Култура

Отворен 73. Венециски филмски фестивал

Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, 73. по ред,  стартуваше вчера, со прикажувањето на музичкиот холивудски филм на американскиот режисер Демиен Шазел, „Ла Ла Ланд“ со Рајан Гослинг и Ема Стоун во главните улоги. Станува збор за џез мјузикл, филм кој зборува за маките и радоста со кои се соочуваат оние кои ги следат своите соништа, а Гослинг и Стоун, според првичните критики, брилијантно ги одиграле своите улоги.

Филмот „Ла Ла Ланд“ е еден од 20-те филмови во конкуренција за наградата „Златен лав“, во која ќе се натпреварува и германскиот режисер Вим Вендерс со филмот „Les beaux jours d`Aranjuez“ што е адаптација на драмата на австрискиот писател Питер Хандке. Вендерс, кој беше награден со „Златен лав“ за „Состојбата на нештата“ во 1982 година, сега прикажува интимна летна љубовна приказна на двојка која ја открива природата на врската и разликата меѓу половите.

Покрај филмот на Вендерс, на фестивалот ќе се прикажат и уште неколку германски копродукции. Тие се документарниот филм „Патувањето на времето: животно патување“ на Теренс Малик (САД), кој се фокусира на потеклото на Земјата, како и најновиот филм на францускиот режисер Франсоа Озон „Франц“, чие дејство е сместено по завршувањето на Втората светска војна и ја раскажува нежната љубовна врска меѓу германска вдовица и француски војник. Германски компании, исто така, копродуцираа и во филмовите на рускиот режисер Андреј Кончаловскиј („Рај“), холандскиот режисер Мартин Колховен („Бримстоун“) и мексиканскиот режисер Амат Ескаланте („Нескротливите“).

Единствено САД инвестираа повеќе пари во филмовите кои ќе се натпреваруваат во трката за „Златен лав“ и „Сребрен лав“ од Германија. Најновиот филм на Ана Лили Амирпур предизвика голем интерес, бидејќи таа е единствената жена режисер на натпреварот. Британската режисерка со иранско потекло, која успеа да ги импресионира критичарите со нејзиниот деби-филм минатата година, го претставува филмот за канибализам „Лошата група“ во Венеција.

Годинава фестивалот нагласува дека во глобализирана филмска индустрија, националноста на режисерите не кореспондира секогаш со земјите на потекло на филмовите, со оглед дека 13 од 20 филмови во конкуренцијата се меѓународни копродукции.

На Венецискиот филмски фестивал се претставени и други земји надвор од Европа и Северна Америка, и тоа: чилеанскиот режисер Пабло Лараин го претставува својот филм „Џеки“, биографија на поранешната прва американска дама Жаклин Кенеди (која ја глуми израелско-американската актерка Натали Портман).

Многу критичари, исто така, веројатно ќе бидат заинтересирани и за најновиот еп на босанско-српскиот режисер Емир Кустурица, кој го претставува својот прв филм на настанот по речиси 10 години. „На Млечниот пат“ е филм за љубовта во време на босанската војна. Темата за војната е неофицијалната тема на годинешниот Венециски филмски фестивал.

Австралискиот актер и режисер Мел Гибсон, пак, се враќа со неговиот најнов филм „Хексоу риџ“, која е фокусиран на една од најкрвавите битки од Втората светска војна. Врз основа на вистински настани, филмот ја раскажува приказната за војникот Дезмонд Дос, кој служел во американската армија, но одбивал да земе оружје во рака поради својата вера. Филмот нема да се натпреварува за награда. Германскиот документарец „Аустерлиц“, исто како и филмот на Мел Гибсон, ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Во „Аустерлиц“, познатиот украински режисер Сергеј Лозница ја истражува денешната улога на поранешните нацистички концентрациони логори како туристички атракции, и како тие влијаат на свеста на младите денес.

Оваа година, британскиот режисер Сем Мендес ќе го предводи жирито, а со поддршка на германската актерка Нина Хос. Осумте членови на жирито ќе се соочат со тешка задача, бидејќи мора да оценуваат многу различни филмови: од љубовни драми до историски теми, опфаќајќи и филмови и документарци. Но, на крајот може да има само еден „Златен лав“ – покрај двата „лава“ како награди за животно дело, кои ги добија францускиот актер Жан Пол Белмондо и полскиот режисер Јержи Сколимовски.

Францускиот актер Жан Пол Белмондо и полскиот режисер Јержи Сколимовски се добитници на наградата „Златен лав“ за животно дело

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *