Култура

„Скопје стрип фест“ во Музејот на град Скопје

Во Музејот на Град Скопје синоќа започна првиот „Скопје стрип фест 2016“, којшто ќе  трае до 3 јули.

Во рамки на фестивалот предвидено е да има изложба на неколку одбрани македонски стрип-автори, неколку издавачки куќи ќе ги презентираат своите стрип изданија, ќе се одржуваат работилници за стрип со деца, ќе има стрип берза, презентации на видео и друштвени игри, како и турнир во „Magic The Gathering“, „Yu-Gi-Oh“…

На првиот ден од фестивалот, први јули, се одржи стрип работилница за деца, под водство на Игор Јовчевски и Никола Темков. Работилницата беше од отворен карактер а на неа можеа да се приклучи секое дете кое сака да црта.

Отворањето на стрип-изложбата, со што и официјално беше  отворен фестивалот, се одржи вчера (петок) во 20 часот. Со свои стрип-табли и илустрации на изложбата  учествуваа некои од доајените на стрип-уметноста во Македонија, како Диме Иванов-Димано и Ласко Џуровски, потоа стрип-авторите Александар Сотировски, Тони Анастасовски, Смиле Цветановски, Иванчо Николов, но и помлади автори, меѓу кои: Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, Игор Јовчевски, Никола Темков, Здравко Гиров, Дамјан Михаилов, Дарко Богданов, Томи Џуровски, Дарко Ристевски, Тања Вукобрат, Александар Стеванов, Весна Ничевска-Сарагинова, Јован Секуловски, Андреј Манев и други. Публиката можеше да види и дела на неколку артисти од Велика Британија, од издавачката куќа „Cloud 9“, која е во сопственост на Владо Николовски, Mакедонец кој живее и работи во Шкотска.

Студиото „Линкс“ вечер ќе има презентација, а околу 19:30 својата игра „Каверн Таверн“ ќе ја презентираат авторите Војкан Крстевски, како и гостинот од Битола, The Micho. Истиот ден свои презентации ќе имаат и издавачките куќи „Стрип квадрат“ и „Комик бру“, потоа здружението „Макстрипови“ со нивното издание „Синдром“, а ќе биде претставено и самостојното издание на Матеј Богдановски „Патенталија и Тентелина“. Но, пред презентациите предвидено е да настапат Душко Кралевски, новинар и публицист, и доајенот на македонскиот стрип Димано, со презентација на „Македонскиот стрип пред независноста на Македонија“, при што ќе кажат и пригодна реч за неодамна починатиот доајен на стрипот, карикатурата и анимацијата, Дарко Марковиќ.

Утрешниот ден ќе биде целосно посветена на друштвените игри. Во 18 часот ќе започне турнирот во можеби најпознатата светска игра – „Magic The Gathering“ во организација на „Гоблин“, а додека трае турнирот Милан Тасевски ќе ја претстави својата игра „Small Star Empires“, како и стрип-авторот Никола Темков, кој е илустратор на англиската игра „Conflicting Kingdoms“.

За времетраење на фестивалот, во салата 1 на Музејот на град Скопје од 18 часот ќе биде поставена и стрип берза, на која љубителите ќе можат да ги купат своите омилени стрипови по промотивни цени. На мини штандот ќе бидат поставени изданијата на стрип книжарницата „Бункер“, но и сите изданија на издавачката куќа „Стрип квадрат“, а ќе биде застапен и стрип-магазинот „Синдром“, како и независните македонски стрип-изданија. Исто така, на него ќе може да се најдат и дел од омилените друштвени игри од „Гоблин“.

Tagged with:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *