Култура
papuci

Последниот „мохиканец“ во папучарството

-За сите имаше работа, сите ние се дружевме и се помагавме. Такво беше тоа време, вели мајсторот Шабан, кој оваа година заминува во пензија. Со неговото заминување ќе замине и занаетот на изработка на оние папучи кои ги паметимеуште од нашето детство. Не постоеше куќа а да нема од овие папучи. Црни или црвени, во средината извезени. Се уште шарата се везе рачно, но, наместо кожа и ѓон, сега како материјал се користи скај и гума. Овој занает нема кој да го продолжи од неговото семејство. А ниту тој пак настојувал неговите деца да појдат по неговите стапки.

faruk-saban

– Почнав сам со оваа моја занаетчиска работа и сам ќе го оставам занаетот, раскажува мајсторот.  Учел во средно занаетчиско училиште „Димитар Влахов“ од 1966 до 1969 година. Тогаш се учеле најразлични занаети во тоа училиште: кројач, бербер, козметичар, папучар…. По завршувањето на училиштето станал калфа кај чичко му, а после шест години започнал да работи самостојно.

– Убаво е да работиш во место како што е Старата скопска чаршија.  Секојдневно се среќаваш со многу луѓе, доаѓаат туристи од различни земји. Оваа чаршија беше центар на занаетчиството во поранешната  Југославија и се уште го држи тоа место. Башка, нема друга таква поголема како што е оваа нашата чаршија.

На сталажите, на кои се изложени папучи за продавање, стојат и две признанија за неговата долгогодишна работа. Едната плакета и диплома ги добил од  Сојузот за еснафска солидарност од главниот град на Турција, Анкара, за најдобар еснаф од Скопје во 2013 година, додека втората е добиена оваа година за најдобар занаетчија, доделена од Министерството за економија.

papuci-2

На дипломата добиена од Анкара од опачината Шабан ни го покажа текстот кој беше напишан на туски и на македонски јазик, потсетување за тоа како треба да изгледа и да се однесува еден еснаф. Денес многу малку има вистински еснафи, вели Фарук Шабан кој ни рече дека наскоро, за некој месец, кога ќе се пензионира,  ќе го продаде и дуќанот.

 Совет за еснафска солидарност

Не посегнувај по туѓ имот, не јади и не пиј се што е харам.
Иди праведен, трпелив и издржлив.
Не лажи.
Почитувај ги возрасните, не зборувај пред тие да ти се обратат.
Лажно никого не убедувај.
Биди скромен.
Не посакувај се да биде твое.
Не мери грешно и не мери кусур.
И кога си силен и супериорен, простувај
И кога си бесен однесувај се смирено.
Дури и кога самиот имаш потреба од помош
Биди даражлив и сподели со другите

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *