Култура

Од полноќ стартува забрана за емитување на македонска музика

Здружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП) забрани јавно емитување на музика од автори, кои се нивни членови. Забраната стартува од вечерва, што  значи дека од ноќва на полноќ не смее да се емитува музика од македонски автори, пренесува СДК.

Причина за ова, како што е наведено во соопштението на ЗАМП, е повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз работењето на ова Здружение и создавањето на можноста да се формира паралелно здружение за истите права, во случајов СОКОМ МАП, што е нонсенс.

„Крајно сме револтирани од беспримерниот притисок што го прави Министерството за култура во остварувањето на авторските музички  права. Авторите од Република Македонија, чии права ги штити Здруженито за заштита на авторските музички права (ЗАМП) со акламација одлучија да се забрани јавно емитување на нивните дела. Авторите ги задолжија Собранието и Управниот одбор на ЗАМП забраната да почне да се применува од 20 септември годинава и да трае се до нејзиното евентуално отповикување. Свесни сме дека ова е непопуларна мерка и дека граѓаните ги лишуваме од задоволството да слушаат музика од македонски автори. Знаеме и дека забрана не е решение на проблемот. Ние, авторите, сме уверени дека правото е на наша страна и со него ја продолжуваме борбата со противзаконските одлуки на државните институции. На нивна страна е единствено – силата. Нема друг пример во една држава да постојат две здруженија и да остваруваат исти права. Надлежните за тоа беа предупредени и од ЗАМП и од повеќе меѓународни и регионални сродни организаци“, се вели во соопштението на ЗАМП.

„Последно што побара ЗАМП е Владата да ја одложи постапката околу лиценците до донесувањето на измените во Законот за авторското право, на што е обврзана Република Македонија со Директива на Европската Унија. Меѓутоа, и на тоа се оглушија. Целта им е да ги разделат авторите и да стават рака врз парите што ги прибира Здружението. Затоа новото здружение СОКОМ МАП стана инструмент во рацете на Министерството за култура. ЗАМП ќе опстои на овие удари, макар молчеле авторите што ги штити. ЗАМП ќе издржи и ќе го чека денот кога ќе го врати правото што произлегува од законите и од Уставот. Нашиот молк станува крик“, велат од ЗАМП.

Автор:

Слични статии