Култура

Жан Мишел Жар гостин на „Таксират“

Македонската публика за прв пат ќе има можност да го слушне познатиот музичар Жан Мишел Жар, пионер на електронската музика, кој ќе настапи на отворањето на 18. издание на фестивалот „Таксират“.  На 13 ноемвру , најавеното спектакуларно и аудиовизуелно шоу ќе се одржи во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со што ќе се означи почетокот на фестивалот, на којшто ќе настапат повеќе светски музички имиња.

Францускиот уметник првпат настапува во Македонија, а овој настап е дел од неговата светска  турнеја што ќе биде своевидно заокружување односно круна на проектот „Електроника“ – албум во два тома, првиот издаден лани, вториот годинава. Во неговото создавање учествуваа музички величини како: Пит Таузенд, Моби, „Масив Атак“, „Тенџерин Дрим“, Лори Андерсон, Синди Лопер, „Ер“, Гери Њуман, „Пет Шоп Бојс“, „Прајмл Скрим“, „Орб“ и многу други, како и одметнатиот американски разузнавач Едвард Сноуден. Покрај новите композиции, посетителите ќе имаат прилика да се потсетат и на старите фаворити од неговите класики „Оксижен“ и „Еквинокс“, а сето тоа придружено со незаборавно аудио-визуелно доживување преку совршениот спој на многубројните сценски ефекти што ја интегрираат најновата технологија на звук и светло.ан Мишел Жар, покрај несомнените заслуги за етаблирањето и популаризацијата на електронската, амбиенталната и њу-ејџ музика, е основоположник и на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес. Истовремено, познат е и по тоа што го постави, а подоцна неколку пати го рушеше, сопствениот Гинисов рекорд за најголема посетеност на концерти на отворено, вклучувајќи го оној во Париз, пред 2,5 милионска публика, како и спектаклот во Москва, по повод 850-от роденден на градот, каде присуствуваа неверојатни 3,5 милиони посетители.

Во густиот концертниот календар на Жан Мишел Жар годинава, исполнет со најголемите и најпрестижните светски концертни подиуми, успеа да влезе и Скопје, како една од ексклузивните станици што ќе ја имаат привилегијата да уживаат во неговиот сензационален перформанс наречен „Електроника“, чувствувајќи ги единствената енергија и емоции што произлегуваат од ова уникатно доживување.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *