Култура

Почина актерката Мира Ступица

Познатата српска актерка,  Мира Ступица, родена на 17 август 1923 во Гњилане почина синојка  на 93 годишна возраст. Мира Ступица беше позната актерка со остварено многу улоги во театарот, филмот и на телевизијата во поранешната СФР Југославија.  Познатата актерка почина во Белград синојка,, а само пред три дена го прослави својот 93-ти роденден во кругот на најблиските.

Родена како Мирослава Тодоровиќ во Гнилане, на 17 август 1923 година, каде што нејзините родители, професори по математика биле на служба во гимназијата, со семејството подоцна ќе се пресели во Горњи Милановац, па во Аранѓеловац, а дури подоцна во Белград каде што ќе се препушти на магијата на театарот. Одиграла многубројни улоги на сцените во Шабац, Ниш, во Народно позориште, во театри се до Париз и до Москва. Ступица настапувала во сите жанрови, од класика до современ и национален репертоар, а останува незаборавна како Петруњела, Глорија, во улогата и на бароницата Кастели, Мадам Сан Жен…

„Повеќе пати повторуваше дека врвот на актерскиот талент го достигнала токму во режиите на Бојан Ступица во текот на двете децении од нивниот заеднички живот на сцената и надвор од неа“, потенцираат од Југословенско драмско позориште, потсетувајќи дека за сето она со што го задолжила српскиот театар и филм, актерката чие име се’ уште се памети на просторите на поранешна Југославија добила значајни награди и признанија меѓу кои се и „Добричин прстен“, статуетката „Јоаким Вујиќ“, наградата „Павле Вуисиќ“ и др.

Играла и во филмовите „Во мрежа“, „Стојан Мутикаша“, „Ханка“, „Делии“, „Крвава бајка“, „Доручек со ѓаволот“, а во новиот милениум и во филмовите „Седум и пол“ и „Парада“. Во оваа пригода меѓу многуте ТВ-остварувања се издвојува и улогата на Кика Бибиќ во „Буквар“, поради која многумина и се описмениле. Своите животни искуства сочинети од професионални успеси, од трите брака (Мавид Поповиќ, Бојан Ступица и Цвиетин Мијатовиќ), но и големите порази, ги собрала во книгата „Грст сол“ („Шака соли“), која има неколку изданија.

Tagged with:

Автор:

Слични статии