Култура

„Устав на Република Хрватска“ го освои Гран-прито во Монтреал

Хрватскиот филм „Устав на Република Хрватска“ („The Constitution“) на Рајко Грлиќ, чиј копродуцент е Дејан Милошевски и неговата куќа „Револушн продакшн“, го доби Гран-прито во Монтреал, кое носи и парични средства во износ од 100 илјади долари. Филмот, кој во Хрватска уште пред да се прикажува важи за еден од најзначајните филмови за оваа година, влезе во главната конкуренција за награди на 40. Филмски фестивал во Монтреал, кој се одржа од 25 август до 5 септември. Оваа година конкуренцијата во Монтреал беше доста силна, па меѓу 22-та филма кои се бореа за главните награди беше и последниот филм на аргентинскиот режисер Хектор Бабенко, потоа на Русинот Сергеј Снешкин, а тука беа и Ник Балтазар од Белгија, како и Солен Јусеф кој доаѓа од Курдистан.

Rajko Grlic

Рајко Грлиќ

„Устав на Република Хрватска“ или „Љубовна приказна за омразата“ носи една интересна и невообичаена приказна за предрасудите и омразата спрема различностите. Дејствието е сместено во една зграда и фокусирано на животот на четворица луѓе сосем различни меѓу себе, како во поглед на социјалните и религиски вредности, така и во поглед на сексуалните навики, убедувања и предрасуди. Во филмот игра одлична актерска екипа, предводена од: Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Ачимовиќ, а помала улога има и македонската актерка Јелена Јованова, која се појавува како полицајка.

Македонија преку „Револушн продакшн“ во филмот учествува со 10 проценти, и тоа 73 илјади евра од Агенцијата за филм и 42 илјади евра сопствен влог на копродуцентот Дејан Милошевски. Освен Јованова, и музиката во филмот ја потпишува македонски автор, Дуке Бојаџиев и таа е целосно снимена во Македонија. А исто така во Македонија се изработени и специјалните ефекти.

Да потсетиме дека Рајко Грлиќ е еден од култните југословенски режисери, од познатата Прашка генерација, кои во времето на 1970-тите и 1980-тите направија огромен пробив на југословенскиот филм и редица исклучителни, денеска култни дела. Меѓу нив секако се: „Браво маестро“, со кој Грлиќ влезе во главна конкуренција во Кан, потоа „Во челустите на животот“, „Чаруга“, „За среќа се потребни тројца“, „Нека остане меѓу нас“ и други. Пред 10 години Грлиќ ја снимаше „Караула“ во Македонија, во кој играа повеќе македонски актери, а продуцент од македонска страна беше Владимир Анастасов.

Интересно е дека во жирито кое одлучуваше за наградите во Монтреал беше и српскиот режисер Горан Марковиќ, кој исто така е дел од славната генерација југословенски филмаџии. Рајко Грлиќ ја доби главната награда, зад него со Специјалната награда на жирито и 50 илјади долари е Солен Јусеф и неговата приказна за Курдистан насловена „Куќа без покрив“.

За најдобар режисер беше прогласен Ник Балтазар од Белгија, кој беше вклучен во главната програма со филмот „Секој е среќен“, Наградата за најдобро сценарио отиде во Турција за „Swayng Waterlily“ на Серен Јуче, а за уметнички придонес во Јапонија за „Татара самурај“ на Јошинари Нишикори. Вилијам Дефо ја понесе наградата за најдобар актер за неговата улога во филмот на Хектор Бабенко „Мојот хинду пријател“, додека за најдобра актерка беше прогласена Хана Хекстра од Холандија за улогата во филмот „Фурија“ на Андре ван Дурен.

Ustav

Небојша Глоговац

Годинава во Монтреал Хрватска доби уште една награда, и тоа за краткиот филм „Тишина“ на Дејан Мркиќ, која носи 5.000 долари, додека филмот од Косово на Дрен Зерка „Ехо“ го освои „Сребрениот Зенит“ во трката за најдобро деби. „Златниот Зенит“ му припадна на филмот од Киргистан „Волјата на таткото“ на Бакут Мукул и Дастан Запар. Целта на фестивалот во Монтреал, како што истакнуваат организаторите, а и што се потврди со овие награди и со самата селекција, е да ја охрабрат културната различност и разбирањето меѓу народите. Токму затоа Монтреал во својата програма ја промовира иновативноста, ги открива и охрабрува новите таленти и го поттикнува развојот на квалитетен филм, филм кој во себе ја носи вредноста и содржината и чие значење не изминува.

Филмот на Рајко Грлиќ „Устав на Република Хрватска“ ќе има премиера во Хрватска во октомври, а како што најавува Милошевски, во Македонија премиерата се очекува во ноември.

Автор: Сунчица Уневска за Text

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *