Култура

Излезе од печат вториот број на месечникот „Филм Плус“

Вториот број на првиот филмски месечник во Македонија, „Филм  плус“ излезе од печат.  Овој филмски месечник во ноемврискиот  број донесува  содржини на 48 страници од областа на филмот, меѓу кои: интервју со еден од најособените и најпровокативни американски автори, познатиот  Абел Ферара, интервју што беше направено на Филмскиот фестивал во Виена,  коментар за обезвреднување на македонските автори, филмски резенции за филмовите, црногорскиот, „Игла под прагот“ во кој игра Никола Ристановски а музиката е на Тони Китановски, српскиот, „Добра жена“ , дебитантски  филм на Мирјана Карановиќ, „Разгазена кал“ дебитантски филм на латвискиот режисер Ренарс Вимба,, потоа рецензија за унгарскиот филм  „Убиство на тркала“ .  Во овој број е е обработена темата за критиката, која е нејзината улога во едно општество и каде е местото на критичарот,  во услови кога зборуваме за редефинирање на вредносните критериуми. Тука е интервјуто со Верица Недеска Трајкова, потоа текстовите за неодамна одржаните филмски фестивали во Виена и во Солун. На страната резервирана за претставување на млад работник од филмот, во овој број е претставена професијата костимограф. „Минимализам и авангарда“  е насловот  на текстот  од областа на филмската музика, ноемврискиот број содржи филмски предлози за ноември и декември, тука се и рубриките, филм-класика, филм-во прво лице, во кое е претставена младата режисерка Тамара Котевска, рубриката „моите пет омилени филма“  и други содржини.

Промоцијата на првиот број на месечникот „Филм плус“  се одржа во  октомври . Иницијативата да се појави едно вакво печатено издание произлезе од неговата потреба, бидејќи недостигаа вакви содржини со години наназад, а го посакуваа сите оние што го сакаат филмот,  оние кои професионално се поврзани со филмот или се љубители на филмот.

Зошто печатено издание пишува Влатко Галевски во воведникот на вториот број на „Филм плус“:

„Печатена или сајбер демократија? Разликата е во целта. Целта е она за што зборуваме, а најчесто не го правиме. Сè се сведува на комуникациски сурогати на дружењето. Имено, со ФИЛМ+ сакаме да покажеме дека технолошкиот човек сè уште не го победил биолошкиот. Сакаме да сугерираме дека дијалогот во четири очи има поинаква вредност од СМС-пораките…. Претпочитаме работите да ги соопштуваме не од аспект на итноста, туку во име на вредноста. А, зошто на хартија? Зашто, нели, хартијата трпи сè!? Ама колку ли трпи напишаното на монитор? Повеќе од сè, или дибидус сè. Филмот евидентно е еден од најдинамичните медиуми на денешницата.Умешноста за неговото консумирање, е она што ФИЛМ+ сака да го покаже. Да покажеме дека брзината не смее да биде избрзување. Нашето „итање“ ќе има стратешки планирано темпо, како маратонско трчање, easy, largo, а сепак навреме. Секој месец. И, ќе се обидеме да го побиеме Марк Твен кога вели: „Новинарот е оној што го разликува вистинското од лажното…а сепак ја објавува  невистината.“ А додека има хартија, ќе има и печатење!“

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *