Култура

ПОРТРЕТИ НА СВ. КЛИМЕНТ – НА 1100 ГОДИШНИНАТА ОД НЕГОВОТО УПОКОЈУВАЊЕ

„Портретите на св. Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“, е изложба којашто може да се погледне во Македонската академија на науки и уметности. Отворена во рамките на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски, оваа изложба содржи 18 копии на портрети настанати во периодот од осум века, односно од од 11-тиот до 18 век на светител, просветител,  првиот словенски архиепископ на територијата на Македонија, учител,  книжевник и основач на славната Охридска книжевна школа, Св Климент Охридски.

St.-Panteleymon-Ohrid

„Свети Климент и Пантелејмон“, Плаошник, во Охрид

Изложбата е во организација на МАНУ и Фондацијата „Трифун Костовски“. Селекцијата на сите портрети ја направил академик Цветан Грозданов, кој за оваа богата збирка на копии на фрески на св. Климент Охридски на МАНУ се грижи од 1965-66 година.
Со копија на фреска на св. Климент Охридски од црквата „Света Софија“ во Охрид од 1405година, започнува оваа изложба, којашто била изработена за оваа намена, заедно со уште две копии на фрески: портретот од црквата „Св. Никола“, Топлички манастир од 1537 година, фреската „Седмочисленици“ од црквата „Св. Богородица“ –  Сливнички манастир од 1612 година. Изложбата е  дополнета и со фотографии на портрети од св. Климент Охридски од Костур во Грција,  и од Корча, Москополе и Преспа.

„Многу рано, уште во 11 век, ликовите на Светиклиментовите учители светите Кирил и Методиј биле застапени во животописот на катедралата ’Св. Софија’ во Охрид, секако, по желба на ктиторот Лев (Леон, Лав), којшто ја презел Охридската катедрала во 1037 година. Неговата концепција била спроведена во олтарот на ’Св. Софија’ со застапување на ликовите на најистакнати црковни поглавари и учители во христијанскиот свет. Со овој факт се среќаваме и во живописот на црквата ’Св. Ѓорѓија’ во Курбиново на Преспанското Езеро, каде што многу добро се сочувани фигурите на светите Кирил и Методиј, а тука се и портретите на св. Климент и св. Ахил Ларински. Според остатоците на ктиторите на западната страна на храмот, тие се порачани од охридски поглавар под чија јурисдикција тогаш припаѓала и Преспа. Црквата во Курбиново е работена од мајстори коишто биле ангажирани во декорацијата на црквата ’Св. Врачи во Костур’, град којшто имал ранг на прототрон на Архиепископијата во Охрид. Во Костур се откриени и други портрети на св. Климент, како што е на пример, во црквата ’Св. Атанасие’ на Музаки од 14, а  таму постоела и црква со името на охридскиот заштитник. Истата појава се следи и во регионот на Струга, каде што близу манастирот Калишта се идентификувани портрети на св. Кирил и св. Климент“, вели академик Цветан Грозданов во текстот од каталогот за изложбата „Портретите на св. Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“, кој е на македонски и на англиски јазик.

sv.-kliment

Св.Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ, основач на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог

Оваа збирка на портрети на климент Охридски годинава беше презентирана во Рим, во организација на Министерството за култура, а благодарение на фондацијата ‘Трифун Костовски‘ од портретистот Ѓорѓе Цветковиќ за јубилејот биле порачани копиите на три извонредно значајни фрески со портрети на св. Климент Охридски коишто остануваат во сопственост на МАНУ.

Централната свеченост по повод 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски, што ќе сеодржи на осми август, ќе имаат  можност да ја видат наши граѓани и странски туристи. Во ‘Куќата на Уранија‘ во тој период ќе биде поставен и дел од изложбата ‘Графичка мапа на глаголицата‘ од Трајче Блажевски и Фехим Хусковиќ. Свечената академија посветена на големиот јубилеј ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид, каде претставниците на академиите од словенските земји ќе се обратат на својот мајчин јазик. На гробот на св. Климент Охридски, молебен ќе одржи архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, додека цвеќе ќе положат десетина претседатели на академии. Свечената академија ќе биде вклопена во фестивалот „Охридско лето“ со уметничка програма и настап на Македонската филхармонија и хор. По повод јубилејот во „Куќата на Уранија“ ќе бидат промовирани и неколку изданија на МАНУ, меѓу кои и книга од академик Ѓорѓи Старделов за св. Климент и книга за стари словенски ракописи од академик Ѓорѓи-Поп Атанасов.
Одбележувањето на големиот јубилеј ќе заврши со научна конференција за животот и делото на св. Климент, што ќе се одржи во октомври во Скопје за која веќе се најавени 30-40 странски учесници, накојашто се очекуваат да бидат обелоденети нови сознанија поврзани со неговиот живот и дело.. Станува збор за вонредно значаен јубилеј за Република Македонија кој годинава го одбележуваат и сите словенски народи, 1100-годишнината од упокојувањето на светителот, просветителот свети Климент, првиот словенски архиепископ на територијата на Македонија, учител и книжевник и основач на славната Охридска книжевна школа“. МАНУ е централниот носител на јубилејната програма што ја организира во координација со Министерството за култура, „Охридско лето“, со градот Охрид, а во нејзини рамки беше и заедничкото чествување на празникот Свети Кирил и Методиј со Бугарската академија на науките во мај во Скопје.

„Во науката се искажани мислења дека св. Климент во овој период на средниот век не бил сликан надвор од охридскиот круг. Меѓутоа, новите откритија покажуваат дека охридскиот патрон се појавува и во Прилеп и во Битолско, како што е тоа случај со неговите фигури во с. Манастир (во Мариово), како и во црквата ’Св. Архангел’ во Прилеп. Заедно со Курбиново, овие портрети потврдуваат дека тој се шири перманентно и надвор од потесната Охридска епархија“, пишува академик Цветан Грозданов во текстот за изложбата говорејќи за периодот од 11 до 14 век.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *