Култура

„Скопје синема сити“ – фестивал на музички документарни филмови

 Второто издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се одржува од 1 до 4 октомври во Кинотека на Македонија.

Во текот на четирите фестивалски дена, гостите ќе проследат бројни музички филмови од различни жанрови и продукции. Како и првата година, така и оваа фестивалот ќе почне со осврт кон некој уметник. Оваа година тоа е Леонард Коен и фестивалот ќе се отвори со филмот „Јас сум твојот човек – Леонард Коен“ на режисерката Лиан Лунсон. Фестивалот исто така соработува со Би-би-си и ќе се прикажат бројни филмови од нивната продукција. На програмата ќе се најдат и филмови од домашната продукција.

Во рамките на фестивалот ќе се промовира и книгата со музички интервјуа на организаторот на фестивалот Ненад Георгиевски, која ќе биде објавена од издавачот „Полица“. Книгата ќе содржи 40 интервјуа со странски музичари како Пет Метини, Дејвид Силвијан, Питер Хук и домашни музичари како Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Џијан Емин и Љубојна.„Скопје синема сити“ е филмски фестивал за музички документарни филмови основан во 2014 година. Тоа е мултимедијална платформа која обединува сѐ на тема музика – од документарни филмови, изложби, па до промоции на книги и предавања. Минатата година фестивалот се отвори со изложбата на фотографии од Дејвид Боуви на британскиот фотограф Брајан Рашиќ заедно со филмови за Боувиe. На програмата имаше бројни филмови и од домашна и од странска продукција и гости од Велика Британија и Германија.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *