Култура

„Ослободување на Скопје“ не е повеќе во трката за „Оскар“

Филмот на Данило и Раде Шербеџија, „Ослободување на Скопје“ отпадна во трката за Оскар. Во трката за оваа награда  за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, во конкуренција се најдоа 85 филмови од кои после првата селекција останаа девет филмови од кои ќе се избере најдобриот филм на 89. доделување на наградите на Филмската академија.

Во потесниот избор влегоа филмовите: „Тана“ , во режија на Бентли Дин, „Тоа е само крајот на светот“ во режија Ксавиер Долан, „Земја на мини“, режија Мартин Зандвлиет, „Тони Ердман”, режија Марен Аде, „Продавачот“ , во режија  на Асгар Фаради, „Изборот на кралот“, во режија Ерик Попе, „Рај“, во режија на Андреј Кончаловски, „Човекот по име Ове“,  режија Ханес Холм и „Мојот живот како тиквичка“ во режија на Клод Барас.

Филмот „Тони Ердман“ на Европските филмски награди ги освои наградите во сите категории во кои конкурираше, за најдобар европски филм, за режија, актери,  (Питер Симонишек и Сандра Хулер) и сценарио. Семејната драма на Долан „Тоа е само крајот на светот“, ја освои Гран при наградата на Канскиот фестивал годинава. „Продавачот“ на Фаради ги доби трофеите за најдобар актер и сценарио во Кан. „Разделба“ на Фаради освои „оскар“ за најдобар странски филм во 2012 година, и е прв ирански „оскаровски“ филм. „Тана“  ја освои наградата на публиката „Пјетро Барзиса“ на Меѓународен филмски фестивал во Венеција 2015. „Изборот на кралот“ е филм базиран на одбивањето на норвешкиот крал да ја предаде Норвешка на нацистичка Германија.

„Човекот по име Ове“, во кој настапува Ролф Ласгард како депримиран мизантроп чиј живот се менува кога мигрантско семејство се доселува во соседната куќа, заработи повеќе од 20 милиони долари на шведските киноблагајни. Филмот „Земја на мини“, со кој беше отворена натпреварувачката секција „Платформа“ во Торонто, зборува за група млади германски воени затвореници кои се принудени да ги деминираат данските плажи по поразот на Оската. Филмот ја доби наградата за кинематографија за Камила Хјелм Кнудсен на Европските филмски награди.

„Мојот живот како тиквичка“ е кадар по кадар анимиран филм кој беше прикажан во делот „Режисерски две недели“ во Кан и неодамна доби три номинации за „Ени“. Филмот, поставен во сиропиталиште, ја доби наградата за анимиран филм на Европските филмски награди и потврдување за „Златен глобус“ оваа недела. Филмот „Рај“ на режисерот Кончаловски доби „Сребрен лав“ за најдобар режисер во Венеција. Филмот ги истражува односот меѓу аристократски затвореник во концентрационен логор и офицер на СС. (Вараети)

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *