Култура

Како Бугарите ги однесоа сакапоценостите од Охрид во 1916 година

Со бугарските војници во Охрид дошол и владиката Борис, со задача да ги открие скапоцените предмети од културното минато и да ги однесе во Софија. 

Новинарот Јован Поповски (1916-2012), еден од основоположниците на модерното македонско новинарство, во својата книга „Моето новинарство“ го опишува и начинот како се одземани црковните драгоцености од Охрид за време на Првата светска војна и како со тоа е направен голем културен грабеж. Текстот „Еден грабеж на културно-историски скапоцености од Охрид во 1916 година“, прво е објавен во списанието „Современост‘‘, во 1968 година, а по неколку години во списанието „Старт“, со цел да ја запознае македонската јавност и политичкото раководство каде се наоѓаат драгоценостите.

17vek Krstovi od Ohrid

Крстови од 17 век во Охрид

При еден случаен престој во 1967 година во Охрид, Јован Поповски пред една маалска фурна забележал купче стара хартија. Чекајќи да купи печиво, ја прелистувал старата хартија и забележал еден историски документ од времето на бугарската окупација 1916 во Охрид. Документот го прибрал и се видело дека тој е многу драгоцен.

„Пред доаѓањето на бугарската војска во Охрид 1915 година, повидните граѓани се растрчале по црквите и манастирите да го засолнат она што може да биде плен на новиот поробувач и однесено во Софија“, пишува Поповски. Со бугарските војници дошол и бугарскиот владика Борис со задача да ги открие скапоцените предмети од културното минато и да ги однесе во Софија. Веднаш ја почнал потрагата и неговите агенти го довеле до свештеникот Ѓорѓи Икономов, за кого знаел дека се кај него скриени некои предмети. „Наскоро во куќата влегле владиката Борис, полковникот Пешинов, неговиот аѓутант, поручникот Најданов, потпоручникот Михов, офицерот на 23. Пешадиски полк и вишиот полициски иследник на бригадата, поручникот Цеков. На престрашените и збунети домаќини полковникот Пешинов им рекол дека имаат податоци дека во куќата се наоѓаат големи скапоцености од значење за историјата: плаштеницата на Андроник Палеолог и некој летопис на Јован Скилица‘‘.

По извршениот претрес не нашле ништо. Трагата ги однесла кај видниот граѓанин на Охрид, Спространов, кој им признал дека плаштеницата е скриена на сигурно место и молел да остане во Охрид, каде што се чува толку векови. Кај болниот свештеник Икономов ја нашле плаштеницата и летописот на Јован Скилица, кои биле испратени во Софија. При паничното повлекување на Бугарите од Охрид, владиката Борис ја уништил својата архива, но по игра на случајот еден документ останал до денес. Еве ја содржината на тој документ.

Денеска, 28 ноември 1916 година, врз основа на телеграмата на претседателот на Владата д-р Радославов, од 21 о.м. под број 17762 составен е овој акт за собраните, спакуваните и испратените на привремено чување во Софија долуназначени црковни старини, сопственост на градот Охрид:

1. Икона од Христа спаситела со трнов венец, подарок на охридскиот архиепископ Димитрис Коматина од 13 век.

2. Натпис на плоча на бронза полилеј, подарок на Прокопие, архиепископ на Прва Јустинијана од 16 век.

3. Плаштеница сопственост на манастирот „Свети Наум“.

4. Плаштеница на Андроник Палеолог, сопственост на црквата ’Свети Климент‘.

5. Сребрен путир сопственост на манастирот „Свети Наум“.

6. Позлатен путир, сопственост на манастирот „Свети Наум“.

7. Златна круна на Свети Климент со емајл и крст.

8. Четириесет стари антамисти.

9. Дарохранилница од масивно сребро декорирана со релјефи, сопственост на манастирот ’Свети Наум‘.

10. Една голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона.

11. Сребрен крст, позлатен, со бесценети камења, во дарохранилницата.

12. Сребрен масивен крст од 1742 година.

13. Две покривки, подарок од Дука Комнен.

14. Две старословенски евангелија со сребрени корици, сопственост на манастиорт ’Свети Наум‘.

15. Старословенско евангелие, во ракопис, со кадифени корици.

16. Летопис од Јован Скилица од 13 век, во дрвена кутија.

17. Голем сребрен позлатен крст.

18. Жезлото на Свети Климент од слонова коска, со змија.

19. Едно старо евангелие со ликот на свети Климент од слонова коска и ликови на други светци.

20. Дваесет стари словенски ракописи.

21. Една сребрена икона, изработена во релјеф.

Вкупно: осумдесет и четири предмети

Овој акт е составен и потпишан од присутните во четири примероци и тоа: еден за министер претседател г. В. Радославов, за Охридското окружно началство, за светата Охридска митрополија и за Народниот музеј во Софија.

Охридски окружен началник, Г. Петров

Охридски митрополит, Борис

Околиски началник, П. Чауле

Секретар на окружното началство, Л. Огненов

Охридски граѓанин, С. Сарџов

„Во тие ноемвриски денови на 1916 година завршила аферата околу ограбувањето на скапоценостите на Охрид. Предметите кои биле чувани со векови биле однесени во Софија, од каде никогаш не се вратени во Охрид, кому му припаѓале со векови‘‘, констатира Јован Поповски во својот напис. Според покојниот судија на Врховниот суд на Македонија, Ставре Филипче, круната на свети Климент била изнесувана во Охрид само на празникот Свети Климент и одела од куќа до куќа. Бугарите со сила ја зале токму од куќата на Филипчеви.

Оригиналниот текст во Утрински весник 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *