Култура

За родителите и упикувањето кај учителките

Еве што се случи. Ќерка ми тргна во второ оделение и ко што е ред отидовме на родителска средба. Во еден момент една родителка, претседател на родителскиот одбор реферираше дека акцијата за кречење на училницата со менување на инсталациите била успешно завршена и останале плус пари со кои сега можат да се купат нови завеси за да не им бие сонцето во очи на учениците. Додаде и дека само неколку луѓе не платиле за тоа задоволство. Еден од тие неколкумина бев и јас од причина што никој не ме известил за таа работа. Кога тоа го реков, некои од присутните ми сугерираа дека тоа било објавено на фејсбук и твитер. Како телефони да не постојат, па должен сум да висам на твитер и фејсбук и да го следам секој прдеж во микро и макрокосмосот. Вибер и онака немам на мојот телефон, за кој, истиот ден подоцна, сфатив (преку апликацијата на телефонот на сопругата) дека е понеопходен од воздух барем што се однесува до нашата родителска група.

Ама друго ми е зборот. Дури и да бев исвестен на време немаше да платам за таа хуманитарна акција. Не затоа што сум намќор, дежурно мрчало и хроничен неплаќач. Оние кои ме знаат, знаат дека кај мене долгови не постојат, кредити не подигам зашто ми е тоа аманет од дедо ми и сметки плаќам редовно, зашто и таа мудрост во моја фамилија се пренесува од колено на колено. Прво сметките да се подмират после да се гледа за храна и преживување. Едеинствено што мразам е некој да прави идиот од мене кога сака да извлече пари за работи кои не сум должен да плаќам, па нека се и сто денари во прашање.

Земав збор и се обидов на родителите од класот на ќерка ми да им објаснам дека тоа што е направено е многу погрешно. Дека училиштето е под надлежност на општината и дека за неговата благосотојба треба да се грижи таа, а не родителите. Дека по таа логика, утре може да протече кровот, да пукне цевка за парно, да снема вилушки и чинии во кујна… Дали и тогаш ќе собираме пари за тие санации? Што ако утре цркне телевизорот во училницата или дивидито? Јас како родител ќе треба да барам мајстор или ќе морам сам да го поправам?А бе кога скокнаа… Па немаме избор! Ако чекаме на општината сме нафркале! Па ние си ги сакаме децата. Не можеме да дозволиме да учат во неискречена училна со оголени електрични кабли!

Погрешно и демагошки. Човекот секогаш има избор. Ако се каблите голи, нема да го пуштам детето на училиште им реков, па ќе се потрудам јавно да објаснам зошто не сум го пуштил. И ако неколку од нас се решат на таков чекор, сигурен сум, од општината ќе дотрчаа како загари да го решат проблемот. Најпосле, кога градоначалникот месечно троши на општински кафански теревенки преку две илјади евра, не може никој да ме убеди дека моја работа како родител да менувам дотраени инсталации во училиштето. И никој не те прашува дали дома ги имаш сменето. Само: Дај пари! Сите сме дале, ред е да дадеш и ти! Или јас не си го сакам детето, како што меѓу редови ми порача една запенавена родителка, крајно испровоцирана од моето излагање, ѓоа ѝ мислев лошо кога реков дека не се право. Ако некој комшија ставил тапети дома, морам и јас да ставам?

Значи тој инстинкт на стадото отсекогаш ми одел на нерви. Заради тој инстинкт луѓето сплотени во група не забележуваат кога некој кој се дистанцира од нив за некоја работа за која смета дека не е во ред, во суштина, зборува во нивна корист. Таквите инквизиторски карактери се мазохистички и секогаш се спремни да го распнат на крст оној кој им мисли добро. Иако во групата секогаш има и такви, а тоа се покажа и во мојов случај, на кои приватно им бев посимпатичен, па искоментираа дека сум апсолутно во право, само што сум морал да сфатам, децата се приоритет и не знам како, ама во тој миг, навистина сфатив… Сфатив дека и тие не разбираат за што зборувам. Еден од нив пак, стварно ме замисли, кога ми укажа дека и он кога учел татко му ја кречел училницата и тоа отсекогаш било така.

Е па не баш. И јас сум учел школо и не се сеќавам дека некогаш родителите собирале пари за кречење на школото или за менување инсталации. Ја прашав мајка ми дали се сеќава на таква работа, зашто она, плус тоа, цел живот беше професорка. Ми одговори дека порано, во социјализмот, тоа не било дозволено и дека таа пракса, во некои училишта започнала пред петнаесетина години, но дури и тогаш, во нејзиното училиште било забрането тоа да им се дозволи на родителите. Додаде дека и обезбедувањето што го плаќаме треба да биде на трошок училиштето.

Ми текна и она онаа не толку позната случка во средното училиште Јосип Броз Тито пред две-три години кога една професорка беше вулгарно навредена од еден ученик на час, кој никогаш не беше санкциониран од директорот на училиштето само затоа што татко му бил еден од фраерите кои на негов трошок ги опремил училниците со нови клупи. Директорката едноставно не сакала да му се замери на филантропот, па пријателски ја посоветувала професорката да не го обелоденува инцидентот во јавноста, која во наредните месеци, како последица на тој инцидент се довела речиси пред нервен слом. Што мислите со каков успех го завршил средното училиште тој татин морон? Со сите петки, народе! Кој, во некое училиште, од професорите, би му правел проблем на дете чии родители го финансираат училиштето? Внимавајте, тоа се екстремните последици од таквата пракса, ама ја разбирате поентата, нели? Нека се знае, зашто преку некои работи не смее да се помине.

Ете така беше. По немилиот настан, во текот на денот видов дека лудилото се оттргнало од контрола, како што очекував. На родителската група на фејсбук правеа муабет и за купување на шкафчиња, ролетни и интервенции на санитарниот чвор. Да полудиш! И си реков: Што ми требаше? Стварно не е за парите, ама и да е… Се обидов да им објаснам нешто друго, џабе. Некои луѓе едноставно имаат опсесивна потреба да се расфрлаат со дела кои произлегуваат од прекумерните сентименталности во нивниот табиет, без притоа да размислат за далекусежните последиците од тие чекори. На крајот на краиштата, може сите немаат да платат. Зошто некого да го доведувате во ситуација да се снебива пред вас зашто не може да даде пари за менување на дотраените електрични кабли? Оној што живее од една плата не си го сака своето дете? Или само вие си ги сакате децата, кои од сабајле до вечер ги оставате со гувернанти кои ви ги ранат и чуваат? Ако имате толку пари за фрлање, запишето си го детето во некое приватно школо. Еве во Нова. И нема да имате проблем со оголени електрични кабли.

Што е поентата? Да си ги мериме, на кој му е поголем (мислам на домашниот буџет) или да покажеме пред учителките на нашите деца невиден самопрегор, за децата да ги минат училишните денови што полесно. Мислете малку со тие главите. Затоа некој ви ги дал. Оној кој презема туѓи обврски на свој грб, за да го покаже своето его, лесно може да го загуби достоинството. Достоинството на родител во нашиов случај.

Сашо Тасевски

Извор: dokaz.mk

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *