Култура

Критиката денес е медиумско сираче

Последниот избор за претседател на САД, го покажа тоталниот медиумски пораз на сите мејнстрим тв куќи и весници, наспроти победата на сеуште слободниот интернет и социјалните мрежи преку кои всушност Доналд Трамп ги доби овие избори. Ова е еден од многуте коментари и анализи што се појавија во пост-избирачката еуфорија а којашто зборува за се поголемата улога што ја презема интернетот со сите нуспојави што произлегуваат од него, а што ја допира и нашата тема на овој напис: за критиката и општеството и нивниот интерактивен однос и сите прашања што следствено произлегуваат од него: каде се изгуби критиката, која е нејзината општествена важност и тежина што треба да ја поседува, кој се јавува во улога на критичар, дали денес имаме издржана критика? Критиката речиси потполно изостанува во  нашите печатени медиуми и телевизиите и, додека овие речиси ја отпишаа, интернетот се уште не ја запишува, барем не во форма каква треба таа да биде: издржана, со рационални информации, критика што треба да анализира, едуцира и поттикнува.

1a

-Критиката денес неповратно го измина патот од некогаш повластен јавен арбитер на вредности до медиумско сираче – чиишто повремени пројави, од една страна се се повеќе инцидентни и кратки по обем, а од друга страна малициозно толкувани, низ призмата на „заемна кастрациска завист“, што им се припишува меѓу писателите и критичарите, д-р Елизабета Шелева, литературна критичарка и теоретичарка, професорка на Филолошкиот факултет во Скопје. (Објавено во Апстракт на Меѓународната научна конференција на тема „Критика и молк: читање на македоснката литература и култура)

Дека никој денес не ги есапи критиките зборува истражувањето на Јасмина Мојсиева-Гушева со наслов „Комуникативната вредност на критичката мисла“ каде наведува податок дека критиките делуваат само кај четири проценти од уметниците, во нивната промена на ставовите. Критиката денес не е доволно впечатлива, односно 48% од критиките се оценети како впечатливи, наспроти 52% кои се невпечатливи. Во 71% критиката е празна а 48% од критиките содржат непрецизно искажување. Денес, критиката „опстојува“ во една изместена општествено регулирана вредносна ситуација и наместо издржана критика, на сцена се плиткоста и леснотијата со кои се критикува, постои изместеност на вредносниот систем, се наведува во ова истражување.

Во општество какво што е нашето, газдите на медиумите најчесто по нивното убедување припаѓаат на некоја политичка опција. Следствено на ова медиумите се претворени во пропагандни машини, а критиката е изгонета и речиси да ја нема.

Оливера Ќорвезироска македонска писателка и критичарка, вели дека книжевната критика не е единствената жртва во ова време на подмолна и зла војна со системот на вредности.

  • Ние не знаеме дали книжевната критика е мртва или жива, затоа што е прогонета и не можеме да ја видиме. Ја нема во весниците, ја нема во списанијата. Всушност, ги нема ниту списанијата. Треба првин да ги вратиме нештата на планот на видливост и присутност, па потоа да видиме какви се.

Денес, се почесто зборуваме за  комерцијализација на едно уметничко дело и негова лесна достапност на интернет, па оттука и за неговата пазарна, наспроти  уметничка вредност. Кој ги етаблира вредносните критериуми според кои се критикува?

Марина Костова, филмска критичарка и членка на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, вели дека Македонија има сериозен општествен проблем оти нема критичка мисла за ништо, па ни за уметност.

-Тоа е проблем што изминативе 25 години се продлабочува и сега е прилично длабок. Оттука, не е чудно што нема ни музичка ни ликовна ни литературна ни филмска критика во медиумите, оти во повеќето медиуми нема ни културна рубрика, а таму каде што ја има сведена е на дневно информирање за настани, што често е препис на ПР информациите што стигнуваат до редакциите. Нема проблемски третман на културната политика, ниту критички третман на творештвото.

-Ова е само екстензија на континуираното дилетантизирање на сите професии, па и на стручната уметничка критика воопшто и на филмската критика потесно. Професионална филмска критика значи професионално следење на филмската уметност – од следење на продукцискиот процес на создавање на филмот, преку светските филмски фестивали до критичката размисла за делото. Можност за таква професионална активност и надградба не нудат редакциите ниту пак други културни институции. Извесните куси „натпревари“ за пишување филмска критика на некои домашни локални фестивали на пример, се само фестивалски гег, и не можат да заменат ни едукација ни професионален ангажман.

-Јасно, постоење на специјализирани филмски и други уметнички списанија што ќе излегуваат редовно и почесто од еднаш годишно ќе ја пополни донекаде дупката. Особено, дупката ќе ја пополнат професионални онлајн специјализирани уметнички/филмски портали во кои професионалната и стручна критика ќе биде составен дел од содржините. Но, сепак, тоа ќе биде закрпа, вистинската критика ќе се врати  тогаш кога во медиумите ќе се врати и културната рубрика, вели Марина Костова

-Едно мораме да сфатиме: молкот на критиката не е само просто отсуство на критичкиот дискурс, туку и немоќ и неснаоѓање во новата духовна ситуација која е многу комплексна, и бара нови пристапи во една општа релативизација на вредностите. Токму затоа и молкот на критиката е толку гласен, бидејќи е дел од една глобална поделба на молкот која е всушност празнина, отуство на моќта да ги согледаме новите услови, вели Данило Коцевски книжевен критичар, раскажувач, романсиер, драматург и поет.  (Објавено во Апстракт на Меѓународната научна конференција на тема „Критика и молк: читање на македоснката литература и култура)

Релативно лесната достапност на едно уметничко дело или производ на интернет, филм, литература, музика  и тн. ја преселија и критиката на овие интернет мрежи во форма на забелешки, критизерство, несогласување а улогата на критичарите ја присвоија блогери, самопрогласени критичари или најпосле секој што ќе посака!

Се расеа ли литературата низ социјалните мрежи или покажув граѓанска/културна непослушност, масовно излегувајќи од кориците и книжарниците? Ако книжевноста се префрли на „ѕидовите“ на Фејсбук, критиката ќе се сведе на полето за коментар? Зошто да не! Барем, брзината и на едното и на другото е импозантна. Барем нема молк! – вели Оливера Ќорвезировска.

Кога зборуваме за филмската критика којашто би требала да го вреднува филмското творештво, денес таа, сѐ повеќе, филмовите во медиумите ги третира како настани, а не како содржини.

„Денес, во ситуација кога се консумираат главно само штотуку произведени филмови, публиката е предизвикана од агресивниот маркетинг, а не од естетските дострели на филмската уметност… – Христо Петрески во хрестоматијата  Македонска филмска критика

Младиот филмски критичар Мартин Чалакоски, по професија дипломиран правник, зборувајќи на оваа тема, почнува со мислата на Жан Пол Сартр: „Секој збор со свoja последицa. Секој молк, исто.”

Интересното е што, оваа симплифицирана аналогија е апликабилна за секоја политичко, економска и културна интеракцијa во секое општество, дури и во едно каде искреноста и интегритетот не се темелни воспитни вредности, каде не се негува критичката мисла, а поимот самокритичност е речиси фосил, општество во кое искрениот збор е некажан, а кажаниот нечуен, каде нема интеракција, нема конструктивизам, нема динамика. Општество во кое не постојат огледала ниту рефлексии и секој секое утро својот израз си го гледа во една иста фотографија на своето проектирано идеално Јас, вели Чалакоски

Во услови на изместени вредности кога квалитетот на едно уметничко дело е дискутабилен, кога речиси и да не постои критична маса, се раѓаат дела од „сомнителни“ автори.

– Никогаш не било полесно ниту да се објави, ниту да не се објави книга во Македонија. Да се објави, доволно е да одвоите еден просечен личен доход и да си изберете издавач, речиси нема таков кој би ве одбил. И да си објавите буквално што си сакате. Да не се објави, доволно е да конкурирате во Министерството за култура и без образложение да бидете одбиени. Критиката која треба да чекори зад објавените книги и ракописи, постојано е напред-назад, не можејќи да најде каде треба да застане. – вели Оливера Ќорвезироска.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *