Култура

Филмскиот Фестивал во Сараево стартува со „Таксист“

Сараевскиот филмски фестивал, кој стартува на 12 август, ќе го отвори еден од најголемите актери на филмот денес, Роберт де Ниро со филмот „Таксист“ кој годинава слави 40 години од неговото создавање. На отворањето на славниот актер ќе му биде врачена наградата „Срце на Сараево“, што Фестивалот за прв пат ја доделува за животно дело.

Директорот на Сараевскиот фестивал, Мирсад Пуриватра, рече дека десет години работеле да го донесат Роберт де Ниро на Филмскиот фестивал во  Сараево. „Голема е честа што Роберт де Ниро ќе биде првиот добитник на ’Срцето на Сараево‘ за животно дело. Уште од нашата прва средба на фестивалот ’Трибека‘ во Њујорк почнавме да работиме на тоа, Де Ниро еден ден да биде наш гостин на Сараевскиот фестивал. Тој ден дојде и многу сме возбудени поради тоа. Како филмски професионалец и како голем вљубеник во филмот, верувам дека ова го зборувам, не само во свое име, туку и во име на публиката во Сараево и во име на моите колеги“, вели Мирсад Муриватра.

Роберт де Ниро бил седум пати номиниран за „Оскар“, а го добил два пати, за споредна улога во „Кум 2“ на Френсис Форд Копола и за главна улога во „Разјарениот бик“ на Мартин Скорсезе. Но, правецот на неговата иднина веќе бил познат по неговото деби на 10 години, играјќи го Плашливиот лав во училишната претстава Волшебникот од Оз. Биографијата бележи дека Де Ниро со глумата се ослободувал од трема, па тој решава да го напушти  средното училиште на 16 годишна возраст за да започне со глума. Студирал глума на Стела Адлер Конзерватори како и на Ли Стразбергс Акторс Студио.

Првата филмска улога на Де Ниро во соработка со Брајан де Палма била во 1963 година на 20 годишна возраст. Во 1973 година ја започнал продуктивната соработка со Скорсезе кога играл улога за паметење во „Злобни Улици“. Во 1974 година, Де Ниро го игра младиот Вито Корлеоне во „Кум 2“. Во 1967 го снима „Таксист“  филм кој е од особено значење за кариерата на Де Ниро- неговата неверојатна изведба какоТревис Бикл, го одведе до слава и засекогаш го поврза името на Де Ниро со познатиот монолог на Бикл: „Мене ми зборуваш?“ , (“Are you talking to me”) кој во голем дел Де Ниро го импровизираше. Во 1978 година Де Ниро го играше Мајкл Вронски во добро прифатениот филм за војната во Виетнам,  „Ловец на Елени“, за кој беше именуван за Најдобар актер во главна улога. Но, Де Ниро нема добиено „Оскар“ ниту за „Таксист“, ниту за „Ловец на елени“, иако по овие улоги ќе остане препознатлив. За „Златен глобус“ бил номиниран осум пати, а го доби само за „Разјарениот бик“. Роберт де Ниро во неговата плодна актерска кариера од 50 години добил исто толку награди, а бил номиниран 80 пати. Бројката на остварени улоги е многу голема, тој зад себе има остварено незаборавни улоги на ганстери, семејни луѓе, улоги во комедии, музичари, спортисти, … во сите улоги е подеднакво успешен, носејќи ги ликовите на негов  својствен начин и препознатлив по неговиот шарм. Листата на филмови е многу голема. Така во „Добри момчиња“ оствари извонредна улога но не доби ниту номинација, безбол играч беше во „Полека удирај го тапанот“, „Злобни улици“ филм на Скорсезе, „Кум2“ филм на Френсис Форд Копола, „Њујорк, Њујорк“, во кој играше музичар кој свири на саксафон, потоа, „Разбеснетиот бик“,„Мисија“, „Ангелско срце“,„Да се биде вљубен“, каде глуми со Мерил Стрип, „Недопирливи“, улогата на Мајкл Вронски во добро прифатениот филм „Ловец на Елени“, за кој беше именуван за Најдобар актер во главна улога.

Де Ниро има добиено два Оскари за најдобар актер за улогата во „Разбеснетиот Бик“ и за најдобар спореден актер во „Кум 2“. Де Ниро и Марлон Брандо се единствените актери кои добиле Оскар за ист лик.

Во главната програма, на Сараевскиот филмски Фестивал  годинава  ќе се натпреваруваат осум филма за главната награда „Срцето на Сараево“ а селектирани се вкупно 11 филма во оваа програма. Тука се филмовите „Игла под прагот“ и „Пристојна жена“ кои ќе ја доживеат светската премиера, потоа пет филмови кои ќе ја имаат својата регионална премиера: филмот „Албум“ , работен во копродукција со Турција, Франција и Романија во режија на Мehmet Can Mertoglu, Филмот „Кучиња“, заеднички филмна Романија, Франција, Бугарија и Катар во режија на Богдан Мирица, „Безбожничка“ е филм на Бугарија, Франција, Данска во режија на Ралица Петрова, потоа филмот „Влажност“ во режија на Никола Љуца, заеднички филм на Србија, Холандија и Грција „Осакатени срца“(Scarred hearts) романско-германски филм во режија на Radu Jude.  Во Сараево годинава ќе пристигне еден од најпровокативните британски режисери, Стивен Фрирс, кој ќе ја добие наградата  „Срце на Сараево“ за исклучителен придонес во филмската уметност. Ќе биде прикажан неговиот нов филм за оперската  пејачка „Флоренс Фостер Џенкинс“, која ја игра Мерил Стрип. Овој режисер го паметиме со „Мојата прекрасна пералница“ со една од животните улоги на Дениел Деј Луис,   „Опасни врски“ со Глен Клоуз, Џон Малкович и Мишел Фајфер, Хај фиделити“, „Кралицата“, кој и донесе „Оскар“ на Хелен Мирен, „Валкани прекрасни нешта“,  „Филомена“.

Во програмата „Посветено“ годинава ќе гостува мексиканскиот режисер и сценарист Амат Ескаланте, самоук автор, кој направи одлични три филма: „Сангре“, „Лос Бастардос“ и „Хели“. Тој ќе ја прими наградата „Срцето на Сараево“, а воедно и ќе ја отвори програмата на Талент кампусот.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *