Култура

Аквапонијата е иднината на градинарството

Аквапонија е затворен систем на кружење на азот, каде рибата создава ѓубре за растенијата, а растенијата ја чистат водата за рибата. Тоа е еколошки одржлив систем којшто користи дури за 80 проценти помалку вода во однос на традиционалниот начин за одгледување на растенијата. На овој начин хранливите материи од водата се рециклираат во затворениот круг и на тој начин се штеди водата. Единствената енергија што се троши е елчектричната енергија.

Македонија годинава ќе добие прва аквапонија. Станува збор за релативно нов и иновативен начин за земјоделско производство, кој за првпат во Македонија ќе го имплементира компанијата Фарма биаква. Освен што аквапонијата, која до почетокот на есента ќе никне во село Орешани во близина на Скопје, ќе биде прва од ваков тип во Македонија и најголема на Балканот, таа има уште една уникатност. Аквапонијата е прв иновативен проект од областа на земјоделството кој што доби поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.

Тимот ентузијастии и добри познавачи на производството на здрава и органска храна за Иновативност.мк објаснуваат што всушност подразбира аквапонско производство на зеленчук и риби.

За почеток, во аквапонијата ќе се одгледуваат зелени лиснести производи: марула, млад кромид, млад лук, рукола, ендивија, магдонос, нане, босилек, цвекло, морков, блитва, а подоцна и многу други.

Кој ја донесе аквапонијата во Македонија?

Позади овој иновативен и навистина уникатен проект стои Фарма биаква, новооснована компанија која со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, во Македонија прва ќе го тестира и промовира методот на аквапонско производство на зеленчук и риби. Главна цел е да се обезбедат континуирани количини на зелен лисест зеленчук во текот на целата година со што ќе се задоволат потребите на клиентите од земјава, а подоцна и пошироко.

Со затворената аквакултурата се запознав уште во почетокот на 2000 година. За жал, во тоа време не постоеја услови за пилотирање и комерцијално призводство. Бидејќи по струка сум електро- техничар, посебно се заинтерсирав за специфичните методи на искористување на сончевите зраци и развивање на нови технологии. Имајќи предвид дека Македонија е аграрна земја во која аграрот сеуште не е развиен, одлучив да ги применам сознанијата стекнати од долгогодишните истражувања. Така се роди идејата за енергетски ефикасна аквапонија. Преку Фарма биаква се отвори можност за реализација и на оваа долгогодишна идеја“, објаснува Васил Петрушевски, иноваторот во тимот на Фарма биаква како воопшто се роди идејата за македонска аквапонија.

Секако, со оглед  на тоа дека Македонија важи за земјоделска земја и постојано се зборува за недоволно искористените потенцијали на земјиштето, логично се наметнува прашањето кои се предностите на аквапонското во однос на конвенционалното земјоделско производство?

Петрушевски појаснува дека основната разлика е што аквапонското е безпочвено одгледување на зеленчук. Разликата, пак, во однос на хидропонскиот начин е што не се додаваат хранливи материи од вештачко потекло.

Наша крајна цел ни е преку овој начин на призводство да го вратиме часовникот на глобалното затоплување и да ја спречиме емисијата на CO2 при производство на храна во пластениците. Индиректна придобивка е и намалување на загадувањето на водите: нема загадување од аквакултура и намалување на соленоста на почвата“, вели Петрушевски.

Придобивки од аквапонското производство на зеленчук
– Аквапонијата овозможува производство на риба и свежи земјоделски производи во текот на целата година
Затворениот систем на призводство гарантира заштита на производите од хемикалиите присутни во воздухот
– Аквапонијата овозможува природна интеракција помеѓу рибите и растенијата
– Употреба на хемикалии и пестициди од било каков вид е невозможна бидејќи рибите ќе изумрат
– Нема потреба од употреба на вештачки ѓубрива
Akvaponija 5
Млада марула во аквапонија
Четири пати поголеми приноси во однос на конвенционалните методи

Проценките на инвеститорот на првата македонска аквапонија се дека во првите две години од оваа аквапонија, која ќе се протега на површина од 1.800 квадратни метри (најголема на Балканот), годишно ќе се произведуваат 54 тони лисест зелечук. Според искуствата, во затворен еколошки систем се очекуваат четири пати поголеми приноси во споредба со конвенционалните методи.

Нашите очекувања се дека аквапонскиот метод на производство на зеленчук и риби ќе заживее и нашите аквапонски призводи ќе го најдат своето место на пазарите низ Македонија. Нашиот бизнис план предвидува по завршување на проектот аквапонијата да прерасне во профитабилен бизнис кој освен на домашен пазар, во наредните години ќе ја прошири својата мрежа на клиенти и пошироко“, вели Анастасија Ашкилова, одговорна за продажба во Фарма биаква.

Предизвик за инвеститорите во овој иновативен начин за производство на храна е вметнување на овој метод во законската регулатива која ги одредува параметрите за производство на зеленчук.

Автор:

Слични статии