Култура

Недела на шведскиот филм во Скопје

Во организација на амбасадата на Шведска во Скопје, од утре, 26 октомври па се до 29 октомври, ќе се одржи недела на шведскиот филм. Проекциите на филмовите ќе одвиваат во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Отворањето на неделата на шведски филм ќе стартува утре со почеток во 18 часот, со прикажување на филмовите „Сјатување“ на Беата Горделер и од 20 часот „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон.

Во текот на четирите дена ќе бидат прикажани 7 долгометражни филмови и 2 кратки филма. Помеѓу двете проекции публиката ќе има можност да продискутира за филмот и други сродни прашања во живо со режисерките Керин Екберг, Кристина Линдстром продуцентрката Лисаби Фридел, а преку скајп и со режисерките Беата Горделер и Аманда Адолфсон.

Во филмот „Сјатување“ станува збор за мало идилично место во Шведска во кое сите жители ќе се свртат против една нивна сограѓанка – 15-годишна девојка која тврди дека е силувана. Што кога колективот одбива да прифати срамна вистина? Дали тоа го менува животот на едно семејство или пак го растргнува ткивото на целата заедница? По прикажувањето на филмот ќе следи дискусија преку скајп со Беата Горделер. Од 20 часотќе биде прикажан филмот „Ние сме најдобри“ во кој, под режисерската палка на прочуениот Мудисон, се обработува приказната за три тинејџерки кои прерано треба самите да се грижат за себе додека родителите им работат, и кои и покрај тоа што немаат инструменти и сите им велат дека панкот е одамна мртов, ќе започнат свој панк бенд.

В четврток, 27 октомври, од 18 часот ќе биде прикажан филмот „Разделба“ на режисерката Карин Екберг, која ја документира разделбата на своите родители. Тоа е еден трагикомичен документарен филм кој ги разгледува прашањата за тоа како е да се прекине нешто што траело со години а веќе е мртво и да се посегне по нов почеток. Од 20 часот пак ќе биде прикажан филмот „Младата Софи Бел“ на Аманда Адолфсон во кој станува збор за две девојки кои се селат во Берлин, по што едната од нив, Алис, исчезнува. Трагајќи по неа, младата Софи ќе тргне на осамостојувачко патешествие низ Берлин преку кое ќе ги запознае многуте нијанси на животот. ПО филмот ќе следи дискусија преку скајп со режисерката Аманда Адолфсон.

 В петок 28 октомври, од 18 часот ќе може да се погледне документарниот филм „Астрид“ кој ја обработува животната приказна на креаторката на Пипи долгиот чорап – Астрид Линдгрен преку материјал кој досега не е публикуван, од нејзините преписки, нејзиниот дневник… по што следи дискусија во живо со режисерката Кристина Линдстром. Од 20 часот ќе биде прикажан „Круг“ – филм во кој шест девојки кои првпат се среќаваат, биваат споени од некоја мистериозна сила за да спречат и совладаат големо зло кое го зафаќа нивниот град. За да можат да ја извршат мисијата, тие ќе треба да научат како да ги надминат разликите и да делуваат заедно.
Програмата завршува во сабота, 29 октомври, кога од 18 часот ќе бидат прикажани два кратки филма „Планината“ и „Мачкиците ја имаат моќта“, по што ќе следува дискусија со продуценктата Лисаби Фридел, а финишира со епскиот филм „Турист/Виша сила“ на Рубен Остлунд кој ќе биде прикажан од 20 часот – филм кој прикажува приказна за едно богато шведско семејство кое на одмор ќе се најде во ситуација во која во себе ќе мора се соочи со човечки импулси и инстинкти за кои имаат презир. Во филмот за една од сцените се смета дека е најспектакуларните сцени на лавина.

Влезници за филмовите може да се набават директно во билетарата на киното „Фросина“ по цена од 100 денари.

Во рамките на овие денови, како дел од СНОВЕ 3 програмата, гостите режисерки и продуцентки од Шведска ќе се сретнат со македонските институции и организации кои работат на полето на афирмација и продукција на филмската уметност. Оваа програма цели да ги прикаже и поддржи жените кои работат во филмската индустрија. Второто издание се случи лани во Стокхолм, каде од Македонија, како дел од СНОВЕ 2 програмата гости беа Лабина Митевска и Марија Џиџева.

Оваа програма е поддржана и од Шведскиот Институт.

Повеќе информации и трејлери за филмовите може да се добијат на Фејсбук страницата на амбасадата, односно на следната страница:https://www.facebook.com/events/204359336662419/ 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *