Култура

Роберт де Ниро бил одбиен за улогата на Мајкл Корлеоне

Никогаш немало толку многу луѓе на фестивалскиот плоштад во Сараево. Доаѓањето на еден од најголемите актери на денешнината, Роберт де Ниро, предизвика вистинска еуфорија и за првпат го закочи сообраќајот во Сараево. Босанските новинари истакнуваат дека не било вака ни за Анџелина Џоли, Беницио дел Торо, Џон Малкович и многу други големи имиња кои досега беа на фестивалот. Ваква возбуда и интерес, врескање и стоечки овации, одушевеност и желба да го видат во живо почесниот гостин на фестивалот досега немало. А Де Ниро, пак, пленеше со својата едноставност и скромност и со интересот за Сараево и за сето она низ што овој град помина.
Посебна почест на Де Ниро му оддадоа и таксистите во Сараево. Во чест на филмот „Таксист“ кој годинава славеше 40 години, но и во чест на Роберт де Ниро и ликот на Тревис Бикл, кој го игра во овој филм, таксистите од кои повеќето се исто како и неговиот лик, воени ветерани, одлучија од благодарност на своите возила да стават фотографија на Де Ниро. Станува збор за дури тристотини возила.
„Кога го прочитав сценариото за ’Таксист‘ бев возбуден. И денеска сум емотивно врзан за овој филм иако додека го снимавме не можев да знам како ќе заврши. Ни легендарната реченица од филмот не ја очекував. Но, денеска е подобро за него да зборуваат теоретичарите или историчарите на филмот, а може да зборува и Мартин Скорсезе“, изјави Де Ниро во отворениот разговор, за кој имаше вистинска мешаница, а кој за првпат се одржа во Народниот театар во Сараево.
Роберт де Ниро дојде на самото отворање на фестивалот и беше присутен во двете сали каде што истовремено се прикажуваше „Таксист“ и каде што истовремено беше отворен 22.СФФ. Имено, големиот американски актер и во Народниот театар и на сцената на Летното кино „Металец“ излезе да ја поздрави публиката, да ја прими наградата, почесното “Срце на Сараево“ за животно дело, и да го прогласи фестивалот за отворен. „Ќе го чувам ’Срцето на Сараево‘ и ќе го памтам Сараево со големо задоволство, бидејќи нема многу градови на светот кои го покажале своето срце кога најмногу требало, во најтешките моменти“.
Де Ниро изјави дека постои сличност помеѓу Сараевскиот фестивал и фестивалот „Трибека“ што тој го основаше. Како што рече, и двата овие фестивала се настанати во тешки моменти. Сараево е настанат во време на војна и од потребата да се преживее, а така е и со „Трибека“ кој е основан по нападите на Њујорк во 2001 година, со цел да се покаже отпорот на уметниците кон насилството и теророт.
Интересно е дека предизвика огромни овации и со неговите изјави за актуелниот кандидат за избор на претседател на САД, Доналд Трамп, за кого рече дека го потсетува на шизофрените ликови во „Таксист“, „во чија близина воопшто не сакате да бидете“. Тој го спореди Трамп со Тревис Бикл, за кого нагласува дека „зборува потполно лудо“ и дека ни тој не би сакал да се дружи со таков тип.
Во разговорот со Де Ниро дознавме дека бил статист во францускиот филм „Три соби на Менхетен“, додека првата улога на 20 години ќе ја одигра во филмот на Брајан де Палма „Венчавка“ (1963), кој не бил прикажан с` до 1969 година. А за негово официјално деби се смета уште еден филм на Брајан де Палма, „Поздрави“ од 1968 година. Соработката со Скорсезе и редицата одлични филмови односно негови незаборавни ролји започнуваат во 1973 година.
За улогата на Џејк Ла Мота во „Разјарениот бик“ истакна дека била многу сложена, и физички и психички. Но, кога го добил сценариото сметал дека има „многу душа“. Оваа улога му донесе „Оскар“ и „Златен глобус“. „Денеска киното се промени. Големите студија не сакаат да рескираат, па главно ги прават оние големи блокбастери кои им носат заработка“, дополнува Де Ниро. Тој рече дека за да режирате потребна е голема волја и упорност, бидејќи има многу работа и секогаш има проблеми со буџет, со услови за снимање итн. По „Приказна за Бронкс“ и „Добриот пастир“ би се нафатил повторно со режисерската работа, но за некоја исклучително посебна приказна.
Запрашан за комичните филмови, Де Ниро рече дека прифатил да игра во комедии за да не го поистоветува публиката само со мафијаши. Но, како што рече, факт е дека во некои комични улоги може да игра, но во некои едноставно не може. Инаку, како потенцијални наследници тој ги издвои Мет Дејмон, Шон Пен и Леонардо ди Каприо, додек за Бен Афлек се пошегува и рече дека се поправил во последно време.
Роберт де Ниро едноставно уживаше во целата атмосфера во Сараево. Беше многу пристапен и расположен, на фановите им даваше автограми, постојано мавташе и се смешкаше на насобраната публика, а и со задоволство се сликаше со фановите. Покажа големо интересирање за сето она што се случуваше во Сараево, ги посети местата од каде што бил гранатиран градот, беше одушевен од Тунелот на спасот, па дури и изјави дека ги донел своите две деца за сето тоа да можат да го доживеат сега. Роберт де Ниро, дефинитивно, беше најголемата ѕвезда која досега дошла во Сараево, но и во целиот овој регион.

Специјално од Сараево за Теxt: Сунчица Уневска

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *