Култура

Школите бараат филм!? Не е се во парите, треба да се знае и како?

Факултативен предмет со секција би било идеално решение да се воведе филмското образование во средните училишта, само проблемот би бил како да се подготви кадарот.

suncica-film2

„Голем успех е што филмот беше меѓу осум проекти во Сараево, на пример Македонија којашто вложува 6 милиони евра секоја година во македонскиот филм,  во последните 10 години нема филм во конкуренција, но тоа луѓето не го знаат„  вели режисерот на филмот  „Игла под прагот“, инаку кандидат за „Оскар“ од Црна Гора,  Иван Мариновиќ, одговарајќи на новинарски прашања по премиерата на неговиот филм во Црна Гора. Споредбата со Македонија беше во контекст за нискиот буџет со кој располагал филмот па вели: „имавме среќа со снимањето, еден ден да паднеше дожд, целиот проект ќе пропаднеше, се надевам дека во следниот мој проект нема толку да ризикувам“. Успехот на неговиот последен филм ветува дека тој нема да ризикува во иднина. Дистрибутерите се грабаат за овој филм,  а  до следната година ова време, филмот ќе биде прикажан на околу 30 фестивали во светот.  

И навистина, луѓето во Македонија не ја знаат реалната состојба во која се наоѓа македонскиот филм, бидејќи во недостаток од било каква награда и признание,  почна учеството по филмските маркети да се прикажува како успех. Но проблемот за неуспехот на македонската кинематографија е многу подлабок, посуштински и е системски и треба да го бараме во едукацијата, во нашата способност да произведуваме квалитетни кадри, бидејќи состојбата е разочарувачка, кога станува збор за младите филмски автори и нивната едукација. Впрочем, дека едукацијата е мајка на се, зборува и нашата состојба во која се наоѓа нашето општество, зборува за нашата сервилност, за нашиот страв, за некритичност, за нашето „легнување на брашно“, за  неинвентивноста, за мислењето дека секој може да научи и да знае се без разлика на возраста, за нашата леснотија  на изреченото, „ќе  го биде, ќе научи “.  Но додека тој некој да научи, ние стоиме во место, што е еднакво со враќање назад. Состојбата во македонската кинематографија ова најубаво го покажува: имено, и покрај напорите и желбите на Министерството за култура и решеноста на нашата држава да го крене македонскиот филм, одделувајќи поприлична сума пари, сепак македонската кинематографија не направи филм веќе десеттина години, кој би влегол на некој фестивал во натпреварувачката програма, а да не зборуваме за освоени награди од филмски фестивали. Очигледно е дека не е се во парите, туку треба и да се знае и како да се направи! Напротив, парите не се доволни, ако отсуствува едукацијата и се нема знаење.

suncica-film-plus

Во овј текст ги пренесуваме мислењата на луѓето кои со нивната работа се вклучени во процесот на едукација или работат во областа на филмот. Нивните размислувања, идеи и сугестии одговараат на прашањето:  како да се подобри едукацијата кога станува збор за филмот и да се подигне филмската култура со воведување на филмско образование во средните училишта?

Секција или факултативен предмет – но кој ќе предава?

Стефан Сидовски,  професорот по Историја и теорија на филмот на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, смета дека факултативен предмет со секција би било идеално решение да се воведе филмското образование во средните училишта, само проблемот би бил како да се подготви кадарот којшто ќе предава.

  • Ова е системско и комплексно прашање и треба да се види каде е проблемот, дали е во незаинтересираноста на нашите министерства, Министерство за култура и Министерство за образование или пак е проблемот во парите, вели Стефан Сидовски, професор и автор на голем број аматерски филмови во неговата долгогодишна работа.  

Филмско образование може да се спроведе во средните училишта преку  секции или  да биде факултативен предмет, да им се даде можност учениците да бираат. Тука ќе се јави проблемот со кадарот. Ние немаме оспособен кадар кој ќе предава на учениците. Би требало на Ефта, ФЛУ и на Штипскиот факултет да се воведат предметите Методика на настава по филмска уметност и Историја со теорија на филмот, за факултетите да произведуваат наставен кадар, како што тоа го прават факултетите за  ликовна и музичка уметност.

Во нашите училишта, преку македоскиот јазик е предвидено да се држат по 4 часа предавање за филм во основните училишта. Но, сметам дека најубаво е  да се види како тоа е направено во другите земји: Франција, Германија, Италија. Дали тоа е решено преку изборен предмет или постојат секции, кои се тие што предаваат, каде се образуваат? Пред десеттина години режисерот Ким Вендерс даде оглас во Европската Унија да се воведе филмот во средните училишта!

 Инкау, ова прашање треба да го постават постоечките академии за уметност и филм, Министерството за образование и Министерството за култура.  Тука се и Друштвото на филмските работници и Агенцијата за филм кои треба да се запрашаат зошто нема филмска публика и за кого се снима филмот? Не може без публика!

Емилија Ристановска професор по музичко образование во СУГС „Никола Карев“, смета дека постои реална потреба за воведување на филмската уметност во гимназиското образование.

  • Ја поздравувам иницијативата за воведување на предметот филмска уметност во средното гимназиско образование и потенцирам дека има реална потреба за имплементирање на истата  во веќе постоечкот образовен  концепт одобрен од Министерство за образование и наука.

Во овој момент, во гимназиското образование постои јазично-уметничка Б  насока, која ги третира/изучува следниве уметности: во трета година-музичка и ликовна уметност со 2 часа неделно и во четврта година – музичка, ликовна уметност (два часа неделно) и драмска уметност со 3 часа неделно. Иако од лично искуство сметам дека и овој број на часови не е доволен, сепак овие три уметности постојат во наставниот план и програма.

 Би сакала да потенцирам  дека оваа насока првенствено е уметничка и  изоставувањето на предметот филмска уметност како задолжителен, ја  ускратува можноста  и правото  на учениците за комплетна едукација.

Голем процент од учениците од ова подрачје во иднина се запишуваат на Факултетот за музичка уметност, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за драмски уметности и мислам дека сама по себе се наметнува потребата  за воведување  и изучување на минимум два нови предмети кои ќе бидат од голема важност за целокупниот образовен процес. Тоа е предметот Филмска уметност и Естетика. како дел од предметите во Јазично уметничко-Б.

suncica-film1

Киријана А. Николоска, директор на „МакеДокс“, Фестивал на креативен документарен филм, смета дека филмското образование би требало да се организира преку филмски клубови и да се користи како наставно средство во скоро сите предмети, особено во изучувањето на општествените науки, уметностите и јазиците.  

  • Филмската уметност треба да се негува и да се изучува. Но мислам дека е целосно нецелисходно да бараме воведување на задолжителен предмет кој ќе се вика филмска култура или писменост а  ќе се спроведува како осми или деветти час во денот, во училница без проектор и без можност да се затемни. Филмската уметност мислам дека треба да е многу поприсутна во неформалното образование и да се осознава и истражува во неформална средина и повеќе низ пракса отколку теорија.

Тоа не значи дека не треба да е дел од формалното образование, но сметам дека е поцелисходно доколку се пренесува во форма на филмски клубови во училиштата а да се користи како наставно средство во скоро сите предмети во основното и средното формално образование а особено во изучувањето на општествените науки, уметностите и јазиците.  

Формалното образование денес се соочува со многу голем предизвик: да фати чекор со брзите општествени, технолошки, економски, информациски и глобализациски текови и да ја задржи образовно-воспитната функција која се’ повеќе ја губи. Ова е проблем на глобално ниво.

Мислам дека е императив во образовниот процес репродуктивното пренесување на информации и знаења  да се трансформира во процес на искуствено осознавање. Да се пренесуваат, стекнуваат и канализираат релевантни и „здрави“ информации, знаења, ставови и вредности со негување на критичкото конзумирање.

Филмот како аудио-визуелен медиум или како уметничка форма може да биде моќно средство во овој процес и сметам дека сите „протагонисти“ во образованието на младите: и институциите и граѓанскиот сектор и медиумите и секако семејството како најважен протагонист треба да го искористат неговиот потенцијал.

МакеДокс веќе седум години континуирано, стихијно и систематски ја гаи филмската  култура со креативни документарни филмови во скоро сите сфери од образованието: неформалното и формалното, индивидуалното и колективното, во урбаните и руралните средини на младата и возрасната популација.

Александар Давидовски, професор по предметот Вовед во право во СУГС „Никола Карев“ смета дека филмот треба да биде составен дел  во наставата и барем 5% од вкупниот број на часови да се покриваат со филмови што се однесуваат или се блиску до определената област.

  • Постои оправдана причина за воведување на елементи од областа на филмската едукација во гимназиите како дел од средношколскиот образовен систем. Јас би се фокусирал на дел од наставните планови и програми во рамките на предметите    македонски јазик и литература, музичко образование и ликовно образование. Во овие предмети би можеле да се изучуваат елементи од историјата на филмот и вкупното значење на филмот како индикатор и предвесник на општествените случувања.  Во гимназиското образование се предвидени  сет на  предмети   од областа на економските и правните науки, тука е реална основата филмот да се изучува како економски феномен,  а од правен аспект да се разгледуваат авторските права  на актерите,  режисерите и останатите..

  Секако за подигнување на општата култура на учениците пожелно е секој предмет да биде покриен со барем 5%  од вкупниот број на часови со филмови што ја покриваат или се блиску до определената област, вели Александар Давидовски.

Гордана Блажевска

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *