Култура

Избрани 44 визуелни дела и шест галериски скулптури на третиот конкурс за откуп

На третиот Конкурс за откуп на уметнички дела, кој Министерството за култура го распиша во мај годинава, избрани се 44 дела од визуелната уметност на 33 автори и шест скулптури од галериски формат од ист број автори…

На Конкурсот пристигнале 69 пријави за 178 визуелни уметнички дела и 17 пријави за 29 скулптури. Делата за откуп се избрани од стручна комисија во состав: Викторија Васева–Димеска, Муамер Садику, Конча Пирковска и Маја Неделковска-Брзанова. Со нив, од трите конкурси досега (2014, 2015 и 2016), откупени се вкупно 163 дела од 119 автори, а од буџетот се издвоени околу 22 милиона денари.

Се работи за една од стимулативните мерки во Националната стратегија за култура (2013-2017) чија цел е да ги збогати фондовите на националните установи од областа на уметноста, како Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија, да го поттикне домашното уметничко творештво и да го унапреди статусот на ликовните уметници.

Резултатите од третиот конкурс на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која нагласи дека мерката што се спроведува две години ја исполнува целта и има одлични ефекти.

– Меѓу авторите на делата кои се откупени се уметници кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, автори потврдени промотори, иницијатори на одредени појави, движења и стилови во националната уметност, како и млади уметници со истакнат ликовен израз – рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека покрај конкурсите за откуп на дела, Министерството за култура континуирано издвојува средства и за поддршка на проектите на ликовните уметници, за претставување на македонските автори на реномирани манифестации во странство, во културно-информативните центри во Софија и во Њујорк и во ателјето во Париз.

Викторија Васева-Димевска, член на комисијата за избор на пријавените дела, истакна дека овој проект покажува дека се има желба, волја и почит за уметноста и уметниците во, како што рече, динамично и турбулентно време.

– Особено ме радува што овојпат имавме можност да ги разгледаме понудите од приватните збирки и галерии кои понудија завиден број квалитетни дела од основоположниците на македонската ликовна уметност и од постарите генерации македонски ликовни творци, со чиј откуп се задоволува дел од потребите на институциите од оваа област – музеите и галериите – рече Васева-Димевска.

Уметникот Антони Мазневски ја поздрави иницијативата на Министерството за култура која се реализира трета година.

– Таа е од огромно значење за секој автор и за уметничкото творештво, особено затоа што сме општество со многу мал пазар за ликовната уметност. Тие дела ќе си добијат репрезентативен јавен простор – рече Мазневски.

Директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими истакна дека благодарение на овој проект значајно се збогатил фондот на уметнички дела на НГМ – вкупно 34 од двата претходни конкурса.

Меѓу авторите чии дела се откупени на третиот конкурс се: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Аврамов Пандилов, Ристо Лозановски, Миле Корубин, Димитар Кондовски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Спасе Куновски, Танас Луловски, Глигор Чемерски, Александар Јанкуловски-Цане, Ана Темкова, Теофил Шулајковски-Тофе, Кирил Гегоски, Ванчо Георѓиев, Жанета Вангели, Благоја Маневски, Александар Станкоски, Милош Коџоман, Никола Иванов-Балтон, Трајче Николовски, Сергеј Андреевски, Решат Амети, Константин Качев, Синиша Кашавелски…, а автори на откупените скулптури од мал формат се: Станко Павлески, Власе Николески, Петар Хаџи-Бошков, Томо Бундовски, Антони Мазневски…

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *