Култура

Сакам да ја скршам сликата за жената во македонскиот филм

„Сакам да ја скршам сликата за жената во македонскиот филм“, зборуваше познатата режисерка, која сакаше да ја претстави македонската жена како хероина, а не како жртва. Во нејзините филмови успеа во тоа, напиша филмската лритичарка Сунчица Уневска за Техт, по вестта  за смртта на македонската режисерка Билјана Гарванлиева.

Вчера, во Берлин по долго боледување на 43-годишна возраст почина македонската режисерка, сценаристка, драматург и театарски критичар, Билјана Гарванлиева (1973-2016). Со само четири документарни филма (работеше на петтиот) во текот на последните десет години успеа да отиде на бројни фестивали низ светот, да освои бројни награди, да ја претстави Македонија, да зборува за документаристиката, но и да се залага за она во што веруваше.
Во фокусот на нејзините филмови секогаш беа жените за кои таа сметаше дека се исклучително мудри и креативни, но заглавени во стереотипите и традицијата, поради кое го немаат она место што го заслужуваат. Но, и не само тоа, тука е и економската состојба поради која тие талентирани и вредни жени не успеваат да ги остварат своите соништа. Така беше во „Девојчето со хармоника“, првиот филм кој и ги донесе наградите „Аксел Шпрингер“ за млади новинари и државната германска награда „Златна Лола“, но и уште бројни награди, како и донации за нејзината хероина да студира хармоника, тоа што толку го посакуваше.
Така беше и со „Шивачки“, филмот со кој го освои „Срцето на Сараево“, каде што нејзините хероини мораа да заработуваат за своите семејства, а всушност копнееја да бидат писателки, сликарки. imageМногу награди и донесе и филмот за Јуруците, „Девојчето што бере тутун“, во кој прави еден извонреден развој на ликот на младата Мумине, која сака да продолжи да учи и која ќе успее заедно со своите сестри да го продолжат школувањето во гимназијата во Радовиш.
Често Гарванлиева умееше да истакне дека сака да ја скрши сликата за жената во македонскиот филм. Тоа го направи и со првиот македонски документарен филм за климатските промени „После дождот“, во кој жените зборуваат за промените што ги донесе глобализацијата. „Зошто жените“, ја прашуваа Билјана, а таа одговараше, „заради нивната интуитивност, нивното знаење и искуство и нивната мудрост“.
Но, нејзините филмови умееја на еден неконвенционален, храбар и критички начин да зборуваат за повеќе теми на различни нивоа. Така темата на нејзиниот прв филм беше уште во 2007 година беше и одливот на мозоци од Македонија. Таа сакаше не само да ги прикаже тие приказни, туку и да влијае на нивниот понатамошен развој, да им помогне, да дознаат луѓето за нивните проблеми и да придонесе кон позитивни промени и остварување на нивните соништа. Таа сакаше да го покаже она кое често не се прикажува во филмовите на тој начин, но тоа да има влијание и надвор од границите на екранот, да им даде можност да излезат од стереотипите и да ги поттикне да се борат за она што толку го посакуваат, за она за што се талентирани. Веруваше дека нештата можат да се променат и дека од нас самите зависат промените.
Нејзината работа прво беше препознаена во Германија, со чија поддршка ги направи првите свои два филма. Интересно беше дека „Девојчето со хармоника“ и „Девојчето што бере тутун“ беа македонски приказни, а одеа низ светот како германски филмови. Дури од третиот филм „Шивачки“ таа почна да ја добива поддршката од тогашниот македонски Филмски фонд. Нејзиниот ангажман и донесе и повеќе номинации за награди и за нејзиниот храбар и неконвенционален пристап кон темите со цел да се поттикне различното и рамноправно прикажување на жените во медиумите.
Кога ја доби наградата во Сараево изјави: „Овој филм им го посветувам на сите жени во Македонија, бидејќи, конечно, заслужија да добијат филм во кој ќе бидат претставени како хероини, а не како жртви. Ова е голема победа за македонската документаристика“, изјави Гарванлиева, потенцирајќи дека е потребно и таа се надева дека оваа награда во иднина ќе ја мотивира Владата во Македонија несебично да инвестира и да го поддржува документарниот филм.
Многумина не знаат дека Билјана пред да замине за Германија работеше како театарски критичар. Таа има дипломирано драматургија на ФДУ, а честопати и откако почнаа да се прикажуваат нејзините филмови низ светот, беше поканувана да зборува за драматургијата во документарните филмови. Во Германија заминува во 1999 година како стипендист на German Academic Exchange Service (DAAD) да студира театар и филм на Универзитетот Потсдам во Берлин. imageВо 2006 година со поддршка на телевизијата 3SAT го снимаше својот прв филм „Девојчето со хармоника“. Интересно е дека Гарванлиева остана да живее и да работи во Берлин иако сите нејзини приказни беа секогаш поврзани со Македонија.
И не само филмски, туку и животни приказни. Билјана интензивно го живееше македонскиот филм и реалност, таа беше подготвена секогаш да им помогне на нашите филмаџии, да ги поврзе, да направи с` што може. И Берлинскиот фестивал секогаш беше поврзан со Билјана Гарванлиева, таа беше врзивното ткиво, но подоцна и еден од активните читачи на сценарија, која со љубов и љубопитност беше дел од развојот на македонскиот филм, за што сесрдно се залагаше. Како што кажа македонскиот уметник Јован Балов, кој живее во Берлин и кој ја објави веста за нејзината смрт, таа пред само три недели била на сет и работела на своите последни документарни снимки. Инаку, таа е потпишана и како косценарист на новиот македонски филм „Златната петорка“ на Горан Тренчовски, кој ќе ја има светската премиера на фестивалот „Реинденс“ во Лондон, за што Билјана пред десет дена ја извести продуцентот на филмот, Дејан Милошевски.
За само десет години како режисерка направи многу за македонскиот филм, а со целиот свој ангажман и за состојбата во филмот, воопшто, како и за сликата за жената во македонскиот филм. Но, секако и во борбата за нејзините права и за кршењето на стереотипите, с` со желба таа да биде и да го оствари она што може и она што го посакува. Тргнувајќи, како што велеше, од својот пример.
Фала Билјана, почивај во мир!

Автор; Сунчица Уневска

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *