Култура

Кога градиме, треба да градиме во духот на денешното време

Интервјуто со архитектот Георги Константиновски  е водено пред речиси седум години, но сеуште е актуелно со оглед интензивното градење и менување на ликот на Скопје,  преку нови градби и префасадирање на старите.

Georgi 1

Ако градиме нова куќа или објект кои изгледаат исто како и некои стари градби од XIX век, тогаш тие ни оддалеку нема да бидат привлечни за око како оние што настанале во своето време. Убавината на старата градба е токму во патината на времето. Кога градиме, не треба да ги земаме како пример стиловите на минатото, туку да градиме во духот на денешното време, бидејќи ние сме дел од современиот свет. Често пати денес, архитектите се принудени да аплицираат еклектички елементи на новите објекти не дека тие тоа го сакаат, туку дека се под силно влијание на неуките и необразовани инвеститори

Повод за ова интервју е изложбата на мегаструктури за живеење и работа на проф. Георги која моментно се прикажува во Суботица, каде ќе трае до 2 февруари. Потоа мегаструктурите „Оаза“, „Кристал“, „Хармонија“, „Квартет“,„Мир“, „Екран“, „Иднина“, „Илузија“, „Четирилисна детелина“ и „Порта кон светот“, заедно со повеќе други негови проекти ќе бидат изложени во Нови Сад и неколку други градови во Србија. Во Македонија изложбата првпат ќе биде презентирана во Куманово дури во март годинава. Мегаструктурите претставуваат ансамбли на облакодери поврзани со заеднички дворови-градини кои претставуваат места за одмор и рекреација, каде луѓето се социјализираат, запознаваат и зближуваат меѓу себе. „Во нив луѓето сигурно не би се чувствувале ниту осамено, ниту отуѓено еден од друг“, вели професорот Георги Константиновски, со кого разговаравме во неговиот дом во Бардовци, непосредно пред неговото заминување за Суботица.

Изложбата се состои од 10 најнови проекти во кои ги истражувате мегаструктурите како простори за похумано живеење и работа во однос на солитерите, поточно како простори во кои луѓето не се чувствуваат изолирани како птици во кафез, туку им се овозможува меѓусебна комуникација. Што содржат тие?

-На најгорното ниво до кое се стигнува со вертикални комуникациони јадра кои се сместени на границата помеѓу работните површини и дворовите, има два амфитеатра, а на приземјето – простории од општествен, рекреативен и трговски карактер. Вкупната површина на објектот изнесува 16.280 квадратни метри. Во „Иднина“, пак, осум конвексно закривени тела со 960 двособни станови се распоредени околу дворови со пречник од 60 метри со базен и спортски терени. „Хармонија“ е најголема мегаструктура на изложбата чија површина е 124.000 квадратни метри.

Некои од објектите, како што е на пример мегаструктурата „Кристал“, изгледаат како да се обликувани со смрзната енергија, која привидно ја негира силата на земјината тежа. Овој оригинален начин на креирање е Ваша иновација и претставува нов вид кибернетичко проектирање. Од каде добивте инспирација?

-Во една СФ статија што беше објавена во списанието „Галаксија“ првпат го сретнав терминот „смрзната енергија“. Тогаш го проектирав Спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци и првпат ја применив оваа идеја во пракса – во проектот еден дел од објектот навистина изгледа како да се спротивставува на земјината тежа. За жал, поради недостиг на инвестиции домот не се изведе. Така, инспирацијата за „смрзната енергија“ всушност смрзна и во мојата меморија, или поточно се претвори во латенетен извор. Од него подоцна произлезе и кибернетскиот стил што претставува синтеза на креативноста на човечкиот ум и на компјутерскиот мозок. Со него започнува новата ера на кибернетско проектирање кое може да создаде волшебна архитектура. Иако изгледа како овие објекти да може да постојат само во фантазијата,  тие сепак се реално изводливи. На пример, конкретно, ако ја гледате мегаструктурата „Кристал“, таа изгледа имагинарно пред сѐ поради нејзината форма која се спротивставува на земјината тежа иако сите фасади и се вертикални. Нејзиниот проектен процес јас го започнав со обработката на реалните податоци за потребните површини на работните зони, ѕидовите, отворите, материјалот и висините на просториите. Со добиениот просторен волумен според однапред поставен графикон извршив негова трансформација и ротација.

За разлика од нив, во пирамидите Пиранса, Пирастела и Пирадонија кои се каскадни структури ги истражувавте начините да се избегне стравот од височина. За нив проф. Минас Бакалчев напиша дека претставуваат архитектура како уметничка волја, (kunst wollen), која не се надоврзува на контекстот, туку го гради контекстот…

-„Пиранса“, која е комбинација на зборовите „пирамида“ и „ренесанса“, е првата пирамида што ја проектирав во 1986 година. Немав намера да проектирам египетска пирамида, туку се обидував да пронајдам висока структура за живеење и работа во која луѓето нема да чувствуваат страв од височина. Моја појдовна точка беше нашата традиционална куќа и чувството на човекот кој седи на чардак или на тераса од катот и гледа веднаш под нив во дворот облагороден со зеленило и со цвеќе. Ваквиот поглед кај секој од нас не создава чувство на страв од височина, туку напротив, чувство на топлина и интимност, се добива впечаток дека цвеќето во дворот под вас ви е на дофат на раката, иако тоа се наоѓа во приземјето. Тој момент го скицирав како архитектонски пресек, потоа пресекот започнав да го надградувам во височина и добив еден каскаден пресек. Го ротирав на четири страни со што го добив геометриското тело пирамида. Пирастела (кованица од пирамида и стела ѕвездеста пирамида) ја проектирав во 1990 година, а Пирадонија, која во себе ги содржи зборовите пирамида и Македонија, настана во 1992 година како симбол на трите делови на Македонија. Овие пирамидални објекти имаат флексибилни станови со висок стандард во коишто се решени сите неопходни содржини за живеење, рекреација, трговија, угостителство, здравствени услуги, паркинг, како и партер со паркови, мали спортски игралишта и водени површини. Групирани се секогаш по три пирамиди со еден богато решен плоштад кој претставува место за заедничко дружење.

Можно ли е да се изградат овие објекти во нашата средина?

-Да. Мој базичен принцип отсекогаш бил дека сето она што го проектирам може да се реализира во пракса. Сите проекти ги работам со голема прецизност и во нив го вградувам целокупното мое животно искуство. Мегаструктурите се реални проекти коишто се лесно изводливи во секоја средина. Секако, тие се уникатни проекти и не претставуваат шаблон за нивно повторување, туку ќе остават свој препознатлив белег таму каде што ќе бидат изградени.

За иднината на објектите во нашата метропола моментно струјат две визии. Првата, според која треба да се вратиме на традицијата на старите градби од XIX век ја застапуваат некои челници на сегашната власт, а втората, според која Скопје треба да изгледа како сиромашен роднина на Дубаи, е визија на авангардните архитекти од средната генерација. Според Вас, постои ли некоја трета опција?

-Не се согласувам, ниту со едната, ниту со другата визија. Ако градиме нова куќа или објект кои изгледаат исто како и некои стари градби од XIX век, тогаш тие ни оддалеку нема да бидат привлечни за око како оние што настанале во своето време. Убавината на старата градба е токму во патината на времето. Кога градиме, не треба да ги земаме како пример стиловите на минатото, туку да градиме во духот на денешното време, бидејќи ние сме дел од современиот свет. Често пати денес, архитектите се принудени да аплицираат еклектички елементи на новите објекти не дека тие тоа го сакаат, туку дека се под силно влијание на неуките и необразовани инвеститори. Така се создава кичот во архитектурата. Конкретно во Дубаи, архитектурата е комерцијален натпревар на мегаломанија во градењето во височина. Ние како мала земја не треба да ги имитираме ваквите објекти, туку да бидеме во границите на нашата реалност, да создаваме наши, современи објекти кои ќе бидат оригинални. И со мали објекти можете да создадете голема архитектура.

Јавноста Ве памети и како иницијатор за основањето на „Андерграунд“, групата која можеби беше единствената кај нас која се занимаваше со истражување на експериментални архитектонски форми. Денес сме сведоци на бурните реакции во јавноста што ги предизвикуваат новите објекти како што се „Лумикс“ и спомен-куќата на Мајка Тереза. Дали нашата средина е доволно зрела да ги прифати ваквите експерименти во пракса?

-„Андерграунд“ го основав во 1969 година, по моето враќање од САД, каде магистрирав на Универзитетот Јеил. Тука се собраа млади талентирани архитекти и студенти и се работеше деноноќно на истражувачки проекти. Она што беше особено значајно во ова биро беше негувањето на култот кон креативното архитектонско творештво. Познато е дека креативноста е одлика на младите, а искуството на старите. Во „Андерграунд“ и искуството и креативноста беа обединети во една целина. Групата работеше во Архивот на град Скопје, кој во тоа време беше објект на новото време, поточно еден успешен експеримент што беше реализиран во урбаното ткиво на градот. Тврдам дека и тогаш, како и денес, нашата средина беше и е зрела да ги прифати новите експериментални обиди во архитектурата кои внесуваат одредена свежина во нашето секојдневие. За жал, ваквите експерименти многу ретко се реализираат во пракса.

Хиподамус го организираше грчкиот град и го планираше Милет, Кан-Меамаран, градителот на големите могули ги создаде Фатехпур-Сикри и Агра, а кинеските цареви го изградија Пекинг. Сметате ли дека на Скопје му е потребен ваков планер-поединец, кој ќе го синхронизира изгледот на населбите кои се формираа спонтано со оние што настанаа во еден здив во периодот по земјотресот?

-Скопје како современ град е нераскинливо поврзан со урбанистичкото решение на врвниот светски урбанист Кензо Танге. Неговата визија започна да се остварува во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. За жал, потоа настапи период на подолг застој во реализацијата на неговиот план, и стрмоглаво паѓање на урбанизмот коешто кулминираше токму во последниве години. Овој пад се случи како последица на непостоење на Министерство за урбанизам и градежништво, од една страна, и од недоволно образован стручен кадар во областа на урбанизмот, од друга страна. Денес прстите во „урбанистичките креации“ се дело на актуелната политика чијашто цел е кристално чист популизам што може да се види во објектите што се градат под Кале, на левиот брег на Вардар, како и изградените и планираните објекти на плоштадот Македонија и во центарот на градот. Факт е дека на Скопје му требаат високообразовани урбанисти. Ние треба една група од најмалку 20 талентирани млади архитекти да ги испратиме во познатите светски факултети на специјализација, кои по враќањето во Македонија најпрвин еден период ќе работат под раководство на некој од светските урбанисти кој ќе го ангажира нашата држава и дури потоа да ја земат палката во свои раце. За време на овој период, кој најверојатно ќе трае најмалку 4-5 години, мора да има комплетен застој и прекин на градењето на каков било објект во централното градско подрачје во Скопје. Ова е единствениот начин да излеземе од хаосот во кој се наоѓаме. Ако вака не се постапи, сигурен сум дека градот ќе стане урбанистичка карикатура со која ќе се срамиме. Денес ова што се случува во урбанизмот е злосторство. Со злосторниците и нивните дилетантски идеи што секојдневно се реализираат во пракса и ја уништуваат нашата култура, не треба да се занимаваме ние архитектите, туку соодветните државни органи.

Со исклучок на Крум Томовски, кој во јавноста е сепак попознат како архитект-историчар отколку како архитект кој се занимава со архитектонско проектирање, во МАНУ нема архитекти творци, што не е случај со ниту една академија во светот. Вие неколку пати од страна на стручната јавност бевте предложени за членство, но сепак не бевте избрани. Во меѓувреме станавте член на Словенечката академија на науки и на уметности (САЗУ). Сметате ли дека МАНУ со потценување гледа на работата на нашите архитекти творци?

-Јас лично, се однесувам со голем респект кон нашата врвна институција од областа на науката и уметноста МАНУ. Мојата забелешка се однесува на поставеноста на архитектурата во однос на другите одделенија со нејзиното приклучување кон математичко-техничките науки, а не во уметноста, каде таа всушност припаѓа и каде што е сместена во сите Академии во светот. Изборот на новите членови не би го коментирал. Единствено ќе кажам дека начинот на прием на нови членови со институцијата „гласање“ не е најсоодветен. Апсурдно звучи, но сега чинот на гласање може да се сведе на индивидуалниот однос на гласачот кон кандидатот: „припаѓа ли на мојот сталеж или не?“, „симпатичен ли ми е или не?“. Сметам дека вистинскиот избор треба да биде одраз на дострелите во сферата за којашто кандидатот се пријавува. Тие достигнувања се верифицираат од страна на општеството преку афирмација на сопствената земја надвор од нејзините граници и секако, преку признанијата и наградите. Ако мене ме прашувате, не само во МАНУ, туку и во целото наше општество на архитектите и на нивната работа се гледа со потценување. Тие не се главна движечка сила во македонското општество како што би требало да бидат. Многу често тие дури и не одлучуваат за изгледот на нашите градови и на другите населби.

Ако нашето општество е лоша мајка за архитектите, тогаш сигурно е маќеа за теоретичарите на архитектурата кои егзистираат некаде на маргините. Кои последици можат да настанат од непостоењето на допирни точки помеѓу теоријата и праксата во архитектурата?

-Нашето општество страда од недостиг на архитектонска критика. Критичарите на архитектурата се претежно луѓе коишто се занимаваат со архитектонска теорија. За да се занимаваат со теорија, треба уште од најмлади години целосно да се посветат на таа област. Архитектонската теорија е бедем, можеби уште поголем од самото архитектонско творештво. Вистинскиот архитектонски критичар треба да поседува и квалитети и на добар проектант. Тогаш се добива вистинскиот лик на еден компететен теоретичар кој достојно ќе ја постави нашата архитектура таму каде што таа треба да биде. Во творештвото на македонската архитектура постојат бисери. Тие не само што не се познати надвор од нашите граници, туку тие остануваат непознати и за нашата поширока културна јавност. Во земјите на Запад архитектурата е доминантна во однос на сѐ останато. Токму преку архитектурата се препознава и културното ниво на една држава, што е најголема заслуга на теоретичарите на архитектурата. Ако во едно општество теоријата и праксата во архитектурата егзистираат независно една од друга, како кај нас, тогаш не постои критериум за оценување, не постои прогрес во општеството.

Иако најголем дел од Вашето творештво му го посветивте на проектирањето на високите објекти, избравте да живеете во Бардовци, во куќа која е дел од станбената низа што самиот ја проектиравте. Зошто?

-Искрено, иако со ист респект се однесувам кон истражувањата на живеењето и на високата и на ниската структура и сум направил стотина студии на индивидуални куќи во кои посебен акцент сум ставил на максимално економичните решенија, и сметам дека и едните и другите видови објекти овозможуваат квалитетно живеење, повеќе би сакал да живеам во станбена мегаструктура отколку во каква било куќа. Да беа изградени моите станбени мегаструктури, сигурно ќе живеев во нив. Најмногу би сакал да живеам на место со висечки дворови и тоа на најгорниот кат, каде што ѕвездите ќе ми бидат на дофат на раката. Таму ќе се чувствувам како господар на бескрајот, господар на сѐ што може да се види од таа височина. Во исто време нема да бидам осамен, туку ќе бидам блиску до моите соседи кои ќе живеат на подолните катови.

Интервјуто го водеше: Наталија Новаковиќ

Извор: Порта 3, бр.99 (30.01.2009)

Tagged with:

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *