Култура

Археолошки предмети од камено доба до 19 век на Горна порта во Охрид

На локалитетот Горна Порта во Охрид, каде што беше откриена златната маска, во тек се интензивни археолошки истражувања. На овој локалитет за прв пат беа откриени најстарите погребувања, а во еден од гробовите, беше пронајдена златната маска, златната ракавица и уште 70-тина други златни,сребрени,бронзени,килибарни и други предмети.

Gorna Porta

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид во текот на годинешните истражувања досега откриле 85 гроба од кои 12 гроба кои датираат од македонско- хеленистички период  односно некаде од 3-2 век п.н.е.,  а останатите се од османлискиот период од периодот на 15 до крајот на 18 век.

Во гробниците од македонско – хеленистички период кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега пронајдени се  најразлични прилози карактеристични за  периодот на погребување како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема- копја, ножеви,  накит- златни обетки со негроидни глави и со претстави на ерос, гердани со мониста од стаклена паста, привезоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

Од периодот на доцната антика откриени и истражени се 11 јами и дел од рустикален објект, а пронајдено е поголемо количество византиски монети, неколку сребрени венецијански грошеви и една сребрена монета на кралот Волкашин. Гробовите од османлискиот период  пак се главно со христијанска ориентација  и во се пронајдени бронзени копчиња, обетки, срма,  а зачувани се и делови од органски материјали -кожни обувки, дрво).

Во текот на досегашните истражувања најстар наод на теренот е праисториско камено секирче, а најмлад османлиски монети од 19 век. Археолошките истражувања на локалитетот Горна Порта продолжуваат до крајот на септември годинава.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *