Култура

Отпадот и „Браќа Манаки“

Отпадот, а не цензурата бил причина за скандалот што го потресе фестивалот „Браќа Манаки“ пред самото негово затворање. Отпадот што ќе останел на сцената по изведувањето на предвидениот перформанс „Будење на пролетта“ предизвикал организаторите на фестивалот само ден пред неговото завршување да ja откажат оваа сценска изведба и да го сменат концептот на свеченото затворање.

„Авторите планираа на сцената да остават отпад од неколку килограми праски, сливи и дињи, како и неколку килограми мед и половина кубен метар огревно дрво. За да се расчисти сцената ќе беше потребно време, со што би била пролонгирана церемонијата за доделување на наградите на добитниците на годинешниот ’Браќа Манаки‘“, гласеше официјалната изјава на директорот на фестивалот Благоја Куновски.

Тоа би требало да биде објаснувањето за откажувањето на уметничкиот чин на истата екипа која оваа година и го отвори фестивалот, и тоа: режисерот Мартин Кочовски, коавторот Горјан Милошевски, визуелниот уметник Филип Јовановски и актерите од Битолскиот и Прилепскиот театар. И по се` изгледа ќе беше многу подобро објаснување да немаше, бидејќи ова објаснување само го потврдува убедувањето на авторите, но и на голем дел од јавноста, дека станува збор за класична цензура.

Откако отворањето со перформансот наречен „Циклуси на животот“ ги запрепасти претставниците на власта кои беа присутни, но и организаторите на фестивалот (поради голотијата, авангардноста и експлицитноста), кои очигледно не можеа да се снајдат по силните реакции за она што на сцена го донесоа младите автори, следуваше ваков шок, а можеби и не, бидејќи за многумина беше и очекуван. А и како би сакале да реагира оваа власт која ги доведе работите до таму критиките да бидат сведени на минимум дали во печатените медиуми, дали на телевизиите, во културните институции и каде уште не. Дури ги гледате како утопија изјавите на авторите дека сакале да ја коментираат политичко-социјалната состојба во земјава, дека сакале да ги критикуваат оние кои не` убедуваат дека живееме во розов свет, дека сакале да покажат отворен презир против фестивалската „буржоазија од епрувета“.

Како може во овие услови денеска, кога се` се претвори во лакрдија, кога она што е најважно е корупцијата и класичното перење мозоци, да очекувате дека ваков перформанс ќе биде дозволен и тоа на фестивал каде што државата ги дава парите и каде што претседателот на државата е покровител.

Цензурата не е чудна, чудно е како го дозволија и отворањето. Изгледа дека некој ја пропуштил лекцијата, па затоа мораше да следи вакво откажување. Имено, вие можете да ангажирате било кого за свечениот чин на отворањето и затворањето на фестивалот, но мора да имате визија што сакате да постигнете или да порачате. Ако на уметниците сте им рекле дека може да направат што тие сакаат или мислат дека треба, тогаш кој е виновен? Уметниците сигурно не, бидејќи тие го прават она што најдобро умеат, низ своите дела ја рефлектираат стварноста. Но, веројатно некој заборавил кој е вистинскиот газда, па затоа и ваков курцшлус.

Факт е дека отворањето и затворањето на еден филмски фестивал треба да биде слика на самиот фестивал, на неговата идеја, концепт, содржина, визија, цел и амбиција. Овде тоа очигледно не се случи, но не поради идејата на уметниците, туку поради немањето идеја на организаторите. А покрај тоа, покрај фактот што немале точна претстава што сакаат, заборавиле и каде живеат. Ако идејата навистина беше (што чисто се сомневаме) нешто да се критикува, и за тоа има начин, особено на ваква манифестација, а ако не, тогаш е навистина голем гаф што уметниците беа ставени во ваква ситуација. Но, во секое зло има и добро. Бидејќи, ако досега не им беше јасно, тогаш во иднина треба да им е јасно каде е местото на „Браќа Манаки“ и кој е, всушност, вистински газда на фестивалот. Тогаш вакви гафови нема да има, а розовите очила што, нели, веќе си ги имаме, ќе не потсетат да не заборавиме да ги понесеме.

Автор: Сунчица Уневска

Текстот е преземен од Техт

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *