Култура

Божиновски штрајкува со глад за ослободување од притвор

Притворениот новинар Зоран Божиновски, на 14 септември годинава писмено ја известил управата на истражниот затвор во Шуто Оризари и судот дека ќе започне штрајк со глад. Причината за ваквата одлука на Божиновски е неоправданото продолжување во недоглед на претворот и одолговлекување на судскиот процес, кој и после шест месеци од неговата екстрадиција во Македонија, никако да започне. Божиновски во писмото упатено до управата на затворот и судот побарал да се прати известување до неговиот адвокат, како и народниот правобранител.

Меѓутоа до денеска, затворската управа и судот веста дека Божиновски штрајкува со глад ја немаат споделено со адвокатот и Народниот правобранител,  со очигледна намера да ја сокријат оваа информациија од јавноста.

Ние сме многу загрижени за здравствената состојба на Божиновски, која постојано се влошува, откако во изминатите седум дена одбива да прими храна и вода. За една недела штрајк со глад тој ослабел 20 килограми и два пати дневно прима инфузија со цел да се одржи под контрола неговата здравствена состојба. Адвокатот ни пренесе, дека тој е решен да оди до крај, или судијата ќе го ослободи од притвор или ќе умре во затвор! Убеден е дека во притвор нема услови да ја подготви одбраната.

Ја повикуваме судијката Сандра Крстиќ веднаш да го укине притворот на колегата Божиновски, во спротивно неа лично ќе ја сметаме за одговорна за евентуалните последици по здравјето и животот на колегата, што ќе настанат поради продолжувањето на штрајкот со глад.

Исто така, го повикуваме Народниот прваобранител да го посети Божиновски во затвор и да се увери во неговата здравствена состојба, како и навремено да ги предупреди институциите за последиците ако не постапат соодветно на ситуацијата.

 

Силно се солидаризираме со барањето на Божиновски да се укине притворот и го разбираме неговото незадоволство како институцииите постапуваат во неговиот случај. Сепак го замолуваме да го прекине штрајкот со глад бидејќи во ситуацијата најбитно е неговото здравје.

Повторуваме дека притворот за Божиновски повеќе не служи како мерка за обезбедување, туку како казна; Очигледни се двојните аршини на судските органи, кои лесно одредуваат притвор за новинар, но упорно одбиваат иста мерка да изречат, кога осомничени се поранешни владини функционери.

Ако судот ценел дека поранешиот премиер Никола Груевски од позиција на лидер на владеачка партија не може да влијае на сведоци и истрага, уште помали се можностите врз сведоци да влие еден новинар. Ако судот смета дека поранешни министри осомничени за 15 тешки кривични дела нема опасност да ја напуштат земјата, уште е помала веројатноста новинар да ја избегне правдата.

Нема сомнение дека Божиновски е изложен на политички процес од власта за да замолчи еден новинар и да се дициплинираат останатите. Со ваков прогон на новинари,  Македонија никогаш нема да биде слободна, демократска и европска земја.

Изјава на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани

22.09.2016

Автор:

Слични статии