Култура

Писмо до министерската за култура Елизабета Канчевска Милевска

Здраво Бети,
Не ти персирам, се знаеме одамна. Најискрено се надевам дека отвореново писмо ќе стигне до тебе и нема да заврши во ќош или кош. Те молам, голтни ја гордоста и прочитај ја содржинава. Неодамна се вратив од 22. Византолошки конгрес, кој се одржа во Белград. Повеќе од 1.300 научници од 40-ина земји имаа свои реферати во кои директно или посредно говореа за средновековните споменици од Македонија. На тие шест конференциски денови византолози не само од Македонија, но и од Австрија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Германија, Кипар, Романија, САД, Србија, Турција, Франција безброј пати ги споменаа и „Св. Софија“ и Нерези и Курбиново и Манастир и Перивлепта и Старо Нагоричино и Никита и Лесново и Трескавец и другите бисери на византиската уметност во Македонија.

kurbino

Покриви кои прокиснуваат, фрески зафатени од сол и шалитра, влага и мемла, или несовесно поставена инсталација и струјни кабли заковани врз илјада години стари фрески, дилетантски обновени иконостаси, неадекватен црковен мебел

И на секој оној којшто беше присутен на тој собир му е сосема јасно. Не не’ препознава светот по стиропорските кичови, обронзенетиот гипс и лажниот мермер, туку по врвните дострели на средновековните мајстори кои помеѓу 11 и 14 век (а и подоцна) создале достојни репрезенти на тековните струења што еманирале од престолнината и од византиските провинциски центри.
И тогаш политичките елити порачувале споменици за своја промоција и слава, но тогашната уметност на територијата на Македонија и спомениците што се сочувале до денешен ден била врвно, иновативно творештво што ги следело во чекор новите правци, а понекогаш и ги надминувале по квалитет своите престолнички претходници.
Зошто е ова важно. Важно е затоа што сето она што го сторивте со голема помпа, без и малку обѕири кон градската 100-годишна традиција на Скопје и историскиот контекст на центарот на градот, го промовиравте како „почит кон историското минато“ на Македонија. Но нашето историско минато не се ниту фонтаните во Версај, ниту скалилата во Рим, ниту пак палатите во Виена. Нашето минато, а пред се’ иднина, се и Скупи, и Стоби, и Хераклеа, и Стибера, и Баргала, и Марвинци, и манастирите на Наум и Климент и Водоча и Велјуса и погоре споменатите монументални фрески и икони. А тие со мал број исклучоци се во очајна ситуација. Многумина колеги од странство секојдневно прашуваат за македонските средновековни споменици. Им се восхитуваат и имаат голема желба да ги посетат. И јас сакам и имам желба да им ги покажам и да се пофалам. Но, што да покажам – покриви кои прокиснуваат, фрески зафатени од сол и шалитра, влага и мемла, или несовесно поставена инсталација и струјни кабли заковани врз илјада години стари фрески, дилетантски обновени иконостаси, неадекватен црковен мебел.
Многу пати ви беше како на Влада посочено дека не можете да поминете преку добронамерните совети на професионалците, историчарите на уметност, на луѓето од заштитата. Вие си теравте по свое, со игнорантскиот однос, но и со итар поткуп ја обезличивте архитектонската, урбанистичка и конзерваторската фела. Така, наместо професионална и сериозна стратегија во заштитата на културното наследство, најмала ставка во годишниот буџет на Министерството за култура е онаа за заштитата на спомениците на културата. Во зависност од професионалниот афинитет на директорот на Управата за заштита, институцијата се претвара во личен археолошки „институт“. Но Управата не смее да биде маќеа за едни, а мајка за други. Се рекогносцира и истражува и најмалиот рид и тврдина од предхеленистичкиот период и на големо медиумски се промовира секоја монета и најмал наод, а од странските амбасадорски фондови и невладини организации се моли и се чекаат пари за покривно покривање и конзервација на фрески на капитални споменици како Перивлепта и Старо Нагоричане. До ова ли дереџе дојде Македонија, кога од 600 милиони евра, колку што се проценува дека чини „Скопје 2014“ треба да чекаме некој друг да ни подари донација од 800.000 долари за Старо Нагоричане или 97.000 долари за Златковата кула во Кратово или 650.000 долари за Богородица Перивлепта. И како што веќе посочи Донка Барџиева-Трајковска, ниту една од црквите (Нерези, Курбиново, „Св. Софија“, Перивлепта, Велјуса, Канео, Манастир, „Архангел Михаил“ и „Св. Никола“ во Варош, Старо Нагоричане, Никита и други) кои се споменуваат во светските споменички монографии за византиската уметност се’ уште не се ревалоризирани и прогласени за културно наследство од исклучително, односно универзално значење. А треба ли да те потсетам на член 4 и 5 од Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија од 2004 година, кон кои, како челник на Министерството за култура, си должна да се придржуваш. Ако законски работи Министерството за култура, во најмала рака не смее да ги крши законите на сопствената држава. А негрижата за сопственото културно наследство е криминал.
И кога веќе не ги инвестирате народните пари во патишта и болници и училишта и канализации, излезете од овој самобендисан круг, отворете ги очите, послушајте добронамерни совети на професионалци. Со многу мал дел од потрошените пари за грди и шупливи градби и скулптури, ќе го спасевте од пропаѓање нашето, но пред се’ светско културно наследство. Величајте го средновековните ктитори и зографи не преку медиокритетските скулптури на брегот на Вардар, туку со грижата кон нивните безвременски дела. Разберете дека ние сите сме и мораме да бидеме чувари на ова богатство за идните поколенија.
Би сакала да бидам сигурна дека ќе помислите сериозно дека не само што секојдневно си поигрувате со животите и судбините на граѓаните на Македонија, туку си поигрувате и со лицето на Македонија пред светот. ОВА Е ВРЕДНО(СТ). Имате моќ, имате пари, спасувајте ја додека се’ уште има време, додека не е предоцна. Не дозволувајте да ги снема и полека да исчезнат засекогаш „Св. Софија“ и Курбиново и Велјуса и Нерези и Перивлепта и охридските, варошките, скопските, кумановските, струмичките цркви.

Автор: Петрула Костовска, историчар на уметноста и византолог

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *