Култура

Шопска свадба во Кратово

Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство „Етно Ризница“ од Куманово, по првото успешно издание на манифестацијата „Шопска свадба“ во кратовското село Куклица,  која овој викенд, 24 и 25 септември, ќе се одржи  второто издание на локациите Кратово и селото Куклица.

– Минатогодишното премиерно издание на „Шопска свадба“ беше одлично примено од сите присутни на манифестацијата, што не охрабри и годинава да организираме второ издание, со намера тоа да прерасне во традиција. Годинава сме поискусни и ќе ги отстраниме сите недостатоци од ланската свадба. Меѓу другото годинава ќе имаме вистински младоженци кои во сабота ќе бидат венчани во кратовската црква „Св.Јован Крстител“, а во недела ќе ги изведат сите свадбени обичаи карактеристични за шопската свадба во кратовско. Не случајно е одбран локалитетот во Куклица за место на одржување на свадбата, затоа што кукличани се Шопи, а легендата вели дека камените кукли на локалитетот во Куклица се скаменетите учесници на свадба во далечното минато – вели организаторот на манифестацијата, Драган Јаким.

Невеста на годинешнава Шопска свадба ќе биде кратовчанката Даниела Ангеловска, која по потекло е токму од Куклица, а зетот е неготинец. Нив ќе ги венчава митрополитот Кумановско- осоговски, г.Јосиф. Кум на младоженците ќе биде полскиот амбасадор Јацек Мултановски. Манифестацијата ќе биде збогатена со концерт во сабота навечер на ансамблот „Македонија“ во кино-салата во Кратово, а ќе биде отворена и изложба на карикатури насловена „Невестинско поклонение“.

Идејата да се организира манифестацијата „Шопска свадба“ потекнува од тоа дека одредени градови имаат свои свадби карактеристични за својот регион, селото Куклица има своја легенда која вреди да се одржува и да прерасне во традиција, а преку неа да се зацврсти националниот идентитет низ кој помладите генерации ќе дознаат за своето потекло. По првото успешно издание на манифестацијата, организаторите најавуваат уште едно ново интересно издание со ветување дека манифестацијата ќе прерасне во препознатлив културен бренд.

Автор:

Слични статии