Култура

Тони Димков: „Каде што има насилство на духот, нема место за култура“

Тони Димков е новинар од културата кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија, пишува cooltura..Во повеќе од 25-годишната работа во оваа област професионално бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми, како Македонска телевизија, неделните списанија „Глобус“, „Граѓански“ и „Форум“, дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, месечните списанија „Арт Република“ и „Лајф магазин“. Од почетокот на 2014 година ја подготвува рубриката за култура во интернет-порталот „МКД.мк“. Димков важи за еден од мајсторите на интервјуто, а минатата недела ја промовираше неговата прва книга „Зборот остава траги“ составена 21 антологиско интервју. 

„Не можете со еден соговорник секоја недела да правите интервју. Некогаш тоа ќе се случи само еднаш во животот. И затоа таквата ситуација треба да ја искористите најдобро што знаете и низ 15-тина прашања да ја раскажете целата приказна на соговорникот. Тие прашања не смеат да бидат случајни, туку добро обмислени и конципирани за да ве донесат до вистинските одговори“ – потенцира Димков одговорајќи на прашањето – што е клучно за добро интервју? .

Како беше направена селекцијата на интервјуата, тешко ли беше да се одлучи кое од нив навистина остава трага? Што беше пресудно – одговорите или соговорниците?

– На почетокот пресудна улога имаше иницијативата на Павлина Аџи-Митреска Лазаревска од издавачката куќа „Магор“, која, познавајќи го мојот начин на работа, ми предложи да соберам одреден број текстови и интервјуа што би биле објавени во книга. Помина извесно време пред да почнам да ’копам‘ низ архивата што ја имав зачувано на различни УСБ-а и преносни хард-дискови. Тогаш првпат се соочив со бројноста и ’тежината‘ на интервјуата што сум ги направил работејќи во повеќе неделни и месечни списанија, како „Граѓански“, „Глобус“, „Форум“, „Лајф магазин“, „Арт Република“. Првата селекција содржеше 60-тина интервјуа, за, откако ми беа дадени параметрите за книгата, изборот да се задржи на 21 интервју што се објавени во „Зборот остава траги“.

Имајќи предвид дека денес не постои ниту едно од списанијата во кои сум работел посакав во друг формат да остане трага од нивната егзистенција, со тоа и трага од мојата работа, а преносно и трага од дејноста и биографиите на соговорниците во интервјуата. Околу изборот, за првата книга си дозволив повеќе да ме водат емоцијата и интуицијата. Пресудни беа и одговорите и соговорниците, со тоа што селекцијата опфаќа и текстови кои се направени врз основа на интервју лице в лице, а трансформирани во мали есеистички етиди. Сепак, најголем дел содржината на книгата се класични интервјуа направени во одреден клучен момент на уметничката дејност на соговорниците.

Интервјуто е еден од најкомплексните новинарски жанрови, што е клучно за добро интервју?

-Комплексноста на жанрот произлегува од длабочината на неопходното познавање на соговорникот и областа на дејствување од која потекнува. Не е можно да се направи добро интервју ако добро не го познавате соговорникот, а површно ја познавате и областа. Обратно е. Во мојата книга објавив интерјуа со соговорници со кои сме во професионална комуникација по десетина и повеќе години, а интервјуто сме го направиле во момент кога сум почувствувал дека има некаков значаен повод или кулминација во нивната работа. Познавањето на областа воопшто не смее да биде доведено во прашање. Што е тежината на жанрот? Не можете со еден соговорник секоја недела да правите интервју. Некогаш тоа ќе се случи само еднаш во животот. И затоа таквата ситуација треба да ја искористите најдобро што знаете и низ 15-тина прашања да ја раскажете целата приказна на соговорникот. Тие прашања не смеат да бидат случајни, туку добро обмислени и конципирани за да ве донесат до вистинските одговори.

25 години си дел од македонската културна сцена, нејзин верен придружник и хроничар. Каква е таа денес, што можеш да пофалиш, а што можеш да искритикуваш?

– Културната сцена има своја постојана динамика. Уште од моите почетоци со новинарската работа одев на Млад отворен театар, на Скопје џез фестивал, на Синеастички вечери, на концертите во МКЦ (тогаш Дом на млади „25 Мај“), на ликовни изложби, промоции на книги, на концертите на Македонска филхармонија во Театарот Центар (денес „Театар Комедија“)… истите културни настани се случуваат и денес, но културната понуда е далеку побогата и речиси во текот на целата година има колаж од нови фестивали и манифестации кои, едноставно се надоврзуваат едни на други. Од една страна е добро што имаме толку богат културен живот, што навистина е за пофалба, но од друга страна веќе не е можно да се биде присутен на сите настани. Критиките нема да ги упатам до уметниците, туку до состојбите во новинарската фела, бидејќи од ден во ден се намалува бројот на новинарите што се занимаваат со следење на културата, некаде згаснуваат цели редакции за култура. Таквата состојба воопшто не е во релација со фактот што културата и традицијата се најзначајните брендови што ја претставуваат Република Македонија во Европа и во светот.

Културата е на последните страници од весниците, списанијата, во неколку секунди од вестите, емисии за култура скоро и да нема….како го оценуваш ова?

– Имав среќа да работам во „Граѓански“, каде културата беше поставена во првите 30-тина страници. Мислам дека тогаш ги направив најубавите интервјуа, а дел од нив сместив во книгата „Трагите на зборот“. Но, ретки се уредниците од калибарот на Миле Јовановски. Културата е на последните страници и во последните секунди поради лоши и неинвентивни уредувачки политики засилени со некадарни уредници. Затоа се намалува бројот на новинарите во редакциите за култура, а се зголемува бројот на страниците на кои своите ’големи мисли‘ во форма на колумни ги изложуваат разно-разни ’експерти за сѐ и сешто‘. Дневната политика, поддржана и од политичарите и од политичките новинари, успеа да влезе во нашите животи не затоа што сакаме, туку затоа што мораме да ги трпиме поради нивното дејствување од позиција на моќ. А каде што има насилство на духот, сигурно нема место за култура.

Автор: Александра Јуруковска

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *