионот, така и на глобално ниво.  Со досегашното високо професионално работење на ИЗИИС и неговата висока стручност, која е потврдена во практика на меѓународно ниво, ќе се придонесе во заедничките заложби на УНЕСКО.

Апликацијата на Република Македонија за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје како Институт под покровителство на УНЕСКО од Категорија 2 беше потврдена за време на 37-та Генерална конференција на УНЕСКО одржана пред три години во Париз.

Оваа активност е еден од многуте проекти што ги реализиравме заедно со УНЕСКО преку кои се потврдува одличната соработка што Република Македонија ја негува со оваа еминентна организација. Во изминатите години се реализираа и други многу значајни проекти, меѓу кои се и: отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство, отворањето на двете Катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето на 12 клубови на УНЕСКО, вклучувањето на десетина училишта од РМ во мрежата на „Здружени училишта“ на УНЕСКО, прогласувањето на нашиот истакнат оперски пејач Борис Трајанов за уметник на мирот на УНЕСКО.

Република Македонија од 2014 година се вклучи и во долгорочната програма на УНЕСКО, „Човекот и биосферата“, со прогласување на регионот Охрид-Преспа за прекуграничен биосферен резерват, а од особена важност е што досега впишавме и три културни добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Република Македонија и во иднина доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на нејзината меѓународна улога, унапредување на традиционалната соработка со сите држави членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и материјалниот потенцијал со кој располага во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а се во доменот на УНЕСКО.

Tagged with:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *