Култура

„Оскар Вајлд: Олицетворение на дрскоста“, изложба во Париз посветена на познатиот автор

Ракописи, фотографии, слики, и лични предмети се составен дел на изложбата „Оскар Вајлд: Олицетворение на дрскоста“, што беше отворена вчера во Малата Палата (Petit Palais) во француската престолнина, Париз, прва од таков вид во чест на светски познатиот ирски писател кој починал во овој град.

oskar

Оскар Вајлд, кој течно зборувал француски и бил страстен франкофон, пребегнал во градот на светлината по отворената хајка кон него во Англија поради обвинувањата дека е хомосексуалец; овде и починал во 1900 година, на 47-годишна возраст. Неговиот гроб во Пер-Лашез денес е место за аџилак.

Сепак, за разлика од Лондон, Франција не ја одбележа стогодишнината од смртта на Вајлд, но сега одлучи да се искупи за пропустот. „Во Париз никогаш не била организирана изложба посветена на Оскар. Неговиот лик сега ќе биде поставен на сите метро и автобуски станици. Мислам дека Французите ќе бидат пријатно изненадени“, рече Мерлин Холанд, внукот на Вајлд и еден од кустосите на изложбата.

Ракописите на Оскар, неговите фотографии, слики и лични предмети собрани од приватни и јавни колекции од целиот свет, ќе ја раскажат приказната за авторот на книжевните ремек-дела „Важно е да се викаш Ернест“ и „Сликата на Доријан Греј“. Меѓу личните предмети е и коверт со прамен од коса од помладата сестра на Вајлд, Изола, која починала многу мала. „Оскар сам го украсил, кога имал 13 години, и го носел со себе до крајот на животот“, изјави Мерлин Холанд.

Тука е и сликата „Св. Себастијан“ на Гвидо Рени од 1615, каде е претставен римски војник мачен поради христијанската вера, згоднo полуголo младо момче избодено со стрели. Вајлд сликата ја видел во Џенова и пишува за „убавото момче, со кафеава коса и црвени усни, кого непријателите го врзале за дрво и иако прободен со стрели, тој го крева својот божествен страстен поглед кон Вечната убавина на небесниот рај“.

 Холанд потсетува дека Вајлд во егзил пишувал под псевдонимот Себастијан Мелмот. „Без сомнение тој се гледал себеси како некој светец маченик“, вели внукот на Оскар.

На изложбата ќе се најде и извадок од ракописот на „Важно е да се викаш Ернест“ и печатен примерок од истото дело со посвета на Оскаровиот верен пријател и прв љубовник Роберт Рос: „Огледало на совршено пријателство: Роби“. Ќе биде изложен и портрет од убавата Констанца Лојд, сопругата на Вајлд и мајка на неговите два сина, како и неговиот двојно помлад љубовник, разгалениот и вообразен лорд Алфред Даглас чиј прекар бил Боузи, а кој бил причина за неговата пропаст.

Таткото на Боузи, влијателен маркиз од Квинсбури, решил да го уништи Вајлд, покренувајќи тужба против него за „недолично однесување“, а судијата го осудил Оскар на две години затвор. Лондон му свртел грбот. Од најпознат викторијански писател преку ноќ станал најпознат викторијански кримналец. Неговото семејство после судскиот скандал емигрирало и го сменило презимето во Холанд.

Тешките услови во затворот му го уништиле здравјето на писателот. По издржувањето на казната живеел уште само 3 години, главно во сиромаштија. Не можел да одолее на уште една средба со Боузи, но нивниот заеднички живот во Франција и Италија траел многу кратко, поради негодувањата на нивните семејства.

Умрел во Париз од менингитис, без скршена пара. Интересно е што во Даблин и Лондон дури неодамна му подигнаа споменик на Оскар Вајлд. Во Лондон споменикот во 1998 година го откри британскиот секретар за култура Крис Смит, инаку деклариран хомосексуалец. Тој му се заблагодари на Вајлд што го дал својот живот за денес да заживее општеството кое ги толерира различностите. На споменикот се врежани зборови на Вајлд: „Сите ние сме во бездна, само некои гледаат во правец на ѕвездите“. Изложбата ќе биде отворена до 15 јануари.

Извор: queer.mk

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *